Македонија
(Видео) Одложено судењето за „Ликвидација“
Поради оперативен зафат на поротничка во судечкиот совет, судијата Осман Шабани го одложи судењето за предметот „Ликвидација“, кое требаше да почне од почеток.
Адвокатот на починатиот Борис Николовски приложи извод од матичната книга на умрените, за судот за него да ја запре постапката. „Овој случај го уништи покојниот Борис“, рече Јован Јоанидис.
Адвокатот Александар Тортевски побара прочистено обвинение од обвинителката Марија Ѓорѓева.
Следното рочиште е закажано за 3 септември.
Случајот „Ликвидација“ го отвори МВР во време на владењето на ВМРО-ДПМНЕ, а го застапуваше обвинителката Лиле Стефанова. Им се судеше на судии, адвокат, обвинител и новинар и заврши со правосилна пресуда со која сите осуммина обвинети со правосилна судса одлука беа прогласени за виновни.
Обвинетите беа правосилно осудени за примање поткуп, за злоупотреба на службената положба и овластување, противзаконско посредување.
Велешкиот судија Иле Танев беше осуден на 1 година и 6 месеци затвор, неговиот колега, судијата Валентин Зафиров, на 2 години и 6 месеци, обвинителот Ивица Ефремов на затвор од 3 години, пензионираниот судија Борис Николовски, на условна казна од 1 година затвор, колку што доби и адвокатот Сашко Лазаров за противзаконско посредување, а Јане Павловски Тица беше осуден на една и пол година затвор.
Меѓу осудените беше и новинарот Томислав Кежаровски бидејќи во 2008 година во два последователни броеви на ревијата „Репортер 92“ објавил копија од записникот каде стоел исказот на заштитениот сведок во случајот „Ореше“.
Според обвинението на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Танев во 2008 година како службено лице судија во Основниот суд во Велес и претседател на кривичниот совет, побарал од обвинетиот Сабедин Џини-Хофман поткуп од 2.000 евра за да гласа за укинување на притвор во предмет, каде, пак, како обвинет за разбојништво се јавува заштитениот сведок во „Ореше“ Златко Арсовски, заедно со уште едно лице.
Танев, кој е судијата што двапати донесе осудителна, а во третиот наврат ослободителна пресуда за обвинетите во случајот „Ореше“, е правосилно осуден под обвинение дека со искористување на својата службена положба ги повредил правата на обвинетите браќа Љупчо и Ордан Георгиевски. Тој наводно ја искинал веќе залепената доставницата за пресудата и наместо неа залепил нова со нов невистинит датум, за обвинителот и обвинет Ивица Ефремов, кој го пропуштил рокот да поднесе жалба за висината на казната.
Судијата Зафиров беше обвинет дека во 2008 година под псевдонимот „Бреза“ го сослушал тогаш загрозениот сведок Арсовски, а записникот со телефонскиот број на загрозениот сведок, иако знаел дека внел податоци што можат да доведат до идентификација, им го дал на адвокатите во случајот „Ореше“.
Петтообвинетиот, обвинителот Ивица Ефремов, беше обвинет и осуден за протиивзаконско посредување и злоупотреба на службената положба. Тој, наводно поттикнат од обвинетиот Зафиров, се обидел да влијае кај својата колешка од велешкото обвинителство, Славица Темелковска, таа да поднесе обвинителен акт без предлог за продолжување на мерка притвор. Ефремов исто така е осуден за неовластено држење оружје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Превозниците вечерва ја прекинуваат блокадата на границите
Вечерва во 20:00 часот ќе биде прекинат протестот на граничните премини за тешки товарни возила, информира АМСМ.
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај с.Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег се бележат на патниот правец с.Лисец – Попова Шапка. Појава на магла и намалена видливост на планинските премини: Плетвар до 50 метри, Пресека до 100 метри и Стража до 150 метри.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Муцунски и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, разговараа за предизвиците на превозниците
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево оствари телефонски разговор со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Фокусот на разговорот беше ставен на актуелните економски предизвици и евроинтегративниот процес, соопштија од Министерството.
„Соговорниците разменија мислења за изнаоѓање конкретно и одржливо решение за предизвиците со кои се соочуваат професионалните превозници, како и за прашањето поврзано со тарифите за челик. Во тој контекст, министерот Муцунски ја нагласи потребата од навремена и координирана реакција, со цел да се избегнат дополнителни негативни ефекти врз домашната економија“, се наведува во соопштението.
Во контекст на евроинтегративниот пат на државата, министерот Муцунски ја потврди јасната и силна посветеност кон реформскиот процес, обезбедувањето континуитет во неговото спроведување, како и усвојувањето на законите кои се составен дел од европската агенда.
Македонија
Гаши на средба со австрискиот амбасадор
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, на денешната средба со амбасадорот на Република Австрија ги истакна пријателските односи помеѓу двете земји и се заблагодари за подршката на Австрија на интегративниот пат на нашата земја во Европската Унија.
Амбасадорот Памер, во контекст на одличните односи помеѓу двете држави, го информираше претседателот за проект кој ќе го унапреди културното поврзување меѓу двете држави. Амбасадорот истакна дека за вакви големи проекти е потребна поддршка од највисоките институции, вклучително и од Собранието.
Претседателот истакна дека ги поддржуваа проектите кои ја унапредуваат соработката и ги продлабочуваат односите на билатерално ниво и оттука Собранието е на располагање да го поддржи проектот.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните политички случувања кај нас и во светот, како и за процесот на европската интеграција.

