Македонија
(Видео) Пендаровски и министрите за европски прашања на Ирска и Финска разговарале за францускиот предлог
Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими ирскиот државен министер за европски прашања, Томас Брн, и финската министерка за европски прашања, Тути Тупураинен, кои се во заедничка посета на Северна Македонија.
На средбата биле потврдени пријателските односи со двете земји, заемната посветеност за унапредување на политичкиот дијалог, како и за поинтензивна и сеопфатна билатерална соработка.
„Претседателот Пендаровски истакна дека Северна Македонија ја цени континуираната поддршка од Ирска и Финска за нашиот евроинтеграциски процес, како и помошта во исполнување на европската агенда и реформските задачи во повеќе витални области.
На средбата беа разменети мислења за актуелните политички случувања во земјата во контекст на францускиот предлог за почнување на пристапните преговори за членство во ЕУ“, информираа од кабинетот на Пендаровски.
Oд стрaна на министрите било истакнато дека идејата за европска политичка заедница не претставува замена за полноправно членство во ЕУ, туку додадена вредност за време на процесот што води кон зачленување во Унијата.
Соговорниците размениле мислења и за состојбите во регионот на Западен Балкан, како и за економските и безбедносните импликации врз регионот предизвикани од руската воена агресија врз Украина. Притоа биле констатирани потребата од зајакнување на меѓународната безбедност и мултилатералниот пристап во решавање на глобалните предизвици и во таа насока била поздравена одлуката Финска и Шведска да бидат официјално поканети да му се придружат на НАТО, која е донесена за време на последниот самит на алијансата во Мадрид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Кисела Вода: Се чистат паркот „Македонија“ и останатите паркови во општината
Темелно се чисти паркот „Македонија“ и околните улици. Општина Кисела Вода, преку Секторот за месна самоуправа, ангажираше околу 30 сезонски работници кои спроведуваат интензивни активности за унапредување на јавната хигиена. Во фокусот на акцијата е собирањето на паднатите лисја, карактеристични за овој период од годината, како и отстранување на друг отпад од парковските површини, соопштија од општината.
Оваа акција, како што е наведено во соопштението, е дел од континуираниот пристап на Општина Кисела Вода за одржување и унапредување на јавната хигиена, а во наредниот период ќе продолжат слични интервенции и во другите паркови и зелени површини ширум општината, особено на локации со зголемена фреквенција на граѓани.
-Грижата за јавната хигиена и зелените површини е еден од нашите постојани приоритети. Со вакви редовни активности обезбедуваме парковите да останат чисти и уредни. Паралелно со ангажманот на општината, упатувам апел и до граѓаните за заеднички одговорен однос кон просторот што секојдневно го користиме, затоа што само заедно можеме да имаме чиста и уредна Кисела Вода- изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
Бугарското МНР: Скопје повторно отстапува, прашањето на кој јазик треба да биде Планот за правата на заедниците е внатрешно
Бугарија изразува загриженост за отстапувањата на Скопje од Европскиот консензус од 2022 година, се вели во ставот на Софија, објавија бугарските медиуми.
Република Бугарија, според објавеното, со загриженост ги забележува најновите тези составени од властите во Скопје, кои остро отстапуваат од суштината на Европскиот консензус од 2022 година.
„Прашањето на кој јазик треба да биде Планот за правата на заедниците што се очекува од Северна Македонија е внатрешно за соседната земја и не е тема на билатералните односи. Документот ќе го спроведуваат токму нејзините институции кон сопствените граѓани и логично е да биде на јазик достапен за нив. Изборот на Скопје да им го претстави нацртот на овој план на своите граѓани на англиски јазик е тешко да се објасни, особено ако Планот е планиран да се спроведе всушност“, се вели во ставот на бугарското Министерството за надворешни работи, според написите.
Властите во Софија потсетуваат дека Планот за права на заедниците е чекор наменет да следи по вклучувањето на Бугарите во уставот, кој сè уште е во тек и кој ќе им овозможи на нашите соседи да отворат преговори за пристапување.
„Во исто време, ги поздравуваме зборовите на премиерот Христијан Мицкоски дека ќе ги „прифати сите други коментари“ на бугарската заедница во Планот и сметаме на него да го одржи ова ветување кон нив“, соопшти Министерството за надворешни работи.
Македонија
Бадникови поворки на 6 јануари: се организираат во 80 градови и населени места низ Македонија
Здружението „Бадникови поворки“ информира дека и оваа година, на 6 јануари 2026 година, ќе се одржат Бадниковите поворки, како најголема народно-културна и духовна манифестација во земјава, посветена, како што велат, на радосното и достоинствено најавување на Христовото Рождество – Божик.
„Годинава, Бадниковите поворки ќе се одржат во рекордни 80 градови и населени места низ Македонија, како и во македонската дијаспора во Словенија, Италија, Австрија, Франција и Соединетите Американски Држави, обединувајќи илјадници деца, семејства и заедници во духот на радоста, светлината и заедништвото на празникот.
Централната Бадникова поворка во Скопје ќе обедини учесници од речиси сите скопски општини, заедно со нивните градоначалници, кои и оваа година активно учествуваат во реализацијата на манифестацијата.
Во духот на долгогодишната традиција, во претпладневните часови на 6 јануари, градоначалниците и општинските тимови најпрво ќе ги пречекаат и даруваат коледарчињата во своите општини, каде што децата, во придружба на своите родители, баби и дедовци, ќе ја споделат радоста на празникот.
Потоа, со организиран превоз, коледарчињата и нивните семејства ќе се упатат кон централната манифестација во Скопје, каде што ќе се оформи најголемата Бадникова поворка во Македонија.
Формирањето на поворката ќе започне пред Музејот на Град Скопје, од 11:30 до 12:00 часот. Токму овде, на сите деца кои немаат ѕвездичка, бесплатно ќе им биде подарена Божикна ѕвезда, а сите учесници ќе добијат и уметнички магнет со божикна порака – симболичен подарок за спомен од Бадникови поворки 2026, кој ќе ја продолжи празничната радост и по завршувањето на настанот.
Точно во 12:00 часот, оформената бадникова поворка пеејќи ја песната „Вечниот Бог“, ќе тргне од Музејот на Град Скопје и, движејќи се по улица „Македонија“, ќе пристигне на плоштадот „Македонија“, пред сцената поставена кај Божикната пештера.
На сцената, како круна на целокупната манифестација, ќе биде изведена „Божикна авантура“ – голема музичко-сценска изведба во живо, во која ќе учествуваат повеќе од 40 музичари, актери, пејачи и „Златно славејче“.
Традиционално, во претпладневните часови на 6 јануари, организирани групи деца и млади од Бадниковите поворки, пеејќи ја песната „Вечниот Бог“, ќе реализираат празнични посети кај:
Претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова,
Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан,
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, со што ќе ја споделат радосната вест за Христовото Рождество.
Здружението „Бадникови поворки“ ги поканува сите граѓани, семејства и деца да се приклучат на Бадниковите поворки 2026. Не е потребно претходно пријавување.
Со оваа манифестација, веќе 16 години, Бадниковите поворки се симбол на светлина, заедништво и достоинствено празнување на Бадник во Македонија и пошироко“, се истакнува во соопштението.
Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура и Град Скопје.

