Македонија
(Видео) Пендаровски: Приоритети за следната година се ставање крај на сиромаштијата, квалитетно образование и економски раст
Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на 75. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, преку видеопорака се обрати на состанокот на високо ниво „SDG Moment 2020“, на кој беше разгледан напредокот на реализацијата на Целите за одржлив развој на Обединетите нации на глобално и на регионално ниво, во контекст на пандемијата на Ковид-19. Настаните во рамки на годинешната 75. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, поради пандемијата на Ковид-19, се одржуваат виртуелно.
„Чест е да се биде дел од оваа дебата, која се случува во мошне значајно, но сепак неизвесно време. Пандемијата предизвикана од Ковид-19 има сериозно влијание не само врз економијата, туку ги промени и нашите животи и навики до непрепознатливост. Во денешно време потребата да се фокусираме на одржлив развој е уште поитна, а оваа сложена задача бара координирани реформи и темелна промена на начинот на кој ги дизајнираме нашите општества.
Во 2015 година се обврзавме „да не оставиме никој зад нас“ и се согласивме да ја спроведеме Агендата 2030, усвоена од земјите членки на ООН. Нашиот фокус е подобар живот за сите граѓани, а нашите национални напори за одржлив развој се исто така усогласени со нашата клучна надворешно-политичка цел – членство во Европската Унија.
Проценката за брза интеграција на целите за одржлив развој спроведена во 2019 година покажа дека 83% од националните стратешки планови за развој се усогласени со целите за одржлив развој.
Приоритетни цели за 2019-2020 година за Северна Македонија се: да се стави крај на сиромаштијата; да се обезбеди инклузивно и правично, квалитетно образование; да се промовира инклузивен и одржлив економски раст и пристојни работни места за сите, да се преземат итни активности за борба против климатските промени, да се обезбеди пристап до правдата за сите и да се изградат ефикасни, отчетни и инклузивни институции на сите нивоа.
Климатските промени и натаму остануваат предизвик. На Самитот во Париз во декември 2015 година Владата се обврза да ги намали емисиите од фосилни горива за дури 36% до 2030 година во споредба со основното сценарио.
Презедовме мерки за производство на чиста, достапна и безбедна енергија, вклучително и зголемена употреба на сончева енергија. Аерозагадувањето останува предизвик за Северна Македонија и бара долгорочен, системски пристап, инвестирање во позелена економија за позелена животна средина.
Еднаквоста пред законот е приоритет за нас. Посветени сме да продолжиме со структурните реформи, да ги зајакнеме владеењето на правото и судскиот систем на кои ќе им веруваат мнозинството граѓани.
Во јули 2020 година го презентиравме првиот Доброволен национален преглед кој ги отсликува достигнувањата од Агендата 2030 и ги идентификува следните чекори за забрзување на спроведувањето на целите за одржлив развој во преостанатата Декада на акција. При изготвувањето на овој документ, соработувавме и сме благодарни за придонесот на агенциите на ООН во Северна Македонија, младинските организации, граѓанското општество, академските установи и стопанските комори.
Одржливиот развој не е само дополнителен план за светот. Агендата 2030 е обврска за нашите и идните генерации целосно да го искористат човечкиот потенцијал и да размислат за наследството што ќе го оставиме зад нас“, порача Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

