Македонија
(Видео) Отворена новата дуална паралелка во средното медицинско училиште во Скопје
Премиерот Зоран Заев, заедно со министерката за образование Мила Царовска, денеска свечено ја презентираа парцијално дуалната паралелка „Фармацевтски техничар во фармацевтска индустрија“ во средното медицинско училиште на град Скопје „Д-р Панче Караѓозов”.
Во новата паралелка ќе учат 23 ученици е во рамки на кампањата „Учи паметно, работи стручно“ на Министерството за образование, како одговор на потребите на стопанството, а воедно и како резултат на дефицитот на стручни работници во компаниите во национални рамки.
Во своето обраќање премиерот Заев истакна увереност дека вложувањето во средното стручно образование ќе резултира со создавање на нови и квалитетни образовни профили и ќе се ефектуира врз растот на националната економија и справување со проблемот на заминувањето на младите надвор од земјата.
„Со огромно задоволство можам да заклучам дека визијата на Владата и на МОН се потврди како блиска и привлечна за младите кои многу бргу ја препознаа шансата. За ова зборуваат и бројките по завршувањето на двата уписни рока за оваа учебна година во средните училишта, каде најголем број од запишаните ученици односно дури 64% го одбраа токму средното стручно образование“, рече премиерот.
Тој ја поздрави и визијата и претприемничкиот дух на компанијата АД Алкалоид која ќе обезбеди заштитна опрема, систематски прегледи, топол оброк и месечни стипендии од 3.000 денари за секој од овие ученици во текот на нивното школување.

Во своето обраќање до присутните, министерката за образование, Мила Царовска истакна дека со креирањето на кампањата „Учи паметно работи стручно“ Владата и МОН силно се заложуваат за директно намалување на младинската невработеност во земјава.
„АД Алкалоид се вклучи во дијалогот кој како министерство го започнавме некаде на почетокот на оваа календарска година заедно со локалните самоуправи, стопанските комори и со бизнис заедницата, со цел, за прв пат заедно да утврдиме кои струки ни се потребни. Плод на тој заеднички труд е зголемен број на ученици кои се запишани во средно стручно образование и тоа за 6% повеќе во однос на минатата година и дури 1384 ученици запишани во 97 дуални паралелки во 44 училишта, а во соработка со 220 компании. Ги охрабрувам компаниите во Северна Македонија, да го следат примерот на оние кои се веќе вклучени, како што е вклучена и компанијата Алкалоид и од следната учебна година и тие да бидат дел од дуалното“, подвлече Царовска.

Претставникот на АД Алколоид и координаторот на проектот, Никола Ефтимов, истакна дека претставува голема чест за компанијата да се учествува во една ваква иницијатива за развој на млади кадри и додаде дека за учениците е многу важно да видат како со труд може да се има кариера во една од најдобрите компании која знае како да се грижи за своите вработени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апасиев: Семејното насилство да се казнува повеќе од обичното, итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа
„Како што дрска кражба се казнува повеќе, а не помалце од обична; како што убиство со умисла се казнува повеќе, а не помалце од убиство на миг; така и семејно насилство треба да се казнува повеќе, а не помалце од обично насилство – оти една од основните функции на семејството е заштитната! А каква “заштита” имаш ако дома маж ти те тепа секој ден?“, пишува претседателот на Левица, Димитар Апасиев на социјалните мрежи.
Тој порача дека „под итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа, кои се напикани со неспособни и нестручни партиски штабци! Под итно!!!“
Македонија
Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, велат од СДСМ
Максим Димитриевски – Максо го гледаме како кука по телевизија, како да не е дел од криминалната власт, велат од СДСМ.
„Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, но не му успеа.
Очигледно сега, кога граѓаните знаат дека бил кукавичко јајце и дека ЗНАМ како партија повеќе нема никаква поддршка од граѓаните, бара да си ги наплати своите „заслуги“ за ВМРО-ОКГ.
Дури Максо зборува и за Груби, дека е дома, во куќен притвор, а неговиот шеф Мицкоски стои позади тој дил.
Што глуми Максим Димитриевски?
Или не му дале некој нов тендер па мора малку да плаче по телевизија за да го добие?
Како оној во Пошта, од 1,2 милиони евра што го доби фирма блиска до ЗНАМ во време кога вработените не можат навреме ниту плата да поделат“.
Максим, додаваат од опозициската партија, е познат по тоа што јавно призна дека не живее од плата.
„Затоа не мисли тој на работниците и тоа што тој и неговата влада одбиваат да им ја покачат минималната плата на 600 евра.
За тоа не се жали Димитриевски, не знае што е плата и како е да се преживее од први до први во месецот, како што се мачат над 200 илјади работници.
Сè е приватен бизис во тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ, никој од нив не живее од плата, само од тендери“.
Македонија
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања во областа на науката, уметноста, спортот, образованието и заштитата на животната средина.
Признанијата се доделуваат за остварувања во претходната и тековната година, како и за подолг период на работа и творештво, вклучително и постхумни награди.
„Кандидатите можат да се пријават лично или да бидат предложени од правни и физички лица.
Рокот за поднесување пријави е седум работни дена од денот на објавувањето на повикот.
Пријавите се доставуваат по пошта на адреса: Општина Аеродром, бул. „Јане Сандански“ 109Б, 1000 Скопје, или лично во архивата на Општината, секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот.
Подетални информации и потребните обрасци се достапни на: http://aerodrom.gov.mk/vest/9566“.

