Македонија
(Видео) Николовски: Членство во СДСМ го ажурирале над 20.000 членови
За првите десет дена откако започна внатрепартиска постапка, своето членство во СДСМ го ажурирале над 20.000 членови, информираше Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ, кој заедно со потпретседателот на партијата Оливер Спасовски сме во посета на Кочани и Kочанско.
„Паралелно со промените и реформите во државата, за подобрување на животот на граѓаните, тече процесот за подобрувања, промени и модернизација во СДСМ. Задоволни сме што ажурирањето и активната регистрација на членството на СДСМ тече одлично, и овде во Кочани но и ширум државата.Активни се 1.563 тимови од Месните одбори од 74 општински комисии.Задоволни сме од транспарентноста, демократскиот капацитет и начинот на којшто се реализираа оваа акција, почитувајќи ги сите мерки за заштита на здравјето“, рече тој.
Според Николовски, СДСМ се менува, за уште подобро да им служи на граѓаните.
„Оваа порака им ја упативме и на граѓаните од македонскиот исток и задоволен сум што позитивно гледаат на овие демократски промени во партијата.Благодарни сме на поддршката од граѓаните, тоа е наш мотив да продолжиме по вистинскиот пат на реформи во сите сфери.Овој важен процес носи поголема демократизација на СДСМ и ќе финишира на 21 март со првите непосредни, демократски и внатрепартиски избори на кои ќе се избира новиот претседател на партијата.Тоа e врв на внатрепартиска демократија и тоа за прв пат во нашата земја ќе го направи СДСМ.
Оваа наше водство, оваа наша прогресивна, демократска постапка се надевам дека ќе ја следат и други, демократизацијата да се преточи и во други партии.Тоа е СДСМ, одговорна и државотворна партија која поставува нови стандарди, носи нова вредност во политичкото дејствување. Ја подобруваме партијата ја подобруваме татковината.Додека трае процесот на ажурирање, партијата е отворена и за нови членови, што значи ја задржуваме отвореноста којашто беше присутна и досега. Затоа ги повикуваме граѓаните, можат и онлајн да се пријават на нашата веб страна за да пристапат кон СДСМ. СДСМ е партија што победува, ја ужива довербата од граѓаните но и постојано се менува, модернизира, подобрува. Преку еден динамичен, современ, но пред се демократски начин на работа и делување“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сите патишта водат кон Будимпешта, со владин авион кај шефот и на море, велат од СДСМ
Главна дестинација на владинот авион е релацијата Скопје-Будимпешта. Дури седум пати летале до шефот, во главниот град на Унгарија, според информациите за летањето на владиниот авион кои ги објавија медиумите, велат од СДСМ.
„Сите во Будимпешта, со владин авион, на консултации и по работни задачи кај шефот.
Наместо да лежи во Идризово, ВМРО му подготвува враќање на Никола Груевски.
Затоа и беа тргнати потпретседателите.
Нема повеќе потпретседатели, нема внатрешна конкуренцијам се расчистува патот за единствениот претседател на ВМРО, Груевски.
Мицкоски е само чувар на фотелјата.
Мора да се обезбеди безбеден терен за враќање на газдата“.
Според опозиционата партија, Мицкоски, Николовски, Силјановска најмногу го користеле владинот авион.
„Толку многу се шета, Мицкоски дури и на Јадран оди со владин авион на капење.
Затоа мора да се купува нов авион, да се даваат милиони евра народни пари“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Можности за интензивирање на парламентарните контакти со Казахстан
Пратеничката група за соработка со парламентите на државите од Централна Азија одржа средба со амбасадорите на Република Казахстан, Киргистанската Република, Република Таџикистан, Република Узбекистан и Туркменистан, акредитирани во Република Северна Македонија.
„Претседателот на Пратеничката група, пратеникот Никола Коњановски, им посака срдечно добредојде на присутните и истакна дека ваквите средби претставуваат значајна можност за размена на ставови за актуелните билатерални односи и за унапредување на парламентарната соработка. Тој нагласи дека Република Северна Македонија му дава особено значење на развојот на политичкиот дијалог, економската соработка и културната размена со земјите од Централна Азија“, соопшти собраниската прес – служба.
Работната средба продолжи со обраќањето на амбасадорот на Казахстан, Буршаков, кој ги презентираше уставните измени и реформите што се спроведуваат во неговата земја, со цел зајакнување на демократските институции, владеењето на правото и унапредување на човековите права и слободи.
Во дискусијата учество зеде и пратеничката Дијана Илиевска, која изрази задоволство што е член на Пратеничката група за соработка и за можноста да учествува на средбата. Таа му посака успех на амбасадорот на Република Казахстан во процесот на уставните измени и реформите во земјата.
Во продолжение на средбата беа разменети мислења за можностите за продлабочување на економските, трговските, образовните и културните врски, како и за интензивирање на парламентарните контакти и размена на искуства меѓу парламентите.
Во дискусијата беше нагласена улогата на Казахстан како важен фактор во Централна Азија и пошироко, особено во промовирањето на дијалогот, стабилноста и мултилатерализмот. Учесниците изразија подготвеност за продлабочување на соработката на мултилатерално ниво.
„Во насока на унапредување на парламентарните односи, беше предложено воспоставување поинтензивна и редовна комуникација меѓу пратеничките групи за пријателство, организирање заеднички активности, работилници и тематски конференции, како и размена на делегации и експертски посети. Соговорниците ја потврдија заедничката заложба за понатамошно зајакнување на билатералните и парламентарните односи и за продлабочување на соработката преку размена на искуства во реформските процеси и евроинтегративниот пат на Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението.

