Македонија
(Видео) Николов: Владата има пари за пенали, непостоечки функции, ама нема за лечење на граѓаните
Надлежните од министерството за здравство потврдија дека цела година не мрднале со прст за да го намалат побарувањето за отштета од раскинувањето на договорот за изградба нов клинички центар во Скопје. Министерството за здравство ниту информираат, ниту знае дали треба да платат 8 милиони евра, 20 милиони евра или многу повеќе и за ова треба да ја известат јавноста заради тоа што оваа отштета или нивно невнимание треба да го платат граѓаните, изјави на денешната прес-конференција Игор Николов, претседател на Комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека без грам одговорност за овие суми зборуваат како да се 8 или 20 денари и праша кој ќе сноси одговорност за оваа штета со која директно и свесно го оштетуваат државниот буџет?
Додека надлежните велат дека немаат доволно средства за најранливите пациенти, бесрамно потврдуваат дека цела година ништо немаат преземено за заштита на милиони евра пари на граѓаните кои сега ќе треба да се плаќаат за раскинување на договор за неизграден нов клинички центар,рече Николов.
Николов истакна дека министерството за здравство се само прогласи за ненадлежно за обезбедување на средства за терапија за пациентите со цистична фиброза. Во меѓувреме доцнат сите тендерските процедури за пациентите со ретки болести, а надлежните само ги пренасочуваат пациентите по други институции однесувајќи се како да се сообраќајна полиција.
Притоа не се води грижа за пациентите, а истовремено се наоѓаат средства за разни координатори, заменици координатори, помошници на замениците координатори и слични измислени функции за огромни хонорари за проекти кои не се реализираат, а меѓу овие проекти е неизградениот клинички центар.
Или има за паразити, има за пенали за неградење на нов клинички, но нема за најранливите пациенти со ретки болести. Заради тоа одговорност мора да има и потребно е оваа да ја понесат сите министри за здравство во оваа Влада. Заради тоа час поскоро оваа Влада треба да падне, изјави Николов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

