Македонија
(Видео) Ноќеска околу полноќ внесени багери за изградба на деветкатницата кај „Мајчин дом“, утрово се копа
Ноќеска околу полноќ багери и камиони влегуваа на новото градилиште за деветкатница кај „Мајчин дом“ за која аеродромци сметаат дека е еколошка катастрофа. Жителите од околните згради вознемирени од полноќните активности алармираа на социјалните мрежи за уништувањето на зеленилото, а утрово веќе се гледа ископ за новата зграда. Неколку багери и сега копаат покрај „Мајчин дом“ во Аеродорм.
Багерите пристигнуваат во мракот
Во живо од парцелата кај Мајчин дом!
Gepostet von Сакаме Аеродром да дише am Montag, 8. Oktober 2018
Аеродромци, организирани на социјалните мрежи, бараат оставка од градоначалникот , а за попладнево во 17 часот најавуваат протест пред „Мајчин дом“ за спас на зеленилото.
„Златко Марин веднаш да се повлече од функцијата затоа што не успеа да го исполни ветувањето што им го даде на аеродромци“, напишаа од иницијативата „Сакаме Аеродром да дише“.
На ист начин како што ВМРО-ДПМНЕ градеше споменици – ноќе, СДСМ гради згради, коментираа аеродромци. Имаше повици да излезат и да застанат пред багерите за да не се дозволи да почне изградбата, но сè остана на социјалните мрежи.

Неколку багери и утрово копаат покрај „Мајчин дом“ во Аеродорм
Стопирањето токму на овој објект и поништување на планот со кој е предвиден беше главен адут во изборната кампања на сегашниот градоначалник на Аеродром, Златко Марин. Тој како опозиционер што се бори за градоначалничка функција на претходниот градоначалник му предлагаше решенија, како обесштетување на сопствениците на земјиштето со пари или компензација со земјиште на друга локација за да го заштити просторот од дополнително градење и да ги послуша граѓаните. Кога стана градоначалник, не само што самиот не ги премиени советите што му ги даваше на претходникот туку го смени и мислењето и во неколку наврати се оправдуваше дека не може ништо да преземе за да ја спречи градбата.
Градоначалникот Марин сега вели дека се исцрпени сите правни можности за стопирање на планот и му издале одобрение за градење на инвеститорот оти детаљниот урбанистички план И 10 е сè уште во сила.

На прашањето од „Макфакс“ дали никнувањето на овој објект, меѓу другото, градоначалникот го доживува и како личен неуспех поради тоа што бришењето на оваа зграда беше еден од главните адути во неговата изборна кампања, од Аеродром велат: „Претходното раководство предводено од ВМРО-ДПМНЕ на Општина Аеродром ѝ го донесе ДУП И10 ненајавено и без дебата. Ваквото постапување предизвика бурни реакции во јавноста, а градоначалникот Марин лично ги поддржа жителите на Аеродром во борбата против пренамена на земјиштето пред „Мајчин дом“ од зона Д1 во зона А2 (станбено домување). Неговиот став за ова прашање останува непроменет, меѓутоа, како што веќе нагласивме, исцрпени се сите правни механизми за спречување на градбата“.
Од Општината потврдија дека издале одобрение за градење.
„За градежната парцела бр. 5.34 од ДУП за четврт И10, Општина Аеродром, КП 192/3 КО Кисела Вода 2, Скопје, по барање на инвеститорот ‘ЗСФ-ком’ ДООЕЛ Скопје во управна постапка е издадено одобрение за градење на А2 – домување во станбени згради од втора категорија“, велат од Аеродром.
Друштвото за градежништво „ЗСФ-ком“ и утрово, исто како вчера, е недостапно за коментар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски на терен: Сите патишта се проодни, снегот редовно се чисти од Македонија пат
Сите патишта во државата се проодни благодарение на макотрпната работа на луѓето од Македонија пат, кои даваат се’ од себе да се справат со обилните врнежи од снег кои ја зафатија државата, изјави денеска заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој ги посети пунктовите на Македонија пат на планинските превои “Стража” и “Пресека”.
