Македонија
(Видео) Нови 170 километри „траскање“ за Мијалков да се појави на судење во Скопје
На Сашо Мијалков му почнаа новите судења за „Трезор“, предметот за кој пресудата ја укина Апелација во ноември минатата година. Мијалков, како и на минатите рочишта, така и сега – со затворско комбе беше симнат кај Кривичниот суд, а потоа заедно со полицаецот што го придружуваше се качи во судница. Тој издржува затворска казна во струшкиот затвор за случајот „Империја“, за кој призна вина, а откога стана жител на Струга, патува по 170 километри за да стигне на судењата во Скопје.
За „Трезор“, Мијалков беше осуден на осум години затворска казна. Требаше во буџетот да врати и 860 илјади денари. Апелација застана на страната на Мијалков и рече дека Кривичниот суд направил суштествени повреди, па предметот го врати на ново судење.
Со укинувањето на оваа пресуда, сега ослободени се и поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, кој доби 15 години затвор, а е во бегство. Ослободен е и поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, кому му беше изречена казна затвор од пет години. На поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, судот му изрече затвор во траење од пет години, но и тој сега е слободен граѓанин.
Ослободителната пресуда доаѓа иако Кривичниот суд утврди дека обвинетите ги сториле кривичните дела за кои се гонат. Умислено ги сториле делата. Четворицата беа прогласени за виновни бидејќи судот цени дека тројцата го сториле кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањата, а Тони Јакимовски е осуден за помагање. Според обвинението, во овој случај се злоупотребени над 860 илјади евра, кои требаше да ги вратат во државниот буџет. Укинатата пресуда ја донесе судечкиот совет на Кривичниот суд, чиј претседател беше Џенета Бектовиќ.
Предметот се однесуваше за набавка на опрема за УБК/МВР и услуги, преку која е оштетен буџетот.
Сите заедно ја искористиле службената положба и овластувањето. Тони Јакимовски им помогнал и прибавиле имотна корист и му нанеле имотна штета на буџетот на РМ. За да набават опрема за потребите на УБК/МВР, прво-, второ- и третообвинетиот оствариле состанок со претставниците на ГАМА во Обединето кралство и набавиле опрема за потребите на УБК. Во текот на подготовките за набавка на опремата одлучиле опремата да ја набават преку фирмата „Финзи“ ДООЕЛ Скопје. Договорено било набавката да се изврши преку ова лице, кое Жарко Луковски и Сашо Мијалков го користеле за реализација на зделки. Обвинетите Сашо Мијалков и Горан Грујевски усно му наложиле на Ѓоко Поповски да почне со постапка за набавка на опрема од „Финзи“ ДООЕЛ Скопје. Тој изготвил покана, а од „Финзи“ ДООЕЛ Скопје испратиле понуда. Од страна на службите на УБК изготвен е договор од УБК/МВР за купување на опремата. Потоа е склучен договор за купопродажба. Иако немало потреба за одржување на телекомуникациската опрема, било направен допис до МВР дека е потребно да се одржува набавената опрема и тоа да продолжи да го прави „Финзи“ ДООЕЛ Скопје. Доставена е покана до фирмата, а тие доставиле понуда со спецификација за временски период од две години. Помеѓу МВР и „Финзи“ склучен е договор за извршување услуги за да му се плаќа авансен паушал“, рече судијката Џенета Бектовиќ, која ја изрече пресудата, која сега е укината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Чаир и Студеничани денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 07.30 до 15.00 часот, дел од улицата Никола Тримпаре 15 и дел од улицата Мирослав Крлежа бр.16-20 и дел од локали и влезови на згради на булеварот Климент Охридски бр,54, општина Центар;
– во периодот од 09.30 до 15.30 дел од улицата Мирослав Крлежа по старо Ѓуро Ѓакович бр.52.54.56.58.60.62, општина Центар;
– во периодот од 08.00 до 14.30 корисниците од Ретаил Поинт Парк во Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците на дел од село Студеничани кај Бурдем, општина Студеничани.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

