Македонија
(Видео) Пак кавга во Советот на Скопје; Витина: Се плашите од разрешување, претседателе, затоа дозволувате онлајн-вклучување?
Советничката Ирена Витина, која во ноември лани го напушти ВМРО-ДПМНЕ и остана да дејствува како независна советничка во Советот на Скопје, денес уште пред да се усвои дневниот ред за седницата, побара разрешување на претседателот на Советот, Трајко Славески, оти спротивно на Деловникот дозволил четири советнички седницата да ја следат онлајн. Таа го обвини дека постапува селективно и ги повика институциите да ја проверат неговата и работата на Советот на Скопје.
„Имаме советници што шест месеци не се појавиле на Советот. Онлајн-појавувањето не е пропишано со Деловникот. Тука некој селективно се однесува. Се плашите за позицијата, претседателе, да не Ве разрешат, па Ви требаат гласови? Затоа дозволувате онлајн-вклучување? Нека знае јавноста дека тука некој селективно се однесува и грубо го крши Деловникот. Ги повикувам сите надлежни институции да извршат увид на работата на претседателот на Советот на Град Скопје и на работата на Советот на Град Скопје“, рече советничката Витина и нагласи дека ковид-мерките, кои дозволуваа онлајн-вклучување на седниците, одамна се завршени.
Претседателот Славески објасни дека не се плаши од разрешување, а одлуката за онлајн-вклучување на советниците не ја донел сам, туку со координаторите на советничките партии за да им се излезе во пресрет на советниците, кои од здравствени причини се спречени физички да дојдат во салата на Советот.
„Што се однесува до разрешувањето, Ве охрабрувам веднаш да поднесете инцијатива. За вклучувањето, пак, да објаснам, претседателот на Советот се советува со координативно тело, во кое членуваат сите координатори на политичките партии. Имавме случаи на патолошка бременост, на последици од тешка болест и така натаму и заклучокот беше во овој период да можеме да продолжиме до промена на Деловникот со практиката да дозволиме некои наши колешки и колеги да може да го остваруваат своето право за учество на седницата, а се спречени поради здравствени причини. Ова го правиме од хумани причини“, објасни претседавачот Славески.
Советничката Витина уште еднаш побара збор, но Славески не ѝ дозволи со објаснување дека нема право на збор, но таа и покрај предупредувањата, излезе на говорницата, а Славески стана од столчето и побара преносот од седницата да се исклучи и на неколку минути ја прекина седницата.
По прекинот и откако Витина со исклучен пренос и прекината седница уште неколкупати објасни дека не се работи за тоа дека се нехумани, седницата продолжи. Меѓу точките за кои денес ќе се расправа се измена и дополнување на буџетот на Град Скопје, состојбата со приватните паркиралишта во Скопје, иницијатива за отворање дневен центар за лица со попреченост, ќе се гласа за инцијатива за финансиска помош на Фудбалскиот клуб „Вардар“, а на дневен ред е отстапувањето на Универзалната сала на Министерството за култура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

