Македонија
(Видео) Николовски: Владата крие документ во кој Бугарија ги условува преговорите
Скандал од невидени размери е документот кој Никола Димитров под патронат на Владата на Заев и Спасовски го кријат од јавноста, а со кој Бугарија отворено го условува датумот за преговори. Македонија има нов голем проблем во нејзините европски интеграции, обвини потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски.
„Од Македонија се бара да се откаже од македонско малцинство, а со тоа и од именувањето на македонскиот народ како македонски, затоа што малцинствата во соседните држави е нераскинлив дел од македонскиот народ, како и да се откаже од македoнскиот јазик и да користи само т.н. ‘службен јазик на Република Македонија’, исто така ќе мора брзо да работи со комисијата за историски прашања ако Македонија сака да продолжи со преговорите со ЕУ, помеѓу другото се вели во документот кој стана дел од резимето на заклучокот за проширување на ЕУ и без кој нема датум за преговори за Македонија. Со имплементацијата на одредбите на овој документ се условува одржувањето на првата меѓувладина конференција за конечното дефинирање на преговарачкиот пакет за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ“, изјави Николовски.
Ако го прифати ова македонската влада по сменетото име, според Николовски, ќе треба да се откаже од македонско малцинство, од македонскиот јазик, а и од голем дел од македонската историја.
„Со цел овој документ да не се крие од јавноста денес го презентирам пред сите вас. Во заклучоците на Советот на Европската Унија јасно стои дека изјавата на бугарската делегација е составен дел од одлуката, а истата исто така ја приложувам содржината на овој понижувачки документ. Сè со цел, да нема криење еве го јавно пред сите. Со ова Зоран Заев, Никола Димитров, Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска влегуваат во проект за редефинирање, односно создавање на новата т.н. севереномакедонска нација и целосно откажување од сè што е македонско“ нагласи тој.
„Огромен скандал е што за ова молчи и Стево Пендаровски, кој по неколку недели излезе со став во македонската јавност целосно релативизирајќи го овој скандал, цитирам дека изјавата го истакнува ставот на една земја, а не на заедничкиот став на ЕУ. Ова е целосно погрешно бидејќи од пред некој ден овој услов на источниот сосед стана дел и од официјалните документи на ЕУ, коишто ги приложувам со овој прес. Второ што сакам да го нагласам е да не се релативизира овој неуспех. Затоа што и претходно овие исти ликови не убедуваа дека спорот за името беше билатерално прашање кое еве како што гледаме како заврши на штета на Република Македонија. Трето и не помалку важно, претседателот на државата има ингеренции во надворешната политика. Прашањето е зошто тој со недели молчел за овој документ. Ако знаел тогаш зошто не превземал нешто. Ако не знаел тогаш зошто и кој го криел тоа од него? Овие се прашања на коишто очекуваме одговори од Владата и од претседателот на државата“, истакна Николовски.
Тој додаде дека членството на Македонија во ЕУ е стратешки приоритет број еден, желба на огромно мнозинство на македонскиот народ.
„Ние можеме и ќе станеме дел од ЕУ. Можеме тоа да го направиме достоинствено, а не понижени. Промената на криминалците и кариеристи од власт и еден чесен и патриотски тим може да ја направи Македонија партнер кој ќе биде ценет. Тој тим ќе гради добрососедски односи на рамноправна основа и заемно почитување, а не понижување“, заклучи потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Да не се потпаѓа на шпекулации, Македонија продолжува со дијалог, велат од Транспорт за проблемот со превозниците
Министерството за транспорт апелира да не се потпаѓа на шпекулации и секаков вид непроверени информации кои може да наштетат на дијалогот, а особено не на шпекулации од соседните држави. Секоја држава одлучува за себе, Македонија продолжува со дијалог за трајно решение, соопштија од Министерството по најавата на балканските превозници за нови блокади на границите.
„Во врска со престојот на превозниците во Шенген зоната би сакале да информираме дека во координација со Европската Комосија се работи на трајно решение. Ресорните министерства изминатиот период се во интензивна комуникација со ЕК со цел да се изнајде трајно решение. Министерството за транпсорт е во постојана комуникација со превозниците, како и со Европската комисија со цел изнаоѓање решение во рамки на новата визна стратегија која ја промовираше Европската Унија каде што се отвора можноста возачите да бидат третирани како професионалци како и можностите за друг вид визи“, соопштија од Министерството.
Од таму потенцираат дека е најавено одложување на примената на ЕЕС системот и дека активно сите чинители работат на решавање на овој проблем.
„Дијалогот со Европската Комисија е активен и сите можности се разгледуваат од страна на техничка работна група составена од сите ресорни министерства и претставници на Европската Комисија. Во следниот период разговорите продолжуваат со засилена динамика со цел наоѓање трајно решение кое е прифатливо за сите страни“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
Законот за пушење следната недела пред Владата – фазната имплементација не значи одложување, појаснува Министерството за здравство
Министерството за здравство соопшти дека останува целосно посветено на донесување и имплементација на Законот за заштита од пушење, согласно законските рокови.
Во моментот, како што велат од Министерството, се финализира анализата на пристигнатите коментари од јавната расправа на ЕНЕР, како и ставовите доставени од засегнатите страни, институциите и бизнис заедницата, по што следната недела финалната верзија ќе биде доставена до Владата.
„Потенцираме дека овие усогласувања не ја менуваат суштината на законот. Целите остануваат јасни и непроменети: спречување на започнување со пушење кај младите и создавање генерации без никотинска зависност, заштита на работниците и граѓаните од пасивно пушење во затворени јавни и работни простории.
Во однос на наводите за „фазна имплементација“, појаснуваме дека тоа не значи одложување на неговата имплементација по усвојувањето во Собранието. Законот ќе стапи на сила по неговото донесување согласно законските рокови. Фазноста се однесува на начинот на примена во почетниот период, при што првата фаза ќе биде со засилен надзор, информирање и опомени. Целта е институциите, угостителите, и граѓаните да се адаптираат, да добијат јасни упатства и поддршка, а културата на почитување на правилата да се изгради одржливо на долг рок“, велат од Министерството.
Се додава дека остануваат отворени за комуникација и навремено информирање на јавноста за секој следен чекор од процесот.
Македонија
Герасимовски: Го чуваме редот и јавниот простор во Центар, 86 казни за непрописно паркирање за три дена
Комуналните инспектори и комуналните редари на општина Центар претходната недела изрекоа вкупно 86 казни за непрописно паркирање на јавни и зелени површини, од кои досега 24 се платени.
Контролите се фокусирани на подрачјата на Дебар Маало и Градски ѕид, каде најчесто се евидентираат вакви прекршоци. Засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период, известуваат од општина Центар.

На секое непрописно паркирано возило се остава известување за сторен прекршок, а казната изнесува 50 евра, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на Општина Центар. Доколку прекршочниот платен налог се подигне и се плати во рок од осум дена, сторителот има можност да плати половина од износот на изречената казна.
„Редот мора да се почитува, а безбедноста на пешаците и заштитата на јавниот простор се наши приоритети. Апелирам до сите граѓани да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, за да имаме уредна, безбедна и хумана средина за сите,“ рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, со цел заштита на пешаците и јавниот простор.

