Македонија
(Видео) Пендаровски по повод Меѓународниот ден на лица со попреченост: Ќе бидам вашиот глас таму каде што треба
По повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, претседателот Стево Пендаровски денеска го посети и се дружеше со ученици од Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“.
Истакнувајќи дека попреченоста наместо основа за разлики треба да биде основа за сличност меѓу луѓето, претседателот Пендаровски рече дека денес треба да зборуваме за пречките коишто постојат во општеството, а не за пречките кај луѓето.
„Ќе го споменам пристапот за инвалидски колички, патеките за лица со оштетен вид, литературата со брајово писмо, преводите за глувонеми. Точно е дека има напредок и точно е дека многу институции и организации ги отстрануваат овие пречки, но ни останува уште многу работа како држава“, потенцираше претседателот Пендаровски и додаде дека многу посериозен проблем, којшто сè уште постои, се старите предрасуди и стереотипи.
„Секој обид за дискриминацијата на лицата со попреченост е нарушување на вроденото достоинство на човековата личност. Овој меѓународен ден е потсетување за нашата човечка должност да се грижиме за вашите права и слободи и вашата слобода да носите одлуки за вашите животи“, рече Пендаровски.
Во рамки на денешниот настан „Преку игра до пријателство“, а по повод одбележувањето на 3 Декември, Меѓународниот ден на лица со попреченост, Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ беше домаќин на шаховски натпревар. На него учествуваа 15 ученици со оштетен вид и учесници од училишта од општина Кисела Вода и приватното училиште НОВА. Дел од натпреварот во шах беше и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
„Не случајно, денешниот ден ќе го одбележиме со партија шах. Шахот знаете е многу повеќе од игра. Тоа е способност за носење вистински одлуки и повлекување вистински потези за решавање на сложени прашања. Нешто слично би требало да биде и политиката – носење мудри одлуки за решавање на проблемите на граѓаните. Пораката што денес сакаме да ја пратиме е дека сите вие треба да имате можност активно да се вклучите во носењето одлуки и креирањето политики, особено оние кои се однесуваат на вас. Само така ќе успееме доследно да ги постигнеме целите за одржлив развој 2030-та година“, заклучи претседателот Пендаровски.
Директорот на ДУРДМОВ „Димитар Влахов“, Горанчо Јакимов, на денешниот настан истакна дека училиштето е посветено да работи по мерка на учениците, да го унапреди воспитно-образовниот процес и да ги следи современите инклузивни општествени текови кои гарантираат еднакви можности за сите.
Во рамки на посетата на „Димитар Влахов“, претседателот Пендаровски го посети и новиот објект на средното училиште, а се запозна и со начинот на функционирање на целиот објект.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо oблачно време до сабота, а потоа врнежи од дожд и снег
Следниве денови ќе носат променливо време со постепено покачување на температурите, проследено со врнежи кон крајот на неделта.
Според прогнозата на Хидрометеоролошката служба, утре на територијата на Македонија ќе преовладува променливо облачно со подолги сончеви периоди. Претпладнево се очекува магла во поедин котлини. Ветрот ќе биде слаб и од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од -2 до 2 °C, додека максималните ќе достигнат од 6 до 10 °C.
За главниот град се предвидува променливо облачно со сончеви периоди и можност за магла претпладне. Температурите во Скопје ќе варираат од -1 °C минимална до 7 °C максимална.
Во наредните денови, до сабота времето ќе остане променливо облачно со пораст на дневните температури и појава на магла по одделни котлини. Забележителна промена се очекува од сабота кон крајот на денот, кога ќе започнат локални врнежи од дожд, а на планините од снег.
Неделата врнежите ќе се интензивираат, особено во попладневните и ноќните часови. Во тој период се очекуваат пообилни врнежи, кои на повисоките места ќе преминуваат во снег. Врнежите од дожд и снег ќе продолжат и во понеделник.
Македонија
(Видео) Филипче: Искрено верувам во ова што го правам, сакам да бидеме европско општество без корупција
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче на прес-конференција потенцираше дека неговата работа е искрена, се темели на чесни намери и верува доколку граѓаните дадат доверба на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија на некој следен циклус на избори да ја предводи владата, Македонија може да биде европска држава без корупција.
„Искрено верувам во ова што го правам. Јас сум човек што работи милиметарски прецизна работа и добро сум пресметал пред да се нафатам да го правам ова, што сакам, која е позадината и што сакам да постигнам. Сакам ова општество да заздрави, да биде исчистено од корупција, да се направат реформите да влеземе во Европската Унија затоа што тоа е стратешката цел“, рече Филипче.
