Македонија
(Видео) Петрушевски: Афера Тајни имоти – 123 функционери на власта кријат имот од 30 милиони евра
Денес објавуваме афера од која може да се види како власта, функционери на СДС и ДУИ на различни позиции поседуваат таен имот, истакна Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„На списокот кој го поседуваме има куќи, станови, викендици, деловни простории кои се скриени од очите на јавноста. На овој список се државни функционери, претседатели на комисии, директори, раководни луѓе на институции. Поголемиот дел од нив директно поставени од владата и функционери во партиите на власт. 5 години власт на СДС, 123 именувани функционери на државни позиции кријат имот вреден 30 милиони евра. Ги поседуваме сите детали“, посочи Петрушевски.
Новата афера Тајни имоти, според него е уште еден показател како власта функционира надвор од законите, заштитувајќи ги прекршителите на истите, кои во овој случај се избрани и именувани функционери, а чија обврска е да служат на граѓаните на Македонија.
„Со СДС на власт, овие функционери, очигледно служат само на нивната партија и на човекот кој ги именува преку седници на влада. Овие имоти се тајни и истите не се евидентирани од Државната комисија за спречување на корупција. Овие 123 функционери придонеле, прво кон кршење и непочитување на законите и второ но не помалку важно кон криење на своите имоти. Не веруваме дека се работи за системски пропуст, туку за системско прикривање на станови, куќи, деловни простори, удели во фирми и депозити“, нагласи тој.
Оценува дека институциите како комисијата за спречување на корупција и судир на интереси, кои се формирани за спречување на ваквите дејанија, практично се соучесници во шемата која ја креира власта и се нивни заштитници.
Сметаме, вели тој, дека се работи за ново злосторничко здружување и организирано криење на имоти.
„Даваме рок од 24 часа институциите сами да ги објават овие имиња, во спротивно од утре ќе ги објавуваме поединечно заедно со имотот кој го кријат. Откако ќе ги објавиме ќе побараме и проверка на потеклото на имот, зошто тајниот имот е таен поради одредени причини, а најголемата е дека истиот би можел да е нелегално стекнат. Зошто СДС крие имот во енормно висока вредност? Зошто СДС дава групна насока на своите функционери да не го пријавуваат имотот со кој се стекнале незаконски? И дали овие функционери се дел од лицата за кои и самата претседателка на ДКСК Билјана Ивановска, во неколку наврати кажа дека знае за случаи во кои функционери имаат големи имоти, но тој не е на нивно име?“, прашува Петрушевски.
Очигледно е, како што рече, дека се работи за свесно криење, а само имот стекнат на нечесен и криминален начин се крие.
Во рок од 24 часа ВМРО-ДПМНЕ, како што посочи, ќе почне да ги објавува точните податоци со имиња и презимиња.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