– Денеска сум на терен во увид на активностите на Македонија пат, можам да кажам дека состојбата е добра, сите патишта во државата се проодни. Би сакал да им се заблагодарам на овие прекрасни луѓе од Македонија пат, кои што даваат се’ од себе, за сите патишта да се проодни и чисти. Тука сме на увид на планинскиот превој “Стража”, претходно бев во увид на патниот превој “Пресека”, и ќе продолжам на уште неколку места, рече Николоски.
Тој упати благодарност до работниците на Македонија пат и упати апел до сите граѓани кои имаат потреба да патуваат, да возат внимателно, да ја прилагодат брзината според условите на патиштата и без исклучок да поседуваат зимска опрема.
– Би сакал да се заблагодарам на сите работници, на сите оние кои што помагаат, да ги замолам сите кои што патуваат, да ги почитуваат прописите и правилата, да користат зимски гуми, секаде каде што е потребно ланци и сета дополнителна опрема и да ја прилагодат брзината. Ние ќе направиме патиштата секаде да се проодни и да не се почувствува или минимално да се почувствува ова невреме кое што ја зафаќа Македонија, апелираше вицепремиерот Николоски.
Македонија
УХМР: Најголема опасност од излевања и заезерувања има во југозападните и западните делови на земјата
Од утринава зголемување на водостоите има во југозападниот дел на земјата, односно на река Коселска, река Сатеска, река Ресенска и на останатите помали реки и суводолици во регионот каде се можни локални излевања на реките и појави на заезерување на водата. Во Охридско-Преспанскиот регион се очекува реакција на помалите реки и суводолиците, а исто така и во Струшкиот регион каде се можни локални излевања и појави на заезерување во Струшкото Поле заради интеракција на подземните и површинските води, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
„Исто така, утринава е висок водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот и можни се локални излевања на реката во тој дел (во Гостиварскиот регион), а можни се појави на заезерување на водата во Полошката Котлина.
Значително е висок водостојот на река Црна во долниот дел од течението и можни се локални излевања на реката и појави на заезерување на водата во Пелагониската Котлина, а исто така и во делови од Битолско-Прилепскиот регион. Во горниот дел од сливот нема позначително зголемување на водостојот но можни се заезерувања во Демир Хисарскиот регион.
Останува висок водостојот на река Треска и таму се можни локални излевања и заезерувања во целиот слив на реката, вклучително и Кичевскиот регион.
Генерално, најголема опасност од излевања и заезерувања има во југозападните делови и западните делови на земјата каде и во текот на денот некаде до 18:00 часот врнежите ќе бидат од дожд и снег и на повисоките места, додека на пониските ќе бидат само од дожд. Во попладневните часови, некаде после 18:00 часот се очекува продор на северен ветер и северно струење на воздухот што ќе придонесе за заладување на времето и врнежите насекаде ќе преминуваат во вид на снег. До тој временски преод останува опасноста од локални излевања и заезерувања на водата пред се во југозападните, западните и северозападните делови на земјата.
Предупредуваме на вниателно движење покрај реките и суводолиците во текот на денешниот ден“, се наведува во соопштението на УХМР.
Македонија
Денеска гласаат болните и затворениците пред повторните избори за градоначалници во четири општини
Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица и лицата кои се на издржување на казна затвор за повторните избори за градоначалници на општините Гостивар, Маврово и Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа, информира Државната изборна комисија.
„Вкупно 249 болни или немоќни лица можат да го остварат своето право на глас на овие избори. Од нив, 146 лица се пријавени за гласање во Гостивар, 32 болни или немоќни лица имаат право да гласаат во Врапчиште, 69 лица може да гласаат за градоначалник на општина Маврово и Ростуше и 2 лица може да гласаат за градоначалник на општина Центар Жупа. Со почеток во 7:00 часот во 7 казнено поправни установи, своето право на глас можат да го остварат 94 лица кои се на издржување казна затвор или притвор“, велат од ДИК.
Оттаму додаваат дека гласањeто досега се одвива непречено и без проблеми.

