Македонија
(Видео) Отворен кардиоваскуларен центар во Градската општа болница „8 Септември“
Од денеска во рамките на Градската општа болница „8 Септември“ функционира кардиоваскуларен центар. Центарот свечено беше отворен од страна на претседателот на Владата, Зоран Заев, и министерот за здравство, Венко Филипче. Кардиоваскуларниот центар се отвори токму на патрониот ден на болницата.
„Овој центар дефинитивно ќе ги надополни досегашните центри. Најголемиот капацитет е Клиниката за кардиологија. Постојат насекаде низ градовите, постои еден дел и во Здравствен дом Скопје, но Градската болница навистина го опслужува градот, а ја опслужува и цела Република Северна Македонија. Продолжуваме во здравството со сите политики коишто дефинитивно ќе го подигнат нивото на здравствените услуги. Во моментов знам дека се распишани постапки за реновирање на речиси сите здравствени установи. Распишани се постапки за опремување на повеќе од 34 здравствени институции во државата, голем дел на тендерски постапки се објавени за дополнително квалитетно здравство за граѓаните. Продолжуваме со мотивацијата на лекарите и здравствените работници преку зголемувањето на платите. Знаете дека силен фокус имаме на постапката за изградбата на новиот клинички центар за сите граѓани, во делот на терцијарното здравство, коешто е многу важно за сите граѓани“, потенцираше премиерот Заев.
Во овој центар сместени се кабинетот за трансторакална, трансезофагеална и стрес-ехокардиографија, кабинет за холтер и АБП-дијагностика, кабинетот за коронарен стрес-тест и ергоспирометрија.
Во рамките на центарот се наоѓа сала за ангиографија и сала за имплантација на пејсмејкери, кои исто така се работат во оваа болница. Ергоспирометријата како метода се користи за проценка на функционалниот капацитет на кардиоваскуларниот, респираторниот, мускуло-скелетниот систем и метаболизмот за време на одење по подвижна лента.
„На вработените во овој центар им посакувам успешен почеток. Од моја страна и од страна на Владата останува заложбата за подобрување на условите на здравствените работници и обезбедување средства за повисоки плати, а пациентите достоинствени услови за лекување. Во периодот што следува продолжува интензивната работа, подготвувањето на постапката и градбата на новиот клинички центар, којшто ќе биде тип на зграда со интегрирана услуга, како што има оваа болница. Ова е единствена болница којашто била пред многу години градена специјално со таа намена, многу слично на зградата на ВМА во Белград и заради тоа е тоа битно да се олесни пристапот и нормално со тоа квалитетот на здравствената услуга расте“, изјави министерот Филипче и додаде дека Министерството за здравство почнува постапка за подобрување на условите во над 30 јавни здравствени установи во државата.
Директорот на ГОБ „8 Септември“, Христијан Костов, инфомираше дека просторот што го користеше како дијагностички центар, Клиниката Жан Митрев, вратен на користење на Градската општа болница „8 Септември“, се реконструираше во кардиоваскуларен центар.
„Зголемувањето на интензитетот на работата на одделението и кабинетот за кардиологија, како и воведувањето нови дијагностички методи ја наметна потребата за отворање на кардиоваскуларен центар во Градската општа болница ‘8 Септември’ се во интерес на пациентите. Кардиоваскуларниот центар има три кардиолошки амбуланти и кабинети за дијагностички методи лоцирани во еден заеднички простор лесно достапни за пациентот“, истакна директорот Костов.
Премиерот Заев и министерот Филипче на вработени им го честитаа патрониот празник, како и денот на независноста, „8 Септември“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

