Македонија
(Видео) Панова: МВР со неосновани казни за луѓето што го блокираа патот Струмица – Радовиш
Десетици граѓани, кои го блокираа патниот правец Струмица – Радовиш, се цел на заплашување од страна на МВР. Тие веќе следниот ден по протестот добија прекршочни казни од 50 евра за движење по патот и 35 евра за паркирано возило, истакна Ели Панова, пратеничка и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција.
„Тие ниту се движеле по патот ниту паркирале возило непрописно, туку мирно во времетраење од 1 час го изразија својот револт, протестираа против предлогот на власта за бугаризација и го блокираа патниот правец Струмица – Радовиш. За прогонот да биде уште поочигледен, МВР им пишало казни и на граѓани што воопшто не биле дел од протестот за истиот случај. Од ова јасно се гледа дека казните се пишувани по однапред даден список и целта е заплашување на народот да не протестира и да не си ја брани државата“, вели Панова.
Според Панова, казните за луѓето што го блокираа патот Струмица – Радовиш се неосновани и против уставното право на протест. Власта, како што вели таа, точно го знае ова и затоа казните се основаат на прекршокот паркирано возило резервиран за сообраќај на моторни возила или движење по пат резервиран за сообраќај на моторни возила.
„Луѓето што го блокирале патниот правец Струмица – Радовиш ниту се движеле непрописно ниту паркирале непрописно, тие протестирале и си го остварувале своето право на протест, загарантирано со чл. 21 од Уставот. Граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба, гласи членот 21 од Уставот, кој власта го прекрши“, прецизира Панова.
ВМРО-ДПМНЕ, појаснува пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, со свои правни тимови ќе им помогне на сите што добија прекршочни казни, а ваквиот притисок врз граѓаните што протестираат ќе остане забележан како притисок и заплашување на власта од политички побуди и за него ќе има одговорност. „Ниту еден притисок ниту една казна нема да го сопре народот во неговата искрена намера да се спротивстави на оваа ненародна власт. Затоа протестите продолжуваат, гласно да кажеме: ултиматум, НЕ, благодарам и вечерва во 19 часот пред Владата“, нагласува Панова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајка меѓу патничко возило и трактор на регионалниот пат Градско – Прилеп, сообраќајот пренасочен
Денеска околу 19:00 часот поради случена сообраќајна незгода помеѓу патнички автомобил и трактор, регионалниот пат Градско – Прилеп кај клучка Манастирец е пренасочен по регионален пат Р1107 кон Кавадарци, соопшти АМСМ.
Македонија
МВР: Шалтер за „Безбеден град“, граѓаните од утре ќе можат да ги променат контакт-податоците
Од Министерството за внатрешни работи известуваат дека граѓаните од утре (17.12.2025), на посебен шалтер во Одделот за граѓански работи, во зградата на МТВ (приземје) во Скопје, кој ќе работи секој работен ден во периодот од 08:00 до 17:00 часот ќе можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците кои ги доставиле при регистрација на возилата, доколку има настаната промена или во случај да имаат добиено известување со неточни податоци.
„Истото, ќе може да се изврши и низ станиците за технички преглед на возила во државата каде што е распореден деташиран референт на МВР.
Исто така, граѓаните по електронска пошта на [email protected] ќе можат да достават писмена забелешка доколку имаат нејаснотии, прашања или проблеми поврзани со функционирањето и примената на системот „Безбеден град“, при што сите доставени забелешки ќе бидат евидентирани и разгледани согласно утврдените процедури, со цел унапредување на работењето и поефикасна комуникација со граѓаните“, соопшти МВР.
Македонија
Димитровски: Нов импулс за економска соработка со Шведска
Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска имаше поздравно обраќање на настанот во организација на Шведско-Македонската Стопанска Комора, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. На настанот се обрати и Ола Сулстром, Амбасадор на Кралството Шведска во нашата земја, со што беше потврдена заедничката определба за натамошно унапредување на билатералните односи.
Шведско-Македонската Стопанска Комора се воспоставува како силен институционален мост меѓу деловните заедници на двете земји и како јасна политичка порака за продлабочување на економското партнерство меѓу двете земји.
Во своето обраќање, заменик-министерот Димитровски истакна дека формирањето на Комората означува нова фаза во економските и деловните односи меѓу двете земји, со фокус на конкретни резултати, инвестиции и заеднички развој.
„Формирањето на Шведско-Македонската Стопанска Комора испраќа силна порака дека економската соработка меѓу нашите држави се издигнува на повисоко, постратешко ниво. Ова е практичен механизам за поврзување на бизнисите, за поттикнување инвестиции со додадена вредност, за иновации и трансфер на знаење, но и за градење доверба која е основа на секое сериозно економско партнерство,“ истакна Димитровски.
Македонско-шведските економски односи бележат стабилен и охрабрувачки развој, со јасен потенцијал за понатамошна експанзија. Зголемениот интерес од компаниите и инвеститорите од двете земји ја потврдува потребата од институционална платформа која ќе ги поврзе деловните заедници и ќе ја забрза реализацијата на заедничките економски проекти. Во тој контекст, Комората се позиционира како катализатор за зголемување на билатералната трговија и проширување на секторите на соработка, се истакнува во соопштението.
„Шведско-Македонската Стопанска Комора ќе делува како платформа за активна соработка меѓу приватниот и јавниот сектор, обезбедувајќи системска поддршка за компаниите, застапување на нивните интереси и создавање амбиент на доверба, транспарентност и институционална стабилност. Преку ваков пристап, Комората ќе придонесе кон развој на одржливи, долгорочни и взаемно корисни деловни партнерства.
„Со формирањето на Шведско-Македонската Стопанска Комора, испраќаме јасна порака дека ние сме подготвени за посилна економска соработка, за привлекување квалитетни инвестиции и за градење партнерства засновани на европски стандарди, доверба и заедничка визија за економски раст и развој”, заклучи Димитровски.

