Македонија
(Видео) Петрушевски: Дон Николовски толерирал нерегуларности на фирми блиски до СДС, без основа се исплаќани илјадници евра за субвенции
Љупчо Дон Николовски толерирал лица блиски до власта на СДС со огромни количини земја под закуп во нивните нерегуларности и со години дозволил штета врз буџетот.
Фирмата ДЗС Илинден на која и бил раскинат договорот за закуп на околу 1000 хектари земја со години земала субвенции, иако земјиштето веќе не било под нејзин закуп, истакна на денешната прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во 2019 година е поведен судски спор за неплатен закуп за 2017, 2018 и 2019 година. Период во кој министер во МЗШВ е Љупчо Дон Николовски, кој со години го толерирал должникот. Дури во септември 2021 година, по извршениот увид во списокот на должници и увидот на лице место од Државниот инспекторат за користење на земјоделското земјиште министерството констатира дека закупецот не ги испочитувал обврските кои произлегуваат од договорот за плаќање на закупнина и користење на земјиштето, поради што носи изјава за еднострано раскинување на договорот за закуп на земјоделско земјиште, која е потврдена со правосилна пресуда на Апелациониот суд – Скопје.
Иако самото министерство носи изјава за еднострано раскинување на договорот за закуп, истото не го испочитувало членот 41-а став 5 Законот за земјоделско земјиште и не доставило примерок од изјавата за раскинување на договорот за закуп, по електронски пат до Агенцијата за катастар на недвижности заради бришење на прибележувањето на договорот за закуп, односно плодоуживање на недвижностите.
Поради неизвршување на законските надлежности и обврски од страна на Министерството да спроведе постапка најнапред за бришење од единствениот регистер на земјоделски стопанства, и некоординација со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, му овозможил на закупецот и по раскинувањето на договорот за закуп закупецот да може да продолжил да аплицира за субвенции.
Во моментот на недејствување на МЗШВ, Љупчо Николовски е вицепремиер во владата, и тоа со задачи за борба против корупција и добро владеење, а корупцијата му се случувала пред нос“, појасни Петрушевски.
Дополни дека во период од 2021, кога Николовски е вицепремиер и не е во министерството за земјоделство, преку 2022 до 2023 година кога Љупчо Дон Николовски е министер во МЗШВ, на ДЗС Илинден без основа му биле исплатени 13 милиони денари.
Спротивно на член 14-а од Закон за земјоделство и рурален развој ДЗС Илинден, вели пратеникот, не е евидентиран на листите за должници додека имал право да го користи договорот од страна на МЗШВ, во време кога Љупчо Дон Николовски е министер.
„Спротивно на член 15 од истиот закон министерството не го избришало договорот за закуп од единствениот регистер на земјоделски стопанства чија база е основа за поднесување на апликација за субвенции и овозможило закупецот неосновано да се стекне со 13 милиони денари, во време кога Љупчо Дон Николовски е првин вицепремиер, а потоа и министер. Институциите не направиле контрола согласно член 48 од овој закон и преку агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството се исплатени финансиски средства спротивно на одредбите од член 50, 51, 52 и 61“, кажа Петрушевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

