Македонија
(Видео) Петрушевски: Ковачевски и Владата не ја известуваат ДКСК за именуваните функционери, власта стои зад „Тајни имоти“
Аферата „Тајни имоти“, во која се крие имот вреден над 30 милиони евра, е директен производ на дезертерот Ковачевски. Ова го потврди и претседателката на ДКСК, која, префрлајќи ја топката кон Владата, јавно обелодени сè, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
„Имено, како што рече Ивановска, Владата не доставувала известување до ДКСК за новоименувани функционери иако за тоа има обврска. Владата, а со тоа и Ковачевски, е таа што, всушност, овозможува да биде криен имотот. Но, што сè се крие?
Аферата „Тајни имоти“ опфаќа и поранешни градоначалници на СДС, кои катастрофално изгубија на локалните избори, а како награда од СДС добија нови функции.
Александар Наумоски, поранешен градоначалник на општина Ѓорче Петров, сега член на Советот за унапредување и развој на ревизијата во Македонија, крие имот.
Наумоски, кој беше проследен со многубројни афери додека беше на градоначалничкото место, го крие својот имот. Што крие Наумоски? Тој на свое име нема евидентирано имот, но поседува луксузно теренско возило ‘бмв Х5’?“ праша Петрушевски.
Тој додаде дека имот криел и Дритан Беџети, директор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија.
„ПИОМ е една од најголемите институции во државата и располага со огромни средства, а директорот не ги почитува законите ниту во делот на пријавување на својот