Македонија
(Видео) Пендаровски: Мицкоски е докажан извор на лажни вести, страв му е да не му се врати Груевски
На вечерашниот граѓански митинг во Куманово, кандидатот за претседател Стево Пендаровски одговарајќи на прашање од граѓани зошто ВМРО-ДПМНЕ во последните денови ги засилува нападите и заканите кон него, тој одговори дека за тоа постојат две причини.
„Прво, тоа се таков тип на луѓе, 11 години владееја со насилство. Во 2011 година со специјални полициски сили ја затворија најгледаната телевизија во тоа време, што нас на памет не ни паѓа. Вие можете денеска да пцуете, да викате против претседателот на Македонија до утре сабајле, влакно од глава нема да ви фали. Значи, прво се такви, а второ во последните неколку денови ако забележувате ја засилуваат реториката и заканите, не само кон мене, туку и кон другите…тоа мене ми е знак дека работите не им врват добро на терен. Веројатно чувствуваат дека од удирање во гради изминатава година дека се сигурни победници и дека ќе победат со 100 илјади, со 200 илјади гласови разлика, дека не ќе е баш така. Вашето масовно присуство на терен е доказ дека тие се во голема заблуда“ порача Пендаровски пред граѓаните на Куманово.
Во однос на обвинувањата од Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за тајни средби за наводна амнестија на одредени политичари, Пендаровски потсети дека токму Мицкоски од страна на европски институции бил посочен како извор на лажни вести.
„Кога сакаш да амнестираш и кога амнестираш некого тоа се гледа. На Христијан Мицкоски најголем страв му е да не случајно Груевски се врати назад. И сега ме обвинува мене и неколку други политичари дека на тајни средби сме договарале Груевски да го враќаме назад амнестиран. Сега ве прашувам дали некој го видел Никола Груевски во Македонија? Значи станува збор за фрапантна лага на тој човек и впрочем тоа не е ништо ново. Пред четири години Европскиот Парламент во свој официјален извештај го посочи со име и со презиме Христијан Мицкоски како извор на лажни вести и дезинформации. И нема што понатаму да разговараме, јасно е сè“ истакна Пендаровски на плоштадoт во Куманово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

