Македонија
(Видео) Отворен адреналинскиот парк во Карпош
Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска заедно со вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, и градоначалниците на Град Скопје, Петре Шилегов, и на општина Карпош, Стефан Богоев, присуствуваа на отворањето на новиот модерен спортско-адреналински парк на кејот на Вардар во населбата Карпош 4.
Паркот се протега на над 10.000 метри квадратни, а како што посочи премиерот Зоран Заев, истиот е во вредност од над 700.000 евра од ЕУ и локалната самоуправа.
„За овој ултра модерен адреналински парк сакам да упатам благодарност за поддршката до Делегацијата на Европската Унија, која препозна успешен проект и на Општината која аплицираше на повик и беше доделен грант во висина од 38 милиони и 100 илјади денари во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност преку кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, и Светската банка. Дел од инвестицијата е и на локалната самоуправа, која во овој проект вложи околу шест милиони денари со што вкупната вредност на адреналинско-рекреативниот парк е над 700.000 евра“, рече премиерот Заев по обиколката на реквизитите и одделните секции на новиот парк, која ја изврши заедно со амбасадорот и шеф на Делегацијата на Европската Унија во нашата земја, Дејвид Гир, со претставници на Проектот за локална и регионална конкурентност, на Светската банка и на компанијата која ќе раководи со паркот.
Заев нагласи дека паркот е од полза за граѓаните заради тоа што се наоѓа на простор кој претходно беше неискористен и запуштен, а во иднина ќе пружи можност за рекреација и занимавање со спортски активности на граѓаните од сите категории, децата, младите и повозрасните.
„Ние како Влада остануваме на определбата да даваме поддршка на локалните самоуправи и да поддржуваме политики кои се однесуваат на создавање подобри услови за граѓаните, не само во однос на подобро образование и работни места, туку и подобри услови за искористување на слободното време, посветување на рекреација и спортските активности. Целта е дословно да ја примениме максимата ‘Во здраво тело-здрав дух’. Изминатиов период, повеќе од година и пол, соочувајќи се со пандемијата предизвикана од Ковид-19 видовме колку е важно здравјето. Затоа, си поставивме цел и во овој втор мандат да ги подобруваме и зголемуваме можностите за што поголем број граѓани од сите возрасти да се занимаваат со спорт и спортски слободни активности. Да обезбедиме „спорт за сите”, рече премиерот Заев на отворањето на новиот адреналински парк.
![]()
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, во своето обраќање нагласи дека новиот спортско-адреналински парк е уште еден успешно завршен проект кој ќе остане во сопственост на општина Карпош, на Град Скопје, на сите граѓани и ќе биде одлично место за несекојдневна рекреација на карпошани, скопјани и сите други кои го посетуваат главниот град, но и сите туристи кои се зависници од спортскиот адреналин.
„Би сакал да посочам дека изградбата на спортско-адреналинскиот парк во Карпош се одвиваше во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност кој е во вкупна вредност од 21 милион евра, а е поддржан од Делегацијата на Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија. Ова е еден од 57-те потпроекти кои се одвиваа изминатите неколку години во десет туристички дестинации, а со кои директно влијаеме на зголемувањето на атрактивноста на нашата држава како туристичка дестинација и за домашните и за странските туристи, но и со кои се збогатува рекреативниот и културниот живот и се подобрува животниот стандард на сите граѓани“, подвлече вицепремиерот Битиќи.
„Паркот одлично се вклопува во околината на кејот на Вардар, близината на градскиот парк, а очекувам да се вклопи и во новиот парк во Карпош 4, чија реализација ја оставивме за претстојниот период”, рече градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, кој додаде дека за разлика од пред неколку години, а особено по пандемијата, може да се забележи дека Скопје навистина има многу нови спортски содржини на отворено и тоа во речиси сите скопски општини.
„Продолжуваме посветено да работиме на унапредување на животната средина на нашите сограѓани, што ќе значи истовремено и повеќе зеленило и повеќе придружни содржини за спорт и рекреација кои се неопходни предуслови за водењето здрав живот во урбаните средини”, додаде Шилегов.
Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, истакна дека станува збор за прва спортско-рекреативна зона во Скопје од таков тип, која покрај игралишта за фудбал и одбојка на песок со трибини, реконструиран скејт парк, сквер, детско игралиште и соодветна урбана опрема со еколошко осветлување, содржи и адреналински дел.
„Во рамки на оваа зона засадивме и 80 висококвалитетни дрвја, нова тревна површина, а поставен е и систем за наводнување на зеленилото. Сите заинтересирани граѓани ќе можат преку електронска пошта или телефон да закажат термин на фудбалското и одбојкарско игралиште, а адреналинскиот дел го одржува Adventure side“, истакна градоначалникот на општина Карпош, Богоев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Веднаш да се активира „Безбеден град“ за наоѓање на сторителите што истураат кучиња во Скопје, бараат од Зелен хуман град
Од Граѓанската иницијатива Зелен хуман град предупредуваат дека веќе со месеци се множат објавите за исфрлање кучиња од други градови во Скопје. Со нив, како што посочуваат, се множат и немилите снимки од несакани интеракции животно-човек.
Нема да биде првпат, според Зелен хуман град, да се креира вештачки проблем со носење кучиња од други градови, создавање немир и револт кај населението за после да „пројде“ масовна еутаназија како „решение“.
„Бевме сведоци на дискусија во комисијата за комунални работи на Град Скопје каде што од претставник на актуелното градско раководство се нафрли терминот „еутаназија“.
Не сме заборавиле дека Комунална хигиена во времето на Коце Трајановски масовно и симултано труеше низ сите скопски општини. Фрлаа отров накај 3 или 4 сабајле и како војска во 5 или 6 поминуваа и собираа лешеви. Не беа само бездомните кучиња, сите памтиме како умираа и домашни миленици во тие дивјачки хајки! Нема погадна смрт од смртта од отров!
Бараме веднаш да се активира Безбеден град во функција на наоѓање на сторителите што истураат кучиња во Скопје.
Бараме ригорозно и неселективно казнување на сите што ќе бидат фатени дека го прават ова!
Бараме поддршка од вас, драги сограѓани, ако забележите исфрлање кучиња од возило снимајте и фотографирајте со јасно фаќање на регистарските таблици, но од безбедна оддалеченост“.
Од Зелен хуман град потсетуваат како што велат дека актуелното раководство во Град Скопје ги елиминираше сите до еден активисти од управниот и надзорниот одбор на Лајка и ги замени со партиски номинации што немаат допирна точка со стратегии за хумана контрола на бездомни животни.
„За сега само директорката на Лајка е единствената останата активистка на раководна функција со моќ за одлучување во претпријатието.
Дури и да се убијат сите бездомни кучиња и мачиња како што варварски се правело во минатото, за 6 месеци пак ќе бидат полни улиците со бездомни кучиња и нови на пат. Неодговорни сопственици се проблемот, непостоечки/премали казни, како и што напуштањето миленик не е кривично дело“.
Македонија
(Видео) Тренчевска до Дурмиши: Кажувате нема пари за 600 евра плата, а Владата се луксузира со народни пари
Пратеничката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Јована Тренчевска, на денешните пратенички прашања, упати прашање до министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, во кое посочи дека за две години владата на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека граѓаните, работниците, не им се на приоритената листа. Тренчевска нагласи дека наместо да ми се помогне на работниците и да им се обезбеди 600 евра минимална плата, власта со парите на граѓаните се луксузира. Во обраќањето Тренчевска го праша министерот Дурмиши дали не се срами како министер кој е одговорен за благосостојбата на работниците да кажува дека нема пари за 600 евра минимална плата, додека премиерот Мицкоски го користи владиниот авион за летување на Јадранско море, а работниците надвор протестираат за својот егзистенцијален минимум.
