Македонија
(Видео) Николоски: Бугарија да ги спроведе пресудите на Европскиот суд и да дозволи почеток на преговорите со ЕУ за Македонија
Најсилната европска институција за заштита на човековите права е под јурисдикција на Советот на Европа, Европскиот суд за човекови права. Во Европскиот суд десетици илјади граѓани од цела Европа бараат правда, која не може да ја најдат во домашните судови кога нивните основни човекови права, правото на слобода на говор, правото на здружување, правото на национална самоидентификација и правото на употреба на нивниот мајчин јазик е повредено, изјави Александар Николоски во своето обраќање пред Европскиот суд.
Тој нагласи дека Македонците од Бугарија со децении се борат за овие права.
„Тие отсекогаш живееле таму и сакаат да ги остварат своите национални, јазични и културни права, но, за жал, Бугарија одбива да го стори тоа. Одбива да ги регистрира своите здруженија преку кои сакаат да ги остварат своите права. Ќе се согласите дека ова е недемократски чин на земја членка на Европската Унија.
Има 14 пресуди на Европскиот суд за човекови права, кои се однесуваат на Македонците во Бугарија, и досега ниту една од нив не е спроведена од Бугарија. Ниту една! Ова е силно поткопување на кредибилитетот на судот и затоа Советот на Европа мора да дејствува. Во услови на војна во Украина, кога не се почитуваат човековите права, во Европа не се потребни лоши примери.
Би сакал да истакнам две од 14-те пресуди на Европскиот суд, кои за мене на многу симболичен начин покажуваат каде се наоѓа Бугарија во овој процес. Првата е за одбивањето да се регистрира МАКЕДОНСКИ КЛУБ ЗА ЕТНИЧКА ТОЛЕРАНЦИЈА ВО БУГАРИЈА. Што е спорно ако се регистрира македонски клуб за етничка толеранција кога етничката толеранција е највисока цел на Советот на Европа?
Втората пресуда се однесува на регистрирање ЗДРУЖЕНИЕ НА РЕПРЕСИРАНИТЕ МАКЕДОНЦИ ВО БУГАРИЈА ЖРТВИ НА КОМУНИСТИЧКИОТ ТЕРОР. Во Бугарија комунизмот владееше 45 години и не гледам причина Бугарија да не се соочи со своето минато и да признае дека има жртви на комунистичкиот терор, кои, меѓу другото, настрадале и затоа што биле Македонци.
Не случајно во анализата на Секретаријатот за извршување на пресудите се изразува длабока загриженост дека во последните постапки за регистрација, почнати од здруженијата на македонските апликанти во Бугарија, судовите повторно ги занемариле начелата наведени во пресудите на Судот и привремена резолуција на Комитетот на министрите“ истакна Николоски.
Тој објасни дека Македонија не може да ги почне пристапните преговори за членство во ЕУ затоа што Бугарија постојано става вето, а во исто време Бугарија не ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права. Тоа е лицемерната политика со која барам да се стави крај, порача Николоски.
Тој побара Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ затоа што граѓаните на Македонија тоа го заслужуваат, а Бугарија да ги овозможи основните човекови и јазични права на Македонците во Бугарија. Само таквиот пристап може да доведе до добрососедски односи и пријателски односи меѓу македонскиот и бугарскиот народ, заклучи Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хрватскиот министер за надворешни и европски работи во посета на Македонија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес и утре ќе биде домаќин на министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој ќе престојува во официјална посета на Македонија.
Двајцата министри ќе разговараат за билатералните односи, економската и секторската соработка, како и за европската интеграција на земјата и можностите за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон Европската Унија, соопштија од Министерството.
Во фокусот ќе бидат и соработката во рамки на НАТО, регионалните прашања и актуелните меѓународни случувања.
Македонија
„Блокадафест“ пред влезот на Усје, целодневен протест со музичка програма
Утре со почеток од 15 до 23 часот ќе се одржи целодневен протест пред влезот на фабриката Усје.
„Со нас застанаа уметници кои својот протест го изразуваат со она што најдобро го знаат – музиката. Волонтерски ќе настапат: DJ Александар Јорданов, DJ Chvare, DJ Andrew Meller, Новиот Почеток, Хајка, Луфтханза, Животни, Големата Вода, DJ Базел, DJ Emily Nas, Дина Јашари, Член 16, Зарина Првасевда и Корка. Нивната поддршка е порака дека ова не е изолиран протест, туку заедничка борба за уставно загарантираното право на чист воздух“, се вели во најавата за протестот од „Стоп за Усје“.
Од таму велат дека „Блокадафест“ е јасен повик до институциите и до Титан Усје: здравјето на граѓаните не е преговарачка категорија.
„Додека фабриката продолжува да загадува, ние излегуваме заедно да го блокираме загадувањето и да покажеме дека отпорот може да биде гласен, солидарен и креативен“, се вели во најавата.
Македонија
ВЛЕН: Кој од ДУИ му се заканува на Артан Груби?
„Ништо повеќе не е исто како порано. Почнува внатрешната пресметка во Мала Речица. Од една страна се Али Ахмети со групата поранешни функционери кои глумат невини и чесни, а од друга страна е Артан Груби на кого овие првите додека беше во бегство лично го натоварија за сите политички и коруптивни зла на ДУИ“, велат од ВЛЕН.
„Вистина е дека Артан Груби не е ‘обичен’ поранешен функционер, туку човекот што ги знае сите влезови и излези на системот што ДУИ го градеше со години. Тој е живата подвижна архива на една партиска шема што со години се криеше од јавноста. Кога “црната кутија” еднаш ќе падне во рацете на институциите, нема веќе простор за глума, ниту за митови. Почнува расплетот.
Затоа во ДУИ владее паничен страв. Заплетот влегува во фаза во која соопштенијата и пресовите на ДУИ повеќе не вршат работа, туку фактите. Институциите почнуваат да копаат по вистината што ДУИ со години ја закопуваше, како се кроеше моќта зад грбот на граѓаните и каде исчезнуваа буџетските пари.
Дали стравот од моментот кога сенката на Али Ахмети ќе почне да зборува и ќе почнат да излегуваат имиња, шеми и улоги, тера некого да користи мафијашки методи на заплашувања? Кој од ДУИ му се заканува на Артан Груби? Кој во ДУИ бара од Груби да го почитува мафијашкиот код “омертаʼ” за молчење и несоработка со институциите“, прашуваат од ВЛЕН преку соопштението.

