Македонија
(Видео) Николоски ѝ најави пеколен период на новата влада
Оваа влада на Ковачевски е континуитет на корумпираната влада на Заев која граѓаните ја казнија на избори, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Александар Николоски, на денешната собраниска седница.
Како што кажа Николоски, иако Заев заминал, немал храброст да ја извади својата партија на соочување со народот.
„Сега се соочуваме со најголемиот срам во историјата на постоењето на македонската демократија, а тоа е да се киднапира пратеник кој се појави после 5 дена. Денес имаме влада без легимитет, влада на стари ликови, на континуитет која не може да се покаже како нова, а клучните ресори ќе ги водат истите луѓе. Оваа влада не може да понуди нови политики“, нагласи Николоски.
Тој се обрати и кон помалите политички партии кои ја поддржуваат Владата како ДОМ, ЛДП, НП, ДС.
„Ваквото понижување кое на себе си го правите нема друго образложение. Затоа ве поттикнувам сами да излезете на следните избори да видите што мисли народот за вас затоа што поддржувате ваква влада и вакви политики“, потенцира Николоски.
Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, единствено решение за подобрување на ситуацијата се брзи предвремени избори.
„Следува пеколен период на соочување со гневот на народот. Промените доаѓаат и ќе се случат побрзо отколку што мислите. Нема да ја поддржиме оваа влада, а следниот период се гледаме и во институциите, но и надвор на улиците и заеднички да стигнеме до предвремени парламентарни избори кои ќе значат промени во Македонија“, рече Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ФЗО: Породилното може да доцни поради доцнење на пријава или исплата на плати кај работодавачот
Надомест за породилно отсуство не се исплаќа истовремено и тоа е континуиран процес кој трае во текот на целиот месец, велат од Фондот за здравствено осигурување во врска со изјавите на СДСМ дека исплатата на породилни отсуства доцни 30 дена.
„Надоместот на породилно отсуство е процес поврзан со работодавачот на осигуреничката. Во моментот на исплата на плата од страна на работодавачот, УЈП доставува електронски информации за платените придонеси за соодветниот месец до Фондот, кои се обработуваат и одобруваат од подрачните служби, заедно со надоместоци за друг вид на боледувања, се доставуваат до Дирекцијата на Фондот. Оттука се доставуваат до УЈП за подготовка на МПИН. Потоа пресметаните надоместоци се исплаќаат континуирано. Да потенцираме ФЗО исплаќа бруто надомест, односно пензиски и други придонеси“, се наведува во соопштението.
Од Фондот појаснуваат дека најголем дел од надоместоците се исплаќаат од 10 до 20 во тековниот месец, но има исплати и потоа до крај на месецот.
„Не е можно доцнење од 30 дена од страна на Фондот. Доколку има доцнење тоа е поради доцнење на пријава или на исплата на плати кај работодавачот“, велат од Фондот.
Од таму уверуваат дека буџет за надоместоци има, и доказ за тоа е дека заклучно во месец октомври 2025 година досега се обработени и исплатени 6.268 предмети на породилно отсуство.
За споредба, се наведува во соопштението, во септември 2025 година биле обработени 7.319 предмети и за истиот број на лица е извршена исплата, со вкупен износ од 384 милиони денари.
„Тоа укажува дека дел од пресметките за октомври се уште се во обработка и исплата“, велат од ФЗО.
Македонија
Општина Кисела Вода урна дивоградба во населбата 11 Октомври
Денес, во населбата 11 Октомври, во Општина Кисела Вода, беше рушена дивоградба, по донесено решение за отстранување на објект кој не поседува соодветни технички акти.
Станува збор за поранешен деловен објект во сопственост на ГП „Пелагонија 5 – Градилиште механизација“ во стечај, за кој не постои потребната техничка документација и кој никогаш не бил евидентиран во Агенцијата за катастар.
„Општина Кисела Вода ќе работи исклучиво законски, почитувајќи ги сите закони и правила. Нема да има двојни стандарди за никого и нема да дозволиме прекршување на било каков закон. Законите мора да важат подеднакво за сите. Во мојот мандат ќе сe залагам за работење исклучиво според право и правда“, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска – Трајкоска, посочувајќи дека институцијата ќе постапува одговорно за сите случаи каде ќе се утврдат нерегуларности во однос на објекти на територијата на општината.
„За секој објект кај кој ќе се утврдат неправилности ќе биде издадено решение за отстранување. Тоа е единствениот начин да воспоставиме ред и правичност и да го заштитиме јавниот интерес“, рече Стаменкоска – Трајкоска.
Македонија
Откажано утрешното рочиште за „Пулс“: Недостасуваат адреси од оштетени и нивни застапници
Утрешното судење за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица и околу 200 се повредени, е откажано.
Судијката Диана Груевска – Илиевска ги немаше сите адреси од оштетените и нивните застапници кои треба да бидат повикани на судење за да се изјаснат за оштетното побарување.
Судијката ги евидентираше сите оштетени и застапници на оштетените кои беа присутни, но кажа дека мора да ја одложи за утре закажаната главна расправа оти ќе треба повеќе време за судот да ги извести оштетените дека треба да дојдат на судење.
Следното рочиште ќе биде на 2 декември, а дотогаш судијката очекува освен завршување на судската достава за оштетените да бидат доставени и интегрираните обвиненија до сите обвинети како што побараа нивните бранители.

