Македонија
(Видео) Николовски: Буџетот за земјоделството се намалува за 15,7%, програмата за рурален развој за 10 пати
Производството на храна и секторот земјоделство, се сектори кои се битни за сите граѓани и во кои не смее да има поделби, за кои мораме да се усогласиме дека навистина ги таргетираат сите граѓани и за кои треба да анализираме, да дискутираме сериозно, а не да зборуваме за се и сешто, а најмалку за тоа што се факти и аргументи, истакна пратеникот на СДСМ Љупчо Николовски, во рамките расправата во собраниската комисија за финансирање и буџет.
Николовски нагласи дека треба да се продолжи со добрите политики, со реализација на започнатите проекти, но и да се обезбеди што поголема поддршка на производителите.
Во предложениот буџет, за жал, буџетот за земјоделство, шумарство, лов и риболов за разлика од 2023 и 2024 се намалува. Споредбено со последниот ребаланс, овој буџет се намалува за 15,7%, нагласи Николовски, додавајќи дека намалувањето се должи, пред се на драстично намалување на инвестициските програми, програмата за рурален развој, а има исто ниво на пари за директни плаќања, што значи дека нема за поголеми субвенции, што тутунарите многу добро го видоа, дека не само што нема зголемување, туку има намалување.
Николовски нагласи дека има огромно кратење кај инвестициските програми за малите производители, како најуспешна, сосема нова политика, во чии рамки денес има регистрирани 4.000 производители на храна, а пред 3 година беа 0.
Оваа програма за рурален развој се намалува за 10 пати. Во 2023 за оваа програма се обезбедни 850 милиони денари, а за 2025 година 150 милиони денари, што е намалување над 80%, иако претставува вистинска поддршка на малите производители, потенцираше Николовски, додавајќи дека намалувањето на капиталните расходи е спротивно на политиките на ЕУ, каде што трендовите говорат дека програмата за рурален развој, е најголема и опфаќа над 40% од буџетот.
Николовски нагласи дека нема нова мерка и политика што земјоделците можат да ја очекуваат наредниот период, сите програми се воведени од претходната влада.
За пет месеци нема јавен повик од програмата за рурален развој, преку платежната агенција, а има пренесени обврски од претходната година кои земјоделците ги инвестирале и ќе бараат поврат, а во 2025 со овие средства не се покрива ниту една мерка, да бидат исплатени земјоделците за претходната година, нагласи Николовски.
Тој истакна дека руралната програма е многу битна за младите земјоделци, за набавка на добиток, нова механизација, но и за инвестиции во проекти на општините.
„Многу галама се крева во јавноста, околу тие проекти за општините, колку биле 250,100 милиони евра, а гледаме дека ни 60 милиони не се склучени, а камоли да бидат реализирани, а тоа со заеми, камати, кои и не знаеме ни колку ќе бидат, а со оваа програма за рурален развој во последните 4 година, без денар заем, имаме реализирано 204 проекти, водоводи, канализации, културни домови, плоштади, театри, се она што ќе финансира од заемот од Унгарија, сега со заем“, истакна Николовски.
Тој прецизираше дека со оваа програма, секоја општина рамномерно има добиено 3 или 4 проекти, во вкупен износ од 49 милиони евра, коишто веќе се исплатени.
Само преку оваа програма што денеска се крати од 850 на 150 милиони годишно, претходната влада реализира 204 проекти во последните 4 години и тоа и преку една програма за рурален развој, за којшто ако бевме паметни, ЕУ ни нуди до 2030 година една милијарда 147 милиони евра токму за оваа програмата, грант, фондови, неповратни средства и наместо тоа ние одбираме да се задолжуваме, да ги задолжуваме следните генерации, нагласи Николовски.
Во однос на системите за наводнување, за кои владата најавуваше дека ќе и бидат приоритет, Николовски рече дека и тука средствата се намалуваат.
Николовски нагласи дека несериозно е што се намалува и ИПАРД поддршката.
Тој ги повика пратениците од мнозинството да ги поддржат амандманите на СДСМ, со кои се исправаат политиките кои повторно ќе бидат и во интерес на владата, на граѓаните и на државата.
Земјоделците ги интересира зошто е скратена програмата за рурален развој за 10 пати, зошто е скратена ИПАРД програмата, земјоделците ги интересира дали ќе добијат авансна исплата до крајот на годината, ги интересира зошто нема ни една нова мерка и политика, зошто се копираат сите мерки, коишто беа спроведени во претходниот период, а да не правиме споредба што е направено во првите 100 дена во 2017 и што е направено сега, истакна пратеникот на СДСМ Љупчо Николовски, пред собраниската комисија за финансирање и буџет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

