Македонија
(Видео) Панова: Владата без решение за згрижување на децата од 6 до 10 години
Власта целосно го занемарува фактот дека во согласност со здравствените протоколи училишните часови ќе бидат скратени 10 минути, односно за оние ученици до 10 години часовите ќе траат по 30 минути, а сè уште нема никаква одлука за функционирањето на дневниот престој во училиштата. Според информациите од училиштата, првата смена за настава за учениците до 10 години ќе трае од 8 часот до 10.15 часот, а втората смена почнува во 10.30 часот, а ќе трае до 12.45 часот, изјави Ели Панова, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
„Власта создава целосен хаос и крах на системот. Родителите, граѓаните, се оставени на избор – дали да дадат откази на работните места или децата до 10-годишна возраст да ги остават сами на себе? Ако се посетува физичка настава, децата од прва смена по 10.15 часот, треба да бидат оставени сами на себе. Ако, пак, треба да следат онлајн-настава, треба да бидат оставени сами дома, незгрижени и, внимавајте, сами да се снаоѓаат пред компјутерот со целосно нов некаковси приод кон онлајн-учење?
Тоа се однесува и за оние деца што ќе бидат втора смена – кој ќе ги однесе до училиштето во 10.30 часот или, пак, кој ќе ги земе во 12.45 часот? Тука станува збор за деца од 6, 7, 8, 9 и од 10 години.
Е ,па, Зоран Заев и неговите пулени Филипче, Шахпаска и Царовска треба да одговорат:
Дали владата намерно турка систем во кој децата од 6 до 10 години ги остава незгрижени?
Ова ли е тоа општество и власт што се грижат за доброто на децата?
Ова ли се мерките што ќе произведат, оние што со сила ги враќаат на работа, целосно безгрижно да се посветат на работата?
Ова ли се вистинските мерки за децата и вистински воспитно-образовен процес со два до три часа физична настава, а потоа децата да останат незгрижени, затоа што државата нема решение за згрижување на децата од 6 до 10-годишна возраст?
Мила Царовска како поранешна министерка за труд и социјална политика, а сега министерка за образование, треба да е свесна дека ова се вистинските проблеми што задираат во правата на децата, задираат во принципите на заштита на правото на живот и развој на детето, заштита на најдобриот интерес на детето, почитување на правото на слобода и безбедност на личноста, услови за здрав живот.
Дури и да е во ред епидемиолошката состојба, а не е, ваквото однесување на власта кон вработените и севкупно кон граѓаните е ништо помалку од насилничко. Заборавени и фрлени во неволја се цели групи граѓани, еднородителски семејства, семејства што немаат каде да ги остават децата на згрижување, уште повеќе семејства што немаат доволно приходи за да плаќаат некој секојдневно да се грижи за нивните деца.
Пред да се донесе мерката Владата не пристапила сериозно кон собирање релевантни податоци за тоа дали и колку од ова поради нивната мерка ризичната група на деца од 6 до 10 години има или може да се потпре на помош од поширокото семејство ниту, пак, дали воопшто би требало да се бара помош од ризична група поради животозагрозувачкиот вирус, кој се уште пламти. Но, најголемиот проблем е што Владата донесе одлука, без да обезбеди државата на кој било начин да ги згрижи децата на возраст од 6 до 10 години.
Забеганата власт вака испраќа порака дека децата и нивната добробит не ѝ се важни.
Инсистираме, Владата да ја повлече оваа избрзана одлука, да отвори јавна дебата и пред носење нова одлука да ги земе предвид барањата и потребите на родителите и, пред сè, во фокусот да ја стави грижата за доброто на децата. И овој пат изборот е или мафијата или Македонија“, заклучи Панова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска врнежи од дожд и од снег на планините
Под влијание на циклонска активност, денеска ќе има врнежи од дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места, а на планините од снег, информира УХМР.
Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови каде се очекува да наврнат над 15 l/m² воден талог. На планините висината на снежната покривка ќе се зголеми од 10 до 15 см.
Потоа во следните денови времето ќе биде претежно стабилно со ниски утрински температури. За време на викендот ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во сабота наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.
Во Скопје, денеска ќе има повремени врнежи од дожд. Потоа ќе биде стабилно со пониска утринска температура.
Македонија
По 100 дена мандат, Ѓорѓиевски порача: „Скопје повторно почна да дише“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави отчет за првите 100 дена од мандатот, наведувајќи дека ја презел функцијата во услови на, како што рече, „град на раб на финансиски колапс – празна каса, блокирани сметки, јавни претпријатија со неисплатени плати, систем без дисциплина и долг од речиси 300 милиони евра“.
„Тотален колапс! Институции што одамна престанале да работат во служба на граѓаните“, наведува градоначалникот, додавајќи дека добил доверба од граѓаните и дека „таа доверба нема да биде изневерена“.
