Македонија
(Видео) Пендаровски го одликува Бигорскиот манастир со Орден за заслуги за државата

По повод еден милениум постоење, Бигорскиот манастир е одликуван со Орден за заслуги за државата.
Претседателот Стево Пендаровски на свеченоста пред резиденцијата изјави дека нашата генерација има извонредно ретка можност да биде сведок на ваков импресивен јубилеј.
„Честа за мене е уште поголема што како претседател имам привилегија на манастирот да му доделам високо државно признание. Живееме во страв и претпазливост поради вирусот и се соочуваме со економските последици што тој ги предизвикува. Илјадагодишната приказна на Бигорски нè потсетува дека животот не е само мед и млеко. Во борбата за порадосен и поисполнет живот, моќта на древните вредности, како што е Бигорски, може да ни послужат како дополнителна инспирација. Ви посакувам и во следното илјадалетие да ѝ останете верни на традицијата“, рече Пендаровски.
Епископот Партениј, игуменот на бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“, посочи дека е значајно што Орденот се доделува во време на духовна и морална ерозија кога искуството на предците е до крајност замарено.
Ја поздрави поддршката на државниот врв за признавање на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
На свеченоста присутен беше и премиерот Зоран Заев, а настапи и бигорскиот монашки хор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На граничните премини Табановце и Богородица се чека до половина час

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна време на чекање на Богородица 20-30 минути, на Табановце 20-30 минути на останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
МВР со апел до граѓаните: да не отвораат линкови од СМС пораки, можат да бидат цел на криминални групи

Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи, ги информира граѓаните дека во изминатиот период се забележани зголемен број случаи на испраќање лажни SMS пораки кои лажно се претставуваат во име на телекомуникациски оператори.
„Овие пораки содржат линкови до лажно дизајнирани веб – страници со цел да ве наведат да внесете лични или финансиски податоци, кои потоа можат да бидат злоупотребени од страна на криминални групи.
Апелираме до сите граѓани да бидат крајно внимателни и да постапуваат одговорно: Не отворајте линкови од сомнителни испраќачи;
Не внесувајте лични податоци на непроверени страници;
Не одговарајте на вакви пораки;
Пријавете го случајот во најблиската полициска станица;
Блокирајте го бројот на испраќачот.
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи активно презема мерки и води постапки во врска со вакви измами“, се истакнува во соопштението.
Македонија
Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита

Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека денеска започна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за месец јуни 2025 година.
Корисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство од денеска, 04 Јули 2025 година.
Со цел да се избегне метеж пред и во банките при исплата на правата, за корисниците кои не користат картички, исплатата ќе се спроведе во 2 групи во сите отворени филијали и експозитури на банките, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето и тоа:
04.07.2025 – А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л, Љ
07.07.2025 – М, Н, Њ, О, П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.