Македонија
(Видео) Николов: Не може лекот да е поскап од човечкиот живот, Ковачевски веднаш да замине
„Наместо неодложно, без никакво пролонгирање да започне процедурата за набавка на лек за болните од цистична фиброза кога е загрозено здравјето и животот на луѓето, одродената власт бараше изговори. Иако постојано е загрозено здравјето на пациентите, некадарната власт има игнорантски однос кон нив и го крши уставно загарантирано право на пациентите. Сето тоа доведе до директна одговорност за згаснување на млад човечки живот“ рече на прес-конференција Игор Николов, претседател на Комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.
Николов прашува „што ја спречуваше Владата и зошто досега не е иницирана директна постапка од Владата за набавка на лек иако голгота на пациентите трае повеќе од две години? Зошто 6 години не е направен ниту еден исчекор во однос на законските процедури кои денес се наведуваат како причина за необезбедување лек, иако процедурите во конкретниот случај не се пречка за набавка на потребниот лек? Како одеднаш Владата ги обезбеди потребните средства, а две годни ништо не правеше освен што повторуваа дека лекот е прескап?“.
„За власта, предводена од Димитар Ковачевски поважни беа партиските математики и пазарења, со кои здравството го стави на продажба, а денес последиците ги гледаме сите. На последната седница на Владата, поважно беше да се изгласа предавање на пералната на клинички центар и приватизацијата на стерилизацијата отколку изнаоѓање на средства за лекот за цистична фиброза. Повторно потенцираме, недозволиво е лекот да е поскап од човечкиот живот и наместо префрлување на одговорноста за вина од еден на друг, бараме владата да преземе колективна одговорност и да замине час поскоро“ рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кацарска ја чува обезбедување, денес добила закани дека „страшно ќе одговара“
Непознато лице денеска напладне во близина на ТЦ „Рамстор“ во центарот на Скопје вербално и се заканувало на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска. По инцидентот интервенирало нејзиното обезбедување.
„Полициски службеници од полициската станица Центар денеска во 14:00 часот го лишиле од слобода В.П.Г. (57) од Богданци, постапувајќи по претходна пријава дека во угостителски објект во трговски центар на подрачјето на Центар во Скопје упатил закани кон Д.К.(67) од Скопје со зборовите ‘ќе одговараш, страшно ќе одговараш’. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 144 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Пред неколку дена во подземна гаража на зграда во Центар пронајдени се импровизиран кревет и кујнски нож на гражаното место на Кацарска.
Од МВР потврдуваат дека известен е јавен обвинител, предметите се подигнати за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Утре затворени неколку улици во Скопје
Утре од 08.30 до 12.30 часот, поради одржување на натпревар „Стопански триоги триатлон”, со стартно-целна позиција кај Спортскиот центар „Борис Трајковски” во дел од градот ќе има изменет режим на сообраќај, соопшти СВР Скопје.
Посебниот режим на сообраќај ќе опфати дел од уличната мрежа околу СЦ „Борис Трајковски” и дел од булеварот Илинден (десна коловозна лента), потоа на потегот од крстосницата со булевар 8 Септември до крстосницата со улицата Никола Парапунов и обратно.
Утре исто така со почеток во 09.45 часот, поради одржување на спортско-рекреативен настан „Прв до врв” ќе има посебен режим на сообраќај во делот од градот каде што ќе се реализира манифестацијата.
Настанот почнува пред Музеј на град Скопје – улица Св.Кирил и Методиј, потоа лево по булеварот Св.Климент Охридски, во продолжение право по булеварот Мајка Тереза, па лево по улицата Тодор Александров и по локалниот пат за Средно Водно до врв на Водно („Милениумски крст”).
Македонија
Сиљановска Давкова – Павловски: Максимално да се искористат сите можности за економски развој на земјава
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова остварила средба со Крис Павловски, директор на водечката светска компанија за дигитални платформи Рамбл, кој е во посета на земјата во рамките на конференцијата Македонија 2025.
На средбата, како што соопшти претседателскиот кабинет, Павловски ја претставил работата на Рамбл, компанија која котира на индексот Наздак на берзата во Њујорк, со нејзината етаблирана видео платформа и е во подем во дејноста на развојот на дигиталната инфраструктура и клауд услугите.
Како водечки претприемач со македонско потекло, Павловски изнел мислења за состојбата во дигиталниот сектор, за трендовите и перспективите кои може да се искористат.
Претседателката Сиљановска Давкова го информирала Павловски за нејзината иницијатива за развивање на соработката со македонската дијаспора, со цел максимално да се искористат сите можности за економски развој на земјава.