Македонија
(Видео) Шекеринска од Охрид: Слушнавме како Николоски и ДПМНЕ се пазарат со дивоградби за гласови
Заменик-претседателката на СДСМ и носител на листа во Изборната единица 5, Радмила Шекеринска, денес ги коментира новообјавените разговори, во кои се слуша како кандидатот за пратеник, Александар Николоски, договара со обвинетиот Миле Јанакиески да се дозволи узурпација на охридското крајбрежје и да се дозволат дивоградби како дел од предизборно пазарење за гласови со ДУИ.
„Денеска, слушаме дека додека Владата се бори против дивоградбите со конкретни акции, со конкретни дела, некои луѓе ги користеле дивоградбите за да се пазарат пред избори.
Затоа, статусот на УНЕСКО ни беше загрозен затоа што ВМРО-ДПМНЕ играше политика со дивоградбите, си играше политика со Охрид и го користеше и Охрид и статусот на УНЕСКО како монета за поткусурување во нејзините меѓупартиски битки.
Ние ставивме точка на таквото однесување и во Охрид и во Охридско и во целиот регион и покажавме дека грижата кон нашето национално богатство, без разлика дали е културно или природно, нема алтернативна и дека сме подготвени да направиме сè, да имаме и политичка волја, да имаме политички резултати, ама и да инвестираме пари за она што е убаво да стане уште подобро“, рече Шекеринска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.
Македонија
Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР
Во пресрет на претстојните Претседателски и Парламентарни избори што ќе се одржат утре, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 08.05.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот.
„Исто така ги известуваме граѓаните дека сите барања за лични карти кои се поднесени до 03.05.2024 година, се веќе изготвени и граѓаните можат да ги подигнат“, соопшти МВР.
Македонија
Пронајдени три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми, ОЈО Велес отвори истрага за недозволено држење оружје
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 на Кривичниот законик.
„При претрес во домот на осомничениот во селото Мелница, општина Чашка, полицијата пронашла поголемо количество оружје и муниција – три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми со различен калибар. За осомничениот поднесен е предлог за определување мерка притвор“, соопшти Обвинителството.
ОЈО Велес продолжува да постапува и да презема дејствија за проверка на сомненијата за изборен поткуп во однос на овој осомничен и на уште едно лице во велешко кај кое во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси, се додава во соопштението.