Според него, за три месеци се намалени обврските за повеќе од 40 милиони евра преку кратење на непродуктивни трошоци и воведување финансиска дисциплина, а стабилизирана е и исплатата на платите во јавните претпријатија.
Ѓоргиевски информира дека биле отстранети над 600 фиктивно вработени кои со години земале плата без да доаѓаат на работа, како и дека е спроведена акција за чистење во која, како што наведува, учествувале над 2.500 луѓе, стотина возила и биле отстранети повеќе од 4.500 тони отпад за 72 часа.
„Скопје повторно почна да дише“, наведува тој.

Градоначалникот посочува дека се деблокирани клучни инфраструктурни проекти, меѓу кои клучката кај „Момин Поток“, булеварот „Македонија“ со подземната сообраќајница, улиците „Љубљанска“ и „Перо Наков“, како и реконструкцијата на „Фрањо Клуз“.
Почнува изградба на нови кружни текови, булевари и монтажни катни гаражи, како и доизградба на булеварот „Борис Трајковски“.
Во делот на јавниот превоз, наведува дека со поддршка од Владата се работи на модернизација со нови еколошки автобуси и проекти за современ транспорт.
Ѓоргиевски информира и за уредување нови зелени површини, расчистување на Вардариште, изградба на Луна парк, како и за набавка на нов мебел, компјутери, интерактивни табли и прочистувачи на воздух за средните училишта. Посочува дека Скопје останува Европска престолнина на културата 2028.
Во обраќањето тој наведува дека буџетот за 2026 година е повисок и развоен, со рекордни капитални инвестиции во образование, култура, инфраструктура и животна средина.
„Наследивме долгови, но градиме стабилна иднина. Наследивме хаос, но воспоставуваме систем и ред. Наследивме разочараност, но ја враќаме надежта и достоинството“, наведува градоначалникот.
Ѓоргиевски упати благодарност до Советот на Град Скопје, до својот тим и до премиерот Христијан Мицкоски, наведувајќи дека „со дела, како никој во минатото покажа што значи вистинска грижа за граѓаните и вистинска поддршка за Скопје“.
Македонија
Промовирани првите акредитирани учебници по психијатрија
Амфитеатарот на Медицинскиот факултет во Скопје денеска беше полн – претставници од Министерството за здравство, деканот и продеканите на Медицинскиот факултет, раководители на катедри, голем број професори, доктори, специјализанти и претставници на студентски организации присуствуваа на свечената промоција на првите акредитирани учебници по психијатрија, со што се испиша историја во македонската психијатрија.
Уредници на првиот акредитиран учебник „Психијатрија“ се проф. д-р Славица Арсова Хаџи-Анѓелковска, проф. д-р Антони Новотни и проф. д-р Димитар Боневски. Тие се и автори на учебникот „Медицинска психологија и социологија“, заедно со Андромахи Наумовска, виш научен соработник.
Промоцијата на двата учебника ја отвори деканот на Медицинскиот факултет, проф. д-р Светозар Антовиќ, кој рече дека учебниците ќе остават траен белег во наставата по психијатрија и ќе претставува значаен чекор напред во развојот на психијатриската наука во Македонија.
„Ова е историски момент, затоа што се темели на основите поставени од нашите професори од почетоците на психијатријата во Македонија. Ова се први учебници што се акредитирани и имаат академско, научно и практично значење“, рече Арсова Хаџи-Анѓелковска, директорка на Клиниката за психијатрија и автор на учебниците.
„Информации има насекаде, често расфрлани, без контекст, без тежина, без проверка. Учебникот е нешто сосема друго – тоа е знаење, со вткаено искуство, структура, логика, клиничко размислување, сомнежи, одговори, приоритети – тоа е учебникот што се обидувавме да го направиме и се надевам така ќе го доживеат нашите колеги“, рече во своето обраќање проф. д-р Антони Новотни.
Во однос на учебникот по „Медицинска психологија и социологија“, авторите кажаа дека станува збор за издание кое треба да го прочита секој доктор, бидејќи станува збор за водич за целосно разбирање на пациентите – како личност со своја историја, ставови, надежи и ресурси и дека тука лежи суштината на медицинската психологија – во спојот меѓу науката и човечноста.
Во знак на благодарност за минатиот труд и придонес во развојот на катедрата и наставата, директорката на Универзитетската клиника за психијатрија, Славица Арсова им додели благодарници на професорите во пензија од Универзитетската клиника за психијатрија и на рецензентите, за значаен придонес во развојот и унапредувањето на психијатријата.
Со издавањето на новите учебници, заокружени со денешниот настан, македонската психијатрија добива институционална зрелост – формализирана, акредитирана и систематизирана во сопствено академско издание.

