Македонија
(Видео) Пендаровски – Радев: Потребно е да направиме обнова на довербата
Претседателот Стево Пендаровски, денеска, на Меѓународниот аеродром „Скопје“, го пречека претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, по што двајцата остварија куса тет-а-тет средба.
„Оперативно разговорите помеѓу двете наши земји ги водат владите, така ќе биде и понатаму, ние сме тука, ако можеме, да ја релаксираме атмосферата и да говориме за проблемот што постои последнава година на еден поинаков јазик. Мислам дека е потребно да направиме обнова на довербата и како пријатели да разговараме и за најтешките прашања“, рече претседателот Пендаровски по средбата со својот бугарски колега.
На средбата, на која се разговараше за билатералните односи меѓу Северна Македонија и Бугарија, во контекст на договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу двете држави, двајцата претседатели изразиле цврста определба за зајакнување на добрососедските односи и унапредување на политичкиот дијалог меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Претседателот Пендаровски истакна дека формалниот почеток на пристапните преговори за членство на нашата држава во Европската Унија и одржувањето на првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Северна Македонија позитивно ќе влијае за стабилноста и просперитетот на целиот регион и изрази очекување за поддршка од Република Бугарија во пресрет на одржувањето на јунскиот совет на ЕУ.
Заедничкото чествување на св. Кирил и Методиј во Рим на македонската и бугарската делегација, предводени од шефовите на државите, претседателите Пендаровски и Радев, го оценија како позитивен чекор, кој придонесува за јакнење на добрососедските односи и меѓусебната доверба на двете држави и двата народа.
По средбата одржана на Меѓународниот аеродром „Скопје“, двајцата претседатели со државниот авион на Република Бугарија отпатуваа за Рим, каде што заеднички ќе оддадат почит на делото на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, информираа од кабинетот на претседателот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