Македонија
Началникот на Генералштабот на АРМ на состанок на Воениот комитет на НАТО
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, вчера и денес учествува на редовниот состанок на Воениот комитет на НАТО во формат на началници на Генералштабови од земјите членки на НАТО и партнерите.
На состанокот, со кој претседава претседателот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Џузепе Каво Драгоне, во текот на вчерашниот ден обраќање имаше генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој на почетокот упати благодарност до учесниците на состанокот за континуираната поддршка и јасното лидерство во зајакнувањето на сојузничкото одвраќање и одбрана. Во оваа прилика, Руте го истакна напредокот постигнат по Самитот во Хаг, со фокус на зголемени инвестиции во одбраната, засилено воено производство и континуирана поддршка за Украина. На крајот, генералниот секретар порача: „Ќе продолжиме тесно да соработуваме со нашите партнери ширум светот, бидејќи безбедноста претставува заеднички напор.“
Адмиралот Драгоне во неговото обраќање нагласи дека безбедносната состојба останува исклучително сложена, потенцирајќи ги војната во Украина, нестабилноста и насилството долж јужното соседство на НАТО, отворените тензии, како и активностите на други малигни актери кои продолжуваат да ја загрозуваат глобалната стабилност. Навраќајќи се на активностите на НАТО, адмиралот Драгоне нагласи дека во текот на изминатата година, преку успешните операции „Baltic Sentry“ и „Eastern Sentry“ и зголемениот број воени вежби, се зајакна НАТО будноста и способноста за одбрана и одвраќање на Алијансата, потврдувајќи ја исклучителната приспособливост на НАТО стратегиските команди. На крајот, адмиралот Драгоне истакна дека безбедноста не е само прашање за политичарите и војската, туку ги засега сите во сојузничките земји истакнувајќи: „Затоа ни е потребна не само поддршка, туку и вистински ангажман од повеќе од милијарда луѓе кои сме посветени да ги браниме“.
Во текот на состанокот, командантот на Врховната сојузничка команда за Европа (SACEUR), генералот Алексис Г. Гринкевич, ги информираше началниците на Генералштабовите за подготвеноста на НАТО во зајакнувањето на колективното одвраќање и одбраната на Алијансата. Во продолжение командантот на Врховната сојузничка команда за трансформација, адмирал Пиер Вандие, ги изнесе своите видувања за иднината, вклучително и како НАТО го забрзува процесот на испорака на клучни капацитети со цел силите на Алијансата да бидат подготвени за актуелните закани и идните безбедносни ризици. Посебен фокус беше ставен и на партнерствата, вклучително Советот НАТО-Украина, индо-пацифичките партнери и Европската Унија.
Во рамките на состанокот генералот Лафчиски активно учествуваше во дискусиите за прашањата поврзани со глобалните безбедносни предизвици, подготвеноста на Алијансата за одвраќање и одбрана, интероперабилноста, заканите, ризиците и предизвиците, како и соработката со земјите партнери. Во своето излагање ја потенцираше посветеноста на Армијата за регионалната безбедност преку учеството во мировни мисии, операции и НАТО активности во странство, пред сè во мисијата на НАТО во Косово (КФОР), ЕУ операцијата „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина, како и во НАТО активноста „Forward Land Forces – FLF“ во Бугарија и Романија.
Во оваа прилика генералот Лафчиски се осврна и на националната вежба „Блесок 26“, која ќе се фокусира на оценувањето на ЛПБГ, како наша примарна НАТО цел на способност. Вежбата ќе послужи и како платформа за усогласување на националните и НАТО обврските. Дополнително беше потенцирано зајакнувањето на подготвеноста на Армијата преку континуирана модернизација и опремување.
На маргините на состанокот, генералот Лафчиски оствари билатерална средба со началникот на Генералштабот на Унгарија, генерал Габор Беренди на која се разговараше за продлабочување на билатералната воена соработка со акцент на заедничките обуки помеѓу припадниците на Армијата и унгарските вооружени сили, како и за можностите за опремување и модернизација.
Во рамки на престојот во Кралството Белгија, генералот Лафчиски оствари средба со припадниците на Армијата распоредени во Националното воено претставништво на Република Северна Македонија во НАТО штабот во Брисел.
На состанокот, со кој претседаваше претседателот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Џузепе Каво Драгоне, покрај генералот Алексис Г. Гринкевич и командантот адмирал Пиер Вандие учествуваат началниците на Генералштабовите на 32-те земји членки на НАТО, како и претставници од индо-пацифичките партнери на НАТО, Грузија и Украина.

