Македонија
(Видео) Николовски: Визијата на Трајковски за евроинтеграцијата, членството во НАТО и грижа за граѓаните денес се остварува
Делегација на Владата составена од заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска присуствуваа во Ротмиље, Босна и Херцеговина, на одбележувањето на 17-годинишнината од смртта на претседателот Борис Трајковски.
На положувањето цвеќе на спомен-обележјето вицепремиерот Николовски истакна дека Трајковски ќе остане запаметен по неговите заложби и вредности за мир, единство и европска држава, а неговата визија за евроинтеграцијата, членството во НАТО и грижата за граѓаните денес се остварува.
„ И по поминати 17 години од смртта на претседателот Трајковски, неговите заложби и вредности за мир, единство, за интегритет, за европска држава се сè уште свежи. Секогаш ќе го паметиме како човек кој имаше визија за успешна Македонија, како човек кој беше умерен реформатор и миротворец. Секогаш ќе остане запаметен и по неговата клучна улога како предводник на дијалогот за мирно решавање на конфликтот во 2001 година, со кој се стави крај на оружените дејствија и се спречи тенденцијата за граѓанска војна во државата.
Со голема умереност во етничкиот дијалог, расправајќи за поголема вклученост на етничките Албанци, претседателот Трајковски одигра клучна улога во решавањето на конфликтот, како и во процесот на помирување и склучувањето на Охридскиот рамковен договор.
И денеска овде, во Мостар, на спомен-обележјето ги продолжуваме неговите заложби и го потврдуваме големото пријателство помеѓу Северна Македонија и Босна и Херцеговина.Северна Македонија денес е пример за држава што има успешна регионална соработка и добрососедски односи. Создаваме едно општество за сите, а владеењето на правото и демократските односи и вредности се нашиот врвен приоритет.
Горди сме што го имавме за претседател на нашата држава, горди сме што придонесе за нашата земја да биде на вистинскиот пат, и што успеавме да ги исполниме неговите ветувања“, порача Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

