Македонија
(Видео) Николоски: Изостанува силна битка со корупцијата
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, по одржаниот настан, заедно со Фондацијата „Конрад Аденауер“, истакна дека сите македонски политички партии се насочени кон влез на Македонија во Европска Унија. Но, македонското општество треба силно да размислува на свртеност кон себе, односно на внатрешни реформи и економски развој, пред сѐ, во битката со организираниот криминал и корупцијата.
„Нешто за што сериозно треба да се размислува е силната битка со корупцијата, која, за жал, изостанува. И ова не го велам само јас, ова е мислење и на релевантни меѓународни институции и Македонија е на најлошото место откако се мери перцепција за корупција според ‘Транспаренси интернешнл’ на 111-тото место, а тоа го гледаат граѓаните секаде околу себе. За жал, имаме еден систем што го јаде корупцијата и кој скапува од корупција и тука е суштински битна битката со корупцијата“, изјави за медиумите Николоски.
Според него, постојат два аспекта за кои се зборува. Едниот е законската регулатива, а другиот е високата корупција.
„Едниот аспект е законски промени, што, според мене, законската регулатива е добра. Второто е онаа висока корупција, која се слагам дека е број еден проблем во Македонија. Гледајќи ги овие два аспекта, некако се занемари онаа корупција на најниско ниво, која најмногу ги убива граѓаните. А тоа е ситната корупција во институции, на шалтери, во болници, во општински судови, обвинителства и така натаму, каде што граѓаните знаат дека доколку немаат врски, пријател или доколку не платат, не може да си завршат работа за она што им следува според законот“, посочи Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Исмаил: Наместо во оружје, да инвестираме во градинки – власта го одби амандманот на Левица
Во рамки на амандманската расправа за Буџетот за 2026 година, во собраниската Комисија за финасирање и буџет, пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, побара голем дел од 100 милиони евра планирани за купување на оружје да се пренасочат кон проширување на капацитетите, како просторни така и кадровски, за згрижување деца од предучилишна возраст.
„Состојбата е ужасна. Проценките се дека 4000 деца чекаат за упис во градинки во Скопје. Во групите има по 35-40 деца со само една негувателка. Тоа е неприфатливо“, истакна Исмаил.
Средствата што треба да се пренаменат со амандманот ги предлага во две ставки во Министерството за социјална политика. Една е во делот за пренесување на трошоците во делот на единиците на локална самоуправа, а другата во капитални расходи за изградба и одржување на објекти.
„Конечно треба да се направи баланс помеѓу социјалната потреба во општеството, како што е овој со згрижување на деца од предучилишната возраст и она што го имате предвидено за купување на оружје“, порача Исмаил укажувајќи на фактот дека долги години државата го занемарува проблемот со јавните градинки.
Тој посочи дека голем број родители се принудени да ги носат своите деца во приватни градинки иако цените таму се значително повисоки. „ На овој начин вие го поттикнувате приватниот бизнис во оваа јавна услуга. Тоа не е фер за социјална држава како нашата, со држава која што исто така има сериозен проблем со демографијата“. Исто така истакна дека државата треба да ги охрабрува младите семејства, а не да ги оптоварува, велат пд партијата Левица.
„Ние наместо да ги стимулираме младите брачни парови дека нивните деца ќе бидат згрижени во државните градинки, ние практично ги дестимулираме да оформат семејство и да имаат новородени деца. Сметам дека овој амандман ќе придонесе за сериозно да се зафатите и да изградите поголем капацитет во оваа област“, заврши Исмаил.
Македонија
Голема полициска акција: претреси во Скопје, Куманово и на други локации
Во координација со Основното јавно обвинителство Скопје во тек е полициска акција со претреси во Скопје, Куманово и на други локации, поради сомненија за кривично дело злоупотреба на службена должност.
Обвинителството најави повеќе информации по завршување на акцијата.
Македонија
Поради одрон во прекин е сообраќајот на регионалниот пат Ресен- Граничен премин Стење
Денеска од 07:55 часот, поради одрон на патот помеѓу селата Царев Двор и Отешево, во прекин е сообраќајот во двата правци на регионалниот пат Ресен – Граничен премин Стење.
„Апелираме до граѓаните да не се упатуваат кон овој пат, а надлежните институции преземаат мерки и активности за чистење на патот и нормализирање на сообраќајот, за што јавноста ќе биде соодветно известена“, велат од МВР.

