Македонија
(Видео) Паднаа првите жртви за тунелот во „Идризово“, суспендирани неколкумина вработени оти го помогнале копањето

За ископаниот тунел во дворот на затворот „Идризово“ има суспендирани, уверува новиот директор на казнено-поправната установа, Зоран Јовановски. Кои вработени се суспендирани и колкумина се најавува дека ќе открие откога ќе биде поднесен обвинителниот акт.
„Има суспендирани, но не можам да кажам колкумина се ниту, пак, какви било други детали. Истрагата е во тек, се работи на расчистување на случајот. Набргу очекуваме и обвинителен акт, но да почекаме да завршат постапките“, вели директорот Јовановски.
Тој во интервју за „Макфакс“ беше прашан дали затворениците ќе избегале ако не се појавеле подземни води, поради кои, неофицијално, копањето запрело.
Тунелот во затворот „Идризово“ беше откриен пред еден месец, а од МВР известија дека знаеле за него два месеца претходно. Во копањето учествувале најмалку осуммина затвореници осудени за сериозни кривични дела, со казни од 10 години до доживотен затвор. Долг е 40 метри, осветлен и заштитен од уривање со потпори.
Води кон високата заштитна ограда, а лоциран е веднаш до објект што се користел за складирање јаглен во дворот. Затворските работници, иако имале индиции дека има сомнително движење на осудениците околу помошните простории, тунелот го откриле кога почнале подготовка за уривање на помошните простории, меѓу кои и онаа за складирање јаглен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Влен“: ДУИ е во паника и почнува да си ги објавува сопствените неуспеси

ДУИ е во паника и почнува да си ги објавува сопствените неуспеси. Со последното соопштение за исклучувањето на Албанците од структурата на Олимпискиот комитет, ДУИ несвесно признава дека 20 години додека беше на власт, не направи ништо за учеството на Албанците во овој сегмент од општеството, велат од Влен преку соопштение.
„Прашањето е едноставно: Што правевте 20 години?
Наместо да работите за интеграција, правична застапеност и можности за сите, дваесет години се занимававте со личен бизнис и богатење. Сега, со ваквите соопштенија, уште појасно им покажувате на Албанците дека ДУИ во сите овие години не постигнала ништо суштинско за нив.
ВЛЕН, за разлика од вас, обезбеди пари за општините каде што живеат Албанците, започна изградба на најкрупните градежни проекти во западна Македонија, обезбедува финансии за квалитетно образование на Албанците во Северна Македонија и носи закон за правична застапеност.
Апелираме ДУИ да продолжи да си ги признава своите пропусти – за граѓаните уште повеќе да разберат дека времето на партијата која ја злоупотребуваше власта за лични интереси заврши“, се вели во соопштението на „Влен“.
Македонија
Ѓорѓиевски во увид на реконструкцискиот зафат во ООУ „Круме Кепески”

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, изврши увид во градежни зафати во ООУ „Круме Кепески“, каде во пресрет на новата учебна година се работи на значајно подобрување на условите за учениците и наставниот кадар.
Со уреден влез, нова урбана опрема, освежени и реконструирани училници, замена на подови и поправка на оштетената фасада, ова училиште добива нов изглед и унапредени услови за работа.
-Влогот во најмладите е влог во иднината! Основните училишта во Кисела Вода се подготвени да ги пречекаат учениците на почетокот од новата учебна година, со подобрени услови. Во ООУ „Круме Кепески“ се изведуваат значајни градежни зафати сѐ со цел да се подобри образовниот процес. Влезот е уреден со павер елементи, а дворот доби нова урбана опрема. Освежени се со боја и реконструирани 7.500 м² ѕидови во десет училници и ходници. Набавени се нови клупи и столчиња, а во тек е замената на стариот под со нов PVC. Поправена е и фасадата, која претходно беше оштетена од несовесни граѓани.
Во изминатите четири години направивме голем исчекор – од стари и руинирани училници, до нови и проширени училишта. Целосно го дигитализиравме наставниот процес и создадовме современи услови за учење. Сите училишта добија фотоволтаици, додека сите наставници компјутери. Обезбедивме и ранче за секое прваче и униформа за сите ученици. Продолжуваме со уште посилно темпо, затоа што нашите деца и ученици се нашата иднина. Тие го заслужуваат најдоброто“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
СДСМ бара разрешување на Михајлов и целосна истрага за „Еразмус+“

СДСМ побара разрешување на в.д. директорката на Националната агенција за европски образовни програми, Ана Михајлов, и целосна истрага за наводните злоупотреби во рамки на програмата Еразмус+.
На прес-конференција, потпретседателот на СДММ, Јовица Јанковиќ, изјави дека ОЛАФ – Европската канцеларија за борба против измами, во својот извештај објавен минатата година, наведува злоупотреби на европски средства во вредност од милиони евра.
„Во извештајот на ОЛАФ, којшто е јавно објавен, постојат сомнежи дека во периодот кога Михајлов била одговорно лице за евалуаторите, преку вмрежени лица и фирми се злоупотребени над 2 милиони евра. Иако извештајот е доставен во 2023 година, до ден-денес нема обвинителен акт. Клучното прашање е дали со назначувањето на Михајлов власта има за цел да ја блокира и влијае на истрагата на ОЈО и ОЛАФ?“, рече Јанковиќ.
Тој додаде дека постојат информации од свиркачи за доделување на над 8 милиони евра на фирми под сомнителни околности и дека претходниот конкурс бил поништен за да се назначи в.д. директорката.
СДСМ бара од Владата да ја разреши Михајлов и итно постапување на Јавното обвинителство за процесуирање на сите инволвирани лица, нагласувајќи дека европските средства наменети за младите и образованието не смее да се користат за партиски или личен профит.