Македонија
(Видео) Пендаровски со свечени почести ја пречека словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар

Претседателот Стево Пендаровски ја пречека претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, која престојува во официјална посета на Македонија.
Пендаровски и Пирц Мусар одржаа тет-а-тет средба по што следуваше пленарен состанок на двете делегации.
Во фокусот на разговорите се севкупните билатерални односи меѓу Македонија и Словенија и можностите за нивно унапредување, европската перспектива на нашата држава, како и состојбите во поширокиот регион, во контекст на војната во Украина, велат од кабинетот на претседателот Пендаровски.
По завршувањето на пленарниот состанок на делегациите, предвидено е претседателот Пендаровски и претседателката Пирц Мусар да одржат заедничка прес-конференција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Филипче во Франција: Резолуцијата е гаранција за заштита на националните интереси

Македонија мора да продолжи по европскиот пат, активно, со резултати и визија, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во рамки на работната посета на Париз, Франција.
Филипче посочи дека целта на посетата е да ги промовира и брани националниот интерес и позициите на Маједонија.
При тоа нагласи дека СДСМ веќе работи на проактивен пристап, а тоа значи конкретни решенија и иницијативи за деблокирање на процесот.
“Во финална фаза е подготовката на Резолуцијата, која ќе биде вин-вин решение за државата и граѓаните. Со оваа Резолуција ќе понудиме национален механизам за справување со евентуални непринципиелни барања од Бугарија во текот на преговорите ако тие на било кој начин излегуваат од Преговарачката рамка”, рече Филипче.
Тој додаде дека македонскиот јазик, културата и идентитетот, како темелни вредности веќе се заштитени во повеќе европски документи и со самата рамка.
“Со носење на резолуција со национален консензус ќе ги потврдиме овие позиции но и ќе изградиме заеднички став како да ги заштитиме и во домашните институции. Со овој документ ќе обезбедиме јасна временска рамка за следните чекори и реформите како конечно одблокирање на европскиот пат”, изјави Филипче.
Претседателот Филипче додаде дека сега е време за политичка зрелост и заедничка одговорност за напредокот на државата.
“Ова е време за политичка зрелост и заедничка одговорност. СДСМ е подготвен да поведе со проактивен пристап и со решенија што ќе ја придвижат Македонија напред, кон Европската унија.Македонија мора да продолжи по европскиот пат кој гарантира развој, стабилност и сигурна иднина на македонските граѓани”, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
За време на посетата Филипче оствари работни средби со француските политички претставници од Генералниот секретаријат за европски прашања, Министерството за Европа и надворешни работи и од француското Собрание.
Македонија
(Видео) Јанковиќ: Власта на тендер купува целосна сценографија, дали граѓаните ја плаќаат партиската кампања на ВМРО-ДПМНЕ?

Генералниот секретаријат на Владата, со потпис на Игор Јанушев, склучил договор тежок речиси милион евра за озвучување на отворен простор, осветлување на отворен простор, видео ѕидови, бина, конструкција за покривање бина, опрема за симултан превод и техничка поддршка, изјави Јовица Јанковиќ од СДСМ.
Тој вели дека иако власта сака да претстави дека опремата е за симултан превод, симултан превод има најмалку.
„Со тендерот всушност власта купува скапа опрема за промоција и организирање на настани: озвучување, микрофони, видео ѕидови, шатори, дрон, камери, дим-машини, светлосни ефекти…. Со еден збор, целосна сценографија за кампања. Дали граѓаните со народни пари ја плаќаат партиската кампања на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори? Оваа злоупотреба на народни пари мора веднаш да запре. Бараме итно поништување на овој договор и одговорност од сите инволвирани“, рече Јанковиќ.
Тој додаде дека СДСМ бара итна реакција на Антикорупциската комисија и Јавното обвинителство.
„Ова е класичен пример за предизборна злоупотреба на институциите и парите на граѓаните и мора да има одговорност. Наместо пари за поголеми плати, за подобрување на животниот стандард на граѓаните владата на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски расфрла милиони евра само за нивни партиски интереси“, рече Јанковиќ.
Македонија
Нема казни за институциите што до 29 септември нема да стават црвени таблички на службените возила, ќе го направат тоа при регистрација

Институциите што до 29 септември нема да ги сменат табличките на службените возила за да се спречат приватни и партиски злоупотреби нема да добијат казни. Ова го потврди директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, на денешната промоција на црвените таблички, кој рече дека правилникот не предвидува казни за доцнење и непостапување по дадените насоки.
Првичниот повик за смена на табличките беше поставен со рок до 15 септември, но денес Томовски упати втор повик, со кој рокот се продолжува до 29 септември, односно до почетокот на кампањата за локалните избори. Како трет можен рок тој посочи дека институциите ќе имаат можност да ги сменат табличките до крајот на годината, заклучно со 31 декември, кога Министерството за внатрешни работи треба да го финализира регистарот на службени возила.
„Доколку некој се обиде да избегне и да не сака да ги брендира возилата, кога ќе му дојде датумот за регистрација, секако ќе ги добие овие таблички“, рече директорот Томовски.
Според владината одлука донесена на 29 јули, сите возила во државна сопственост – вклучувајќи ги владините, општинските и возилата на јавните претпријатија – ќе добијат црвени таблички со жолти букви и бројки како ознака за нивната службена намена. Од друга страна, жолти таблички со црвени ознаки ќе добијат возилата што се користат за специјални намени, како што се дел од возниот парк на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Министерството за внатрешни работи (МВР).
Целта на оваа мерка е да се зголемат транспарентноста и јавната отчетност, а новите таблички ќе содржат и ознака NMK на сина лента, со што ќе бидат лесно препознатливи.
Според процените, државата располага со 7.000-7.500 службени возила, но точната бројка сè уште не е позната. Министерството за внатрешни работи има обврска да изработи централен регистар до 31 декември со цел да се добие прецизна слика за државниот возен парк.