Македонија
(Видео) Николов: ВМРО-ДПМНЕ бара зголемување на бројот на тестови
„Несоодветниот и неадекватен пристап на Владата во борбата против коронавирусот не доведе до ситуација да имаме најголем морталитет во регионот, поголем од Грција, Бугарија и од Албанија заедно. Иако процентите на заразени се слични во сите земји во регионот, процентот на смртност во Македонија е неколкукратно поголем од другите земји. Тоа може да биде основен индикатор дека се крие вистината на вистинската бројка на заразени. Наместо тоа да ни биде показател да се тестираат што повеќе и бројот на тестирања да се зголеми, ние гледаме дека бројот на тестови за тестирања се намалува. Денеска, за 24 часа, во Македонија извршени се само 189 нови тестирања, од кои дијагностицирани се дури 10 новозаразени. Но, сепак, бројката секогаш се движи помеѓу 7 и 10 проценти“, изјави Игор Николов, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, процентот, односно морталитетот во Македонија, е убедливо највисок во регионот бидејќи вистинската бројка на заразени е неколкукратно повисока од бројката на официјално заболени. За да се држи бројот на заразени на ниско ниво, не се прават тестови.
„ВМРО-ДПМНЕ алармира да се изврши масовен скрининг и тоа ќе биде единствениот начин за добивање вистинска и сериозна слика со што се бориме и до каде сме против епидемијата. Тоа е единствениот и најмеродавен начин во кој може да се донесат соодветни одлуки и соодветна стратегија за борба против заболувањето. Владата со нетестирањето не само што го доведува во заблуда населението туку ги доведува во заблуда и здравството, здравствените работници и здравствениот систем. Целата лажна слика што се создава е во насока да се прикаже дека ситуацијата е делумно под контрола и дека може да се оди на некакви си брзи избори, со што Заев би си го намалил неминовниот пораз.
Бараме зголемување на бројот на тестови. Само така ќе знаеме на што сме и како треба да се дејствува и кои мерки треба да се преземат и така ќе знаеме дали и кога можеме да одиме на избори, не смееме како политичари да приредиме масовно заразување на граѓаните со овие политички активности. ВМРО-ДПМНЕ, иако убедливо ќе победи на изборите кога и тие да се одржат, не сака избори што би биле причина за загрозување на здравјето на граѓаните. Здравјето пред сè“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утрово најстудено во Струмица
Најниска температура од -6 степени Целизусови утрово е измерена во Струмица, соопшти УХМР. Следат Скопје-Петровец со -4 степени, -3 Гевгелија, -2 Кавадарци, Попова Шапка, -1 Скопје-Зајчев Рид, Тетово, 0 Kрушево, 1 Куманово, Лазарополе, Mаврови Анови, 2 Берово, 4 Прилеп, Битола, Велес, Виница, Штип, 5 во Крива Паланка и Демир Капија и 6 во Охрид.
Во изминатите 24 часа до 7 часот утрово најмногу воден талог е измерен во Лазарополе од 24 литри на м2, 12 во Пожаране, 9 Маврови Анови, 3 Попова Шапка, 2 Крушево и 1 л/м2 во Охрид.
Времето денеска ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од снег. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно. Во делови од котлината ќе има услови за повремен слаб дожд. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне до 8 степени.
Македонија
Возете внимателно, можни се одрони, предупредува АМСМ
Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен, а сообраќајот се одвива без поголеми пречки. На граничните премини од македонска страна не се евидентираат подолги задржувања за влез и излез од државата, информираат надлежните служби.
Од АМСМ апелираат до возачите да бидат особено внимателни при управување со возилата. Се препорачува прилагодена брзина на движење, строго почитување на сообраќајната сигнализација и зголемена внимателност, особено на патиштата кои минуваат низ котлини, речни долини и клисури, каде постои можност од појава на одрони.
Како критични делници се издвојуваат патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде возачите треба да бидат дополнително претпазливи поради конфигурацијата на теренот и можните нестабилности.
АМСМ потсетува дека внимателното возење и навременото прилагодување на условите на патот се клучни за безбедно патување, особено во зимски услови и при променливо време. Се препорачува редовно информирање за состојбата на патиштата пред поаѓање на пат.
Македонија
Денес локални врнежи од дожд и снег на планините
Времето денеска ќе биде променливо облачно. Во западните делови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од снег. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до 1 степен, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, со повремен слаб дожд во делови од котлината. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Од УХМР информираат дека под влијание на циклонска активност, во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурата ќе биде во пораст.

