Македонија
(Видео) Николоски: Не добивме кредибилен демант од власта дека граѓаните во Македонија не се следат
Денес, се одржа комисија за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање со една исклучително интересна тема. Имено, комисијата побара извештаи од страна на 4 институции, тоа се Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и военото разузнавање, во однос на тоа дали во Македонија нелегално се следат комуникации, од една страна, дали се произведува софтвер со кој може да се следат нелегално комуникации, и од друга, истакна Александар Николоск,и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во однос на користењето на таканаречениот малициозен софтвер, имено, прислушувањето веќе во Европа добива други димензии, а тоа е, покрај следењето на гласовната комуникација, односно телефонските повици и СМС-пораките, веќе има масовно следење приватни фотографии, приватни видеа, средби што ги прават граѓаните помеѓу себе, кои може да бидат документирани, односно снимени, како и влегување во домот, односно сите или повеќето од нас користиме паметни телевизори, кои најчесто се поврзани на кабелски оператор и на тој начин телевизорите се користат како начин да се снимаат разговорите дома, аудио, а оние што имаат можност и видео и практично да се влезе во домот на секој граѓанин, што ќе се согласите е застрашувачки, како и да се прави профилирање на граѓаните преку локациите на кои присуствувал, што исто така може да се следи со овие малициозни софтвери, веб-страниците што ги отворал, луѓето со кои што комуницирал и на тој начин да се прави цел профил“, појаснува Николоски.
Не добивме, вели тој, кредибилен демант дека во Македонија не се прави вакво следење.
„И ова е максимум што можам да кажам имајќи предвид дека е државна тајна. Значи, да повторам, не добивме кредибилен демант дека во Македонија не се случува следење на граѓаните со таканаречен малициозен софтвер, односно напредни софтвери, кои буквално влегуваат во домот.
Она што исто така можам да го кажам е дека кај нас како најголема политичка партија во Македонија постои сериозно сомневање дека сме под континуирано физичко следење како опозициски политичари, што, најверојатно, се прави нелегално од страна на одредени структури што се во безбедносниот сектор во државата.
Тоа што исто така можам да го кажам, а што дел ѝ е познато и на јавноста, е дека во Македонија се произведувал ваков малициозен софтвер. Една компанија, тоа е компанијата „Сајтрокс“, веќе е и на црната листа на САД баш поради оваа работа“, потенцира Николоски.
За него, како што констатира, многу позначајно е тоа дали се произведувал ваков софтвер, дали се користел тој софтвер, затоа што, како што вели, тоа отвора многу сомнежи за слободата на движење на граѓаните, за приватноста на домот.
„Значи, овие софтвери може да влезат многу подлабоко од она што досега беше класично прислушување, односно следење комуникации преку гласовна комуникација и преку СМС-пораки.
Исто така, би сакал да ве информирам дека на редовната есенска сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, што трае една недела и ќе се одржи во текот на втората недела на октомври, една од главните точки ќе биде злоупотребата на системите за следење ‘Пегасус’ и ‘Предатор’, кои се врв на овој таканаречен малициозен софтвер. Јас ќе учествувам на таа сесија и во таа дебата, како што веќе учествував на сослушувањето што беше во Париз за злоупотребата на ‘Пегасус’ и ‘Предатор’, каде што новинари и политичари од три земји, Шпанија, Полска и Грција, сведочеа за своите лоши искуства со овој начин на следење. Значи, темата е голема, огромна, Македонија ја афектира на два начина. Првиот начин е, за жал, преку производство на ваков софтвер, кој потоа е користен за што денес институциите немаат дадено одговор каде сè е продаден и во која сè држава е користен. И вториот е следењето на комуникациите дома затоа што ,како што кажав, не добивме кредибилен демант дека тоа не се прави и во Македонија“, додаде Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