„Животот на граѓаните е сведен на преживување. Луксуз е да се живее достоинствено. Луксуз е да се наполни кошничката во маркет со основните прехранбени производи, луксуз е да се платат сметки за струја и комуналии, луксуз е да се оди на годиншен одмор.
За две години владата на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека граѓаните, работниците, не им се на приоритената листа.
Семејниот буџет на работникот е на минимум, а притисокот од цените расте. Ниту три минимални плати не се доволни за покривање на основните животни потреби“.
И во ова време кога синдикалната кошничка надминува 66.000 денари, кога една третина од месечните трошоци одат само за храна и пијалоци, кога родителите пресметуваат дали ќе има за струја, за школски прибор или за храна, оваа власт, вели Тренчевска, гледа само како повеќе да зграби од граѓаните, за да има повеќе за своите луксузи.
Зборуваме, додава таа, за 600 евра минимална плата за достоинствен живот на работниците, наспроти милионските криминални тендери и луксузирања на власта.
Како што оцени, Ккалитетот на животот на работниците е на дното а владата има обврска да обезбеди достоинствени плати, а не бизнис тендери.
Нагласи дека пари во Буџетот има.
„Ви дадовме предлог од кои ставки да се скрати, за да се обезбеди повисока минимална плата.
Ама треба да си скратите од луксузот, од вашата комфорност на грбот на работниците.
Еве ќе ви повторам – ако скратите 20-30% само од ставките 42 и 43/6 од Буџетот, за патни трошоци, за репрезентативен материјал, за патување, службени возила итн, ќе обезбедите околу 120 милиони евра.
Ајде, покажете доблест, покажете дека се грижите за работниците. Покажете волја и минимум почит кон оние кои ве гласале и благодарение на кои седите во овие удобни столчиња“.
„Па уште и нов авион ќе купувате, подготвени сте да дадете 300-400 милиони евра за нов авион, за нови туристички патувања и луксузирања, ама не и да ја зголемите минималната плата на 600 евра.
Жално. Немате никакво оправдување за оваа ваша неодговорност, и безобразно трошење на парите на граѓаните. Се се може кога се сака. Два пати го поднесуваме Законот за минимална плата и упорно се инаетите и не го прифаќате.Зошто? Затоа што е од СДСМ? Па сите ние сме избрани за да работиме за доброто на граѓаните.
Вашите први две години од мандадот ќе останат запаметени по криминални тендери и приватни бизниси, луксизирања, папаја, манго, пуста желба за еден нов авион“.
Македонија
Нови измами со лажни сообраќајки по телефон, лажни лекари и полицајци барале илјадници евра
Вчера во СВР Велес биле пријавени шест случаи на обиди за измами. Еден случај е пријавен во СВР Велес од 53-годишна велешанка, која пријавила дека машко лице се јавило на нејзиниот татко и му кажало дека неговата ќерка се здобила со тешки повреди, за што е потребно да се направи операција и побарал да донесе пари за интервенција во болница во Велес.
Останатите пет случаи се пријавени во ОВР Неготино, каде лица на возраст од 69 до 78 години, пријавиле дека машко лице им се јавило, им кажало дека членови на нивните семејства се здобиле со повреди и за да се изврши оперативен зафат потребно е да донесат пари.
Побараните суми достигнувале и до 35.000 евра, а лицето во неколку од случаите се претставувало како лекар или како полициски службеник. На некои од пријавителите им било побарано парите да ги однесат во здравствени установи во Скопје, а на други во болницата во Велес.
Сите пријавители се посомневале, ги контактирале своите блиски и сфатиле дека се работи за измама.
СВР Велес апелира до граѓаните да бидат особено внимателни при комуникација со непознати личности и сите сомнителни случаи да ги пријават во полициска станица. Исто така, полициските службеници и во претстојниот период ќе продолжат со засилено темпо да реализираат превентивни активности за заштита од измами, особено за повозрасната популација, со цел граѓаните да се информираат и едуцираат за опасностите од телефонските измами, како да ги препознаат и да не дозволат да бидат жртви на овој вид измами.

