Македонија
(Видео) Пендаровски се сретна со продавачи на уличното списание „Лице в лице“
Претседателот Стево Пендаровски денеска во канцеларијата на претседателот – Млади Хаб оствари средба со продавачите на единственото улично списание за одржлив развој „Лице в лице“, со дел од нивните координатори, како и со претставници на Асоцијација за истражување, комуникации и развој „Паблик“, којашто е издавач на списанието.
Преку непосреден разговор, продавачите на уличниот печат, на претседателот Пендаровски му објаснија дека нивниот ангажман во списанието „Лице в лице“ им помогнал да преземаат конкретни чекори за подобрување на својата животна состојба. Исто така тие истакнаа дека преку продажба на уличното списание и процесот на работна интеграција, градат вредности коишто за нив биле непознати дотогаш.
Продавачот Хасан Аметовски, кој важи за еден од најискусните продавачи и е регрутиран преку Црвениот крст на Град Скопје, вели дека секогаш го ценел трудот на луѓето кои работат и заработуваат.
„Запознавањето и ширењето на конекциите со многу хумани луѓе преку оваа работа за мене значи и лично подобрување на особините како чесност, искреност и продуктивност. Сето ова се одразува на мојот живот и резултатите кон кои се стремам“, вели Хасан.
Меѓу присутните продавачи беше Валентин Ракип, лице без матичен број. „Секогаш кога некој за мене ќе рече дека сум дете фантом, не се чувствувам убаво. Тоа за мене е исто како да не постојам“, рече Валентин на средбата и додаде дека државата треба подеднакво да се грижи за сите свои граѓани, без разлика во какви околности се родиле и во какви околности растеле.
На средбата претседателот Пендаровски ја поздрави мисијата на списанието „Лице в лице“, економски и социјално да ги зајакне ранливите групи граѓани во нашето општество, истовремено делувајќи во насока на кревање на јавната свест за важни прашања за развојот на општеството.
Претседателот Пендаровски истакна дека тој и неговиот кабинет ja поддржуваат секојa иницијатива што во себе ги обединува засегнатите страни коишто сакаат да придонесат на полето на одржливиот развој, социјалната инклузија, но и да делуваат кон демаргинализација на поединците. Платформата „Лице в лице“, како што посочи претседателот Пендаровски, е насочена токму кон поддршка на процесот на работна интеграција на социјално ранливите групи, а на продавачите на уличен печат им нуди и можност за социјално и економско интегрирање.

Истовремено, претседателот на средбата изрази поддршка и за методологијата „Социјално менторство“, која е одговор за ранливите лица кои не можат да се задржат на работните места, бидејќи, како што посочија од „Паблик“, за лице коешто долго време било исклучено или никогаш не добило шанса да биде дел од пазарот на труд, процесот на работна интеграција е комплексен и придружен е со бројни предизвици. Оваа програма преку низа алатки и документи поставува оперативен протокол за активација, за мотивирање и за задржување на работата на отворениот пазар на труд на тешко вработливи лица.
Средбата на уличните продавачи со претседателот Пендаровски е една од низата активности коишто ги организира „Лице в лице“, по повод глобалниот настан Меѓународна недела на продавачи на уличен печат, којашто се одбележува од 3 до 9 февруари. Целта на активностите во текот на оваа седмица е да се активираат различни чинители од заедницата коишто влијаат на социјалната инклузија на ранливите категории граѓани. Во периодот од 3 до 9 февруари се оддава почит на работата на околу 9 илјади продавачи на улични весници и списанија во светот. Во земјава се регистрирани 35 улични продавачи на „Лице в лице“ во 5 градови, односно во Скопје, Битола, Струга, Неготино и во Куманово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.
Македонија
Да, и ние и граѓаните веруваме дека чантата е 944 денари, му се извинуваме на Орце Ѓорѓиевски што му ја отворивме најболната тема, велат од СДСМ
Му се извинуваме на Орце Ѓорѓиевски што му ја отворивме најболната тема, каде завршуваат парите на граѓаните од тендерите кои ги добиваат двете омилени фирми на власта, „Пирамид билдинг“ и „Ленди груп“, велат од СДСМ.
Според оваа партија, за два месеци 96 милиони денари или 1,56 милиони евра добиле, како што истакнуваат, „омилените фирми на Орце и на ВМРО-ОКГ од Град Скопје каде тој е градоначалник“.
„20 милиони денари е тендерот за „Пирамид Б“ со склучен договор на 05.12.2026 година.
76 милиони денари е тендерот за „Ленди Груп“ со склучен договор од 28.01.2026 година.
Едни исти фирми, на централно и на локално ниво добиваат тендери и ние да им се извиниме?
Да не треба да му се извинуваме на Орце и за 56 тендери на „Пирамид билдинг“, каде е татко му на шефот на кабинет на Мицкоски, Нелоски?
Или да се извинуваме и 74 тендери на „Ленди груп“ вредни 17.5 милиони евра?
Вие да делите тендери и да се луксузирате на грбот на народот со авиони, часовници, чанти а народот кој не може да врзе крај со крај да ви се извинува?
Извини Орце, да не се малку тендери, да не треба повеќе“.
А што се однесува до чантата, следниот пат, додаваат од опозициската партија, кога ќе објавуваат слика, прво нека ја проучат разликата од таа што неговата сопруга ја носи на промоцијата со онаа којашто ја објави денеска, „очигледна е“.
„Да да, и ние и граѓаните веруваме дека чантата е 944 денари. Веруваме да“.
Македонија
Се заканувал со напад со „калашников“, иснпириран бил од настан од САД: дваесетгодишник од Мала Речица под истрага за тероризам
Јавен обвинител од ОЈО ГОКК донесе наредба за спроведување на истражна постапка против дваесет годишен жител на Мала Речица за сторено кривично дело Тероризам.
Осомничениот на крајот на месец јануари годинава преку социјалната апликација „Discord“ испратил сериозна закана дека е подготвен да изврши напад со огнено оружје – автоматска пушка АК-47 позната како Калашников, притоа појаснувајќи дека истиот е со нарушено психичко здравје. Инспирација за ваков напад, му бил настан од 14.12.2012 година во САД кога Adam Lanza – 20 годишно момче, во Училиште во САД со автоматка пушка убило 26 лица од кои 20 деца.
По добиени информации од Амбасадата на САД во Скопје дека од страна на ФБИ е поднесено барање за итно откривање на „Discord“ профил што се наоѓа во нашата земја, а од каде што се упатени сериозните закани, МВР во координација со ОЈО ГОКК презедоа дејствија за откривање на сторителот. По идентификација и лоцирање на корисничката адреса на 17.2.2026 година под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и асистенција на САЕ Тигар извршија претрес на дом и други простории во Мала Речица.
При претресот кај осомничениот се пронајдени и одземени секира, пет ножа со различна должина, телескоп, седум Iphone мобилни телефони и компјутер. Исто така, од таткото на осомничениот е одземен пиштол за кој поседува дозвола и повеќе парчиња муниција. Останатото пронајдено оружје – пиштол и автоматска пушка, дедото на осомничениот ги поседувал без дозвола и за него е поднесена кривична пријава до ОЈО Тетово за кривично дело Недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје достави предлог за определување на мерка притвор против осомничениот. Предлогот е прифатен и со Решение мерката е определена во траење од 30 дена, соопшти обвинителството.

