Македонија
(Видео) Петковски: Со едно ѓубре, ДПМНЕ и нивните неспособни градоначалници не може да излезат на крај
„Неколку дена Скопје се дави во ѓубре поради неспособноста на ДПМНЕ. Преполни контејнери, неисчистен смет, смрдеа… со еден збор целосен хаос. За скопјани, има опасност од зарази поради неисчистеното ѓубре“, рече Петар Петковски од СДММ.
Според него, одговорност за тоа што Скопје тоне во ѓубре е директно кај Христијан Мицкоски и градоначалниците од ДПМНЕ.
„Мицкоски бараше гласови од граѓаните за ДПМНЕ и за Арсовска и заедно ветуваа модерно Скопје. Но, скопјани добија загаден, нечист, нефункционален град, кој не може со едно ѓубре да излезе на крај, а не да се развива. Неспособноста и неработата на градоначалниците на ДПМНЕ во другите општини во Скопје се исто така дел од проблемот и директни соучесници“, рече Петковски.

„Оние што го создадоа проблемот не може да го решат. Шпицниот градоначалник Мицкоски даваше изјава синоќа затоа што знае дека е виновен. Но, ништо не е направено и ништо не е исчистено. Ниту градоначалниците на ДПМНЕ нешто сработеле ниту чистеле. Со едно ѓубре ДПМНЕ и нивните неспособни градоначалници не може да излезат на крај, а не градот да се развива“, изјави тој.
Петковски обвинува дека секогаш кога ДПМНЕ ќе добие глас од граѓаните, се случува хаос и уназадување.
„Неработа, неспособност и рацете во медот, тоа се одликите на градоначалниците на ДПМНЕ и на Мицкоски“, рече Петковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре почнува судењето за пожарот во „Пулс“, обвинителството со тим од 15 обвинители
Судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се случи на 16 март, а во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, почнува утре, во судницата во затворот „Идризово“.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека обвинението ќе го застапува тим од околу 15 обвинители, со веќе утврден план за нивна координација.
„Во судница обвинението ќе го застапуваат истите обвинители што беа и досега, но најверојатно ќе ангажираме уште неколку, за да не се одолговлекува постапката. Од наша страна сме целосно подготвени и екипирани“, изјави минатата недела Коцевски.
Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата чија подружница било кабарето „Пулс“.
Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања на сведоци. Одлуката од Јавното обвинителство се очекува на почетокот на декември.
Во Основното јавно обвинителство Кочани се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.
Според обвинителниот акт, со години се кршеле закони, се прикривале неправилности и се дозволувало објектот да функционира иако не ги исполнувал ниту минималните услови за безбедност. Обвинети се сопственици на дискотеката, членови на нивните семејства, архитектка, ексградоначалници, инспектори, обезбедувачи и државни функционери.
Македонија
23-годишник од Волково принудувал петгодишно девојче на полови дејствија, поднесено обвинение
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против 23-годишник од Волково, бидејќи се обезбедено докази дека извршил други полови дејствија со девојче кое не наполнило 15 години согласно член 188 став 5 од Кривичниот законик.
Во временскиот период од мај до јули годинава, обвинетиот во својот дом принудувал петгодишно девојче на полови дејствија и и се заканувал дека не смее да му кажува за тоа на нејзиниот татко.
Заедно со обвинението, надлежниот јавен обвинител до судот поднесе и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.
Македонија
Филипче слепо ја следи агендата на Заев и ја игнорира потребата од реформи во партијата, смета ВМРО-ДПМНЕ
Венко Филипче безрезервно ја следи политичката стратегија на Заев штитејќи ги бизнис интересите на кланот Заеви, а притоа целосно ги игнорира барањата на базата во партијата и ја занемарува потребата од реформи, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче доживеа дебакл на изборите со само 120 илјади гласа и 6 општини ја уништи довербата кај граѓаните и членството на партијата. Единствен приоритет на Филипче е исполнување и реализација на барањата и планот на Заев. Реформите и напредокот на СДС се во втор план на Филипче, а фокус му се желбите и заштитата на Заев. Филипче делува по насока на Заев, потврда за тоа е изборот на лојални кадри блиски до Заев и поставувањето на Александар Трајановски за потпретседател на партијата“. велат од партијата.
И додека Филипче ја турка СДС во лидерска криза, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, актуелни и поранешни функционери се дистанцираат од него и не сакаат да бидат дел од раководството на СДС токму поради недовербата во неговото лидерство.
„Филипче со своето делување ги блокира реформите во партијата. Единствен чекор со кој може да ја спаси партијата од дополнително раслојување е оставка и целосна внатрешна реформа низ транспарентен и демократски процес. На Македонија и е неопходна силна и конструктивна опозиција“, смета ВМРО-ДПМНЕ.

