Македонија
(Видео) Пендаровски: Реформите се потребни за да ја вратиме довербата на граѓаните
Функционалната правна држава е основен услов за опстанок на поредокот и неговиот одржлив развој. Реформите во сферата на владеењето на правото и правната држава не треба да ги правиме за да ги задоволиме формалните критериуми за членство во ЕУ, туку за да ја вратиме довербата на граѓаните во сопствената држава и нејзините институции, остакна претседателот Стево Пендаровски на дебата на тема „Тековни состојби и предизвици во реформите во сферата на правната држава“, што на заедничка иницијатива на министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Хајко Мас, и претседателот Пендаровски се одржа во „Вила Водно“.
На дебатата учествуваа претставници на државните власти, на правосудните органи и претставници на надлежни институции во оваа област, се дискутираше за тековните реформи во сферата на функционирањето на правната држава, вклучувајќи ги судските реформи, борбата против корупцијата, а во согласност со дефинираните стратешки приоритети во рамките на евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија.
Претседателот изрази поддршка, но и барање од институциите неселективно да се борат против корупцијата, а особено против високата корупција.
„Сметам дека корупцијата кај политичарите треба построго да се казнува бидејќи вршењето јавна функција носи посебна одговорност, а државната власт и ресурсите треба да се користат исклучиво за јавниот интерес, а не за остварувањето на партикуларни или лични интереси“, истакна Претседателот.
Претседателот Пендаровски се осврна и на случајот „Рекет“ за што подвлече дека во очите на многумина ги дискредитирал напорите за обнова на правната држава по клептократскиот систем воспоставен од поранешната влада, додека за случаите врз коишто работеше поранешното Специјално јавно обвинителство, оцени дека е позитивно што се активни и продолжуваат да се процесуираат од редовното Јавно обвинителство. Во тој контекст, претседателот подвлече дека е важно да не се дозволи преку застарување да се случи „скриена амнестија“ на сторителите на тешки кривични дела поврзани со високата корупција.
Претседателот Пендаровски побара новиот Закон за јавно обвинителство да биде изработен според највисоките европски стандарди, образложувајќи дека е подобро темелно да се изработи, отколку да се брза и преку непринципиелни политички компромиси да се компромитира борбата со високата корупција. Тој ги поздрави носењето на новиот Закон за спречување на корупцијата и судир на интереси и транспарентноста на постапката со којашто се конституираше новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата, изразувајќи очекување за активна и неселективна работа на Комисијата, врз основа на законите и заснована врз докази.
Претседателот Пендаровски повика интензивно да се користи експертската помош што ја нуди Германија во делот на реформите во сферата на правната држава, како преку проекти финансирани од ЕУ, така и преку билатералната соработка.
Министерот Мас посочи дека Сојузна Република Германија ќе продолжи видливо да ја поддржува Северна Македонија на патот кон Европската Унија, бидејќи, нагласи, тоа е вистинскиот пат.
На дебатата, покрај претседателот Пендаровски и министерот Мас, учествуваа министерката за правда, Рената Дескоска, претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати, јавниот обвинител Љубомир Јовески, претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер-Дамјановска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.
Македонија
Променливо облачно со повремен дожд: снег на планините и заладување во недела
Утре времето ќе биде променливо облачно, со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места со слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од 0 до 6 степени, а максималните од 7 до 11 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи се очекуваат во недела, кога дождот ќе преминува во снег и во дел од пониските места.
Македонија
Јаневска: Македонија доби 8,2 милиони евра од ЕУ за спроведување на ЕРАЗМУС програмата во 2026 година
За спроведување на ЕРАЗМУС + програмата на Европската комисија наменета за образование, обука, млади и спорт, Македонија годинава доби најголем буџет откако во истата учествува како програмска земја. Со речиси 8,2 милиони евра ќе се финансираат заеднички проекти на македонските образовни установи, институции и граѓански организации со партнери од земјите во ЕУ, како и кратки истражувачки и студиски посети.
Можностите за вмрежување, приоритетните области, постапката за изработка и роковите за аплицирање со проекти денес беа претставени на конференција на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во присуство на ректори на јавните и приватните високообразовни установи во државава, претставници на училишта, граѓански здруженија и други потенцијални корисници на средства во рамки на ЕРАЗМУС програмата, се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов.
На конференцијата беше посочено дека во фокусот на програмата се младите, односно јакнење на нивното знаење и вештини во границите на ЕУ, со кои потоа ќе придонесат за развој на сопствената држава.
Министерката Јаневска смета дека и оваа година ќе има ефикасна искористеност на можностите, затоа што државата има зајакната законска основа во која задолжителни компоненти се мобилноста, европската димензија и меѓународната соработка, зајакнати се и капацитетите на Националната агенција каде има ново раководство и добра внатрешна структура, а воедно и МОН како национален авторитет ги засилува механизмите за контрола на целиот процес за спроведување на програмата ЕРАЗМУС.
Таа ги повика заинтересираните кандидати да ги разгледаат можностите и со свои проекти да аплицираат на повиците за распределба на средства, што Националната агенција ќе ги објави на 19 февруари, односно на 5 март.
Македонија е дел од ЕРАЗМУС програмата уште од нејзиното воведување од страна на Европската комисија во 2014 година, кога буџетот изнесуваше 3,5 милиони евра.

