Македонија
(Видео) Николовски: СДСМ за три години направи пресврт во меѓународната политика
СДСМ за три години направи историски пресврт во меѓународната политика и ги оствари стратешките цели на државата за кои сонувале татковците на нашата народност со векови. НАТО и ЕУ станаа реалност, со признат и загарантиран македонски јазик и идентитет, изјави генералниот секретар на СДСМ и носител на листата во ИЕ 3, Љупчо Николовски.
„Си отворивме врати што за нас отсекогаш биле затворени. Сега доаѓа редот да ја искористиме шансата. Да се свртиме навнатре и да работиме решиме внатрешни прашања, кои нè мачат со децении, а во исто време да ја искористиме неповторливата економска шанса за раст што ни се отвора со членството во НАТО и преговорите со ЕУ“, рече тој.
Притоа, додаде Николовски, македонскиот јазик, македонскиот идентитет, македонската посебност, денеска се признаени од сите.
Според него, единствени што ја омаловажуваат македонската гордост, нарекувајќи не северџани и други грозни измислици, се самите членови на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во преговорачката рамка на ЕУ јасно е наведено дека јазикот на кој треба да се преведе европското законодавство е македонски јазик. Македонски јазик е и јазикот наведен во нашата лична карта во Обединетите нации. Македонски јазик е јазикот на кој ја водиме меѓународната комуникација. Апсолутно ништо не им остана на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, освен лагите. Дека сме го губеле јазикот, сме го губеле идентитетот“, рече Николовски.
Единствено што губиме, додаде тој, се остатоците од режимот на ВМРО-ДПМНЕ, кој нè врати десетици години.
Тој вети дека до 2024 ќе бидат отворени 80 % од поглавјата за интеграција во ЕУ, а за 6 години, ќе го затвориме преговарачкиот процес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Капиштец повеќе од шест часа без вода, дефект кај Цветен пазар ја поплавува улицата Народен фронт
Жителите на делови од скопски Капиштец повеќе од шест часа останаа без вода за пиење.
Кај Цветен пазар вечерва е забележан багер и ископана е голема дупка, додека во близина тече вода по коловозот.
Засега е познато дека станува збор за уличен дефект, но не е соопштено кога состојбата ќе биде целосно нормализирана.
„Поради уличен дефект на водоводна цевка Ф100мм на улица Народен Фронт 5 до цветен пазар, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Васил Ѓоргов и Народен Фронт од бр.5 до бр.21“, велат од ЈП Водовод и канализација.
Од претпријатието попладнево известија дека водата кај корисниците е сопрена во 13.30 часот и ќе остане така се’ до поправка на дефектот. Жители на Капиштец за „Макфакс“ велат дека кога прашале кога ќе биде пуштена водата, од службата за известување во „Водовод“ им кажале дека нема изгледи оти ќе го поправат дефектот денес.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.

