Македонија
(Видео) Николоски: Први избори во кои не се прифатени препораките на ОБСЕ и ОДИХР во Изборниот законик
Исклучително е проблематично тоа што локалните избори во октомври оваа година ќе бидат први избори коишто ќе се спроведат во Македонија без притоа да бидат направени измени на Изборниот законик со консензус помеѓу сите политички партии согласно препораките на ОБСЕ и на ОДИХР. Тоа е штетно за македонската демократија и ги доведува под прашалник кредибилитетот на изборниот процес, како и неговата легалност и легитимитет, истакна денеска потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.
„ВМРО-ДПМНЕ во разговорите имаше две суштински барања тие барања беа да се применат буквално препораките на ОБСЕ и на ОДХР, со цел гаранција на фер и демократски избори и второ избор на градоначалник во еден круг, односно изборот на градоначалници да се стави во иста линија со изборот на советници во еден круг затоа што главните манипулации, притисоци и недемократски средства се случуваат помеѓу двата круга. За жал, второто барање за избор на градоначалници во еден круг беше одбиено од власта, а првото барање за примена на препораките на ОБСЕ и ОДИХР не се случи под разни изговори на владејачките партии. Доколку се изменеше Изборниот законик, согласно препораките на ОБСЕ и ОДИХР, ќе се постигнеа многу цели, пред сè ќе се зголемеа отчетноста, транспарентноста и контролата на државните ресурси со новите препораки каде што ДКСК ќе требаше комплетно да е информирана за целокупното користење на државни ресурси“, рече Николоски.
„По препорака на ОБСЕ се дефинира, појаснува и прецизира изборната кампања со што се овозможува подобро следење од страна на надлежните институции , на евентуално предвремено почнување на изборна кампања и прекршување на правилата на истата, се појаснува начинот на распределба на времето за рекламирање на политичките партии и кандидатите, се уредуваат роковите, содржината и постапката за доставување на финансиските извештаи на партиите до надлежните институции за контрола на истите, како што се Државниот завод за ревизија, ДКСК и Агенцијата за медиумски услуги. Ќе се овозможеше на гласачите чија важност на документот за лични идентификации истекла до моментот на распишување на избори да можат да го остварат гласачкото право, нешто со што сега како проблем се соочуваат 30 илјади граѓани поради неспособноста на власта да извади лични карти“, потенцира Николоски.
Тој нагласи дека со препораките за првпат, како што рече, ќе се овозможеше запишување на гласач во избирачки список по усвоен приговор за заштита на лично избирачко право, а исто така ќе се усогласеа и роковите со Државната изборна комисија и постапувањето на Управниот суд.
Сето ова, додаде Николоски, се препораки на ОБСЕ и ОДИХР, коишто, како што подвлече, власта не собрала сили во македонското Собрание да бидат усвоени.
„Од друга страна, она што ВМРО-ДПМНЕ во знак на добра волја, но и за да се постигне консензус, беше спремна да го прифати, прво беше примена на таканаречени отворени листи за избор на советници. Во моментот кога ВМРО-ДПМНЕ се согласи да има избор на советници со отворени листи, помалите коалициски партнери на СДСМ, пред сè тука мислам на политичките партии ЛДП, ДОМ, Демократски сојуз и останатите, се спротвиставија, односно јасно кажаа дека не се за отворени листи со што во јавност се расчистува дилемата кој е ЗА, а кој е ПРОТИВ отворени листи. ВМРО-ДПМНЕ е ЗА отворени листи на локалните избори“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, за првпат требало да се направи регулација на финансирањето на спонзорираните објави на социјалните медиуми и социјалните платформи.
„Сето ова што го споменав е причината зошто не се донесе изборниот законик во македонското собрание, иако имаше добра волја од страна на ВМРО-ДПМНЕ како најголема опозициска партија. Се направија многу обиди и во месец јуни и во месец јули, а бевме спремни тоа да го направиме и во август, но, за жал, од владејачките партии такво расположение немаше“, потсети Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

