Македонија
(Видео) Петровска: За само 10 дена Мицкоски три пати го погази зборот, после средбата со ДУИ прашањето е кој во чиј скут седи?
На 26 февруари Мицкоски рече дека ДУИ не е повеќе фактор и треба да се игнорира. Денеска како што можеше јавноста да види воопшто не биле игнорирани, на средба со ВМРО-ДПМНЕ се договарале. На 24 април Мицкоски обвини дека СДСМ се пудлици во скутот на ДУИ. После денешната средба и коалиција прашањето е кој во чиј скут седи? рече пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска синоќа во македонското Собрание.
Петровска потсети на изјавите на Мицкоски и потенцираше дека за неколку дена неколку пати го погази зборот.
-Минатата недела гласавте за се она што 2017 година критикувавте. Денешното однесување со закажувањето на седницата во 22.00 часот по итна постапка е уште едно погазување на се она што ВМРО-ДПМНЕ го говореше изминатите 7 години. Се посипавте со пепел уште неседнати во Влада. Обинувавте за скратена постапка а денеска молк, штама. Неважно е што се работи за системски закон, неважни се принципите за кои 7 години зборувавте, неважна е експертката јавност, Деловникот, рече Петровска
Третото посипување со пепел односно голтање на зборови е соопштението од ВМРО-ДПМНЕ објавено вчера за средба со Европскиот фронт, додаде Петровска посочувајќи го договорот за поддржка на Законот за реорганизација на државната управа и формирањето тело коешто ќе ја следи правичната застапеност на сите етнички заедници во органите на државната управа и ќе го информира Собранието за неговата работа.
-Нели ќе го укинувавте балансасерот? Мицкоски знае за оваа средба? Затоа што на 8 мај 2024 година Христија Мицкоски рече: „СДСМ и ДУИ одат во опозиција, нив ги боли главата дека ќе одговараат до последниот. Поразен е и ДУИ кои покажаа дека се најмалку партија која се грижи за Македонија. Се им се удри од глава“. На 4 мај 2024 година Мицкоски ја повика меѓународната заедница да го факторизира криминалот на ДУИ „бидејќи тие сега истураат огромна количина на кеш, сакаат да бидат повторно дел од владата за да ги вратат тие количини на кеш“.
Прашањето е што истури мнозинството денеска? На 26 февруари Мицкоски рече дека ДУИ не е повеќе фактор и треба да се игнорира. Денеска како што можеше јавноста да види воопшто не биле игнорирани. На 24 април Мицкоски обвини дека СДСМ се пудлици во скутот на ДУИ. После денешната средба и коалиција прашањето е кој во чиј скут седи? рече Петровска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Милошоски-Бунфорт: потенцирана поддршката на Унгарија кон ЕУ интеграциите
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски оствари работна средба со Жолт Бунфорт, специјален претставник за Западен Балкан на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан придружуван од Ѓула Шомоѓи, советник и Јулијана Армаш, советник, како и заменик шефот на мисијата Атила Фодор.
На средбата беше потврдена одличната македонско-унгарска соработка и подготвеност за понатамошно унапредување на односите на двете држави во повеќе области. Беше потенцирана заложбата за интензивирање на соработката во економската област преку реализирање на заеднички проекти, како и зближување на двата народа преку зајакнување на пријателските односи и културната размена.
Специјалниот претставник за Западен Балкан Бунфорт, ја потенцираше поддршката на Унгарија кон македонските ЕУ интеграции, истакнувајќи дека членството во ЕУ не претставува награда, туку признание за реформските напори и остварениот напредок во изминатиот период.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина
Дали Јованка Тренчевска и СДС го бранат Груби и дали доброволно се пријавуваат заедно со сите свои колеги да седнат до Груби на обвинителната клупа, прашува Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина. Откако со години замижуваа и го одобруваа милионскиот криминал на тогашниот прв вицепремиер Артан Груби, сега кога треба да се соочи со правдата, се ставаат во негова заштита, па дури и ќе се жртвуваат и ќе тонат заедно со него. Имено, потпретседателката на СДС и поранешна министерка, Јованка Тренческа во однос на кривичната пријава за Груби вели дека одлуките на Владата биле колективни и дека ако се докаже дека има вина во случајот, треба сите заедно да одговараат“, вели тој.
Петрушевски додава дека СДС и ДУИ во паника и страв смениле 10 тези откако Груби бил уапсен.
„Дали потпретседателката на СДС го брани Груби за криминалот со кој државниот буџет го оштети за над 8 милиони евра? Или, пак, доброволно се пријавува заедно со сите свои колеги од тогашната влада да седнат на обвинителна клупа заедно со Артан Груби? Дали затоа нервозата во СДС и ДУИ е голема? Дали стравот им е толку голем од тоа што дополнително има да каже Груби? СДС и ДУИ во паника и страв сменија 10 тези откако Груби беше уапсен. Како тргнале до крајот ќе си признаат се“, рече Петрушевски.
Македонија
Тошковски: Безбедноста на нашите деца е заедничка обврска, тие се нашето најголемо богатство
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваше на интерактивната куклена претстава што се одржа во Дом на култура „Билјана Белочанец“ во општина Кисела Вода, во организација на Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Театар Провокација, како дел од кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.
Тошковски потенцираше дека едукацијата на најмладите претставува еден од најважните сегменти во градењето сообраќајна култура и во заштитата на човечките животи.
„Безбедноста на децата е наш врвен приоритет. Преку вакви активности, кои на децата им се блиски и разбирливи, создаваме генерации што ќе ги почитуваат сообраќајните правила и ќе придонесуваат за побезбедни патишта. Министерството за внатрешни работи ќе продолжи активно да ги поддржува и да учествува во сите проекти насочени кон подигнување на свеста за сообраќајната безбедност“, истакна Тошковски.
Министерството за внатрешни работи и во иднина ќе продолжи со активности и кампањи насочени кон едукација на децата и младите како една од најранливите категории учесници во сообраќајот, со цел создавање побезбедна сообраќајна средина за сите граѓани, најавуваат од таму.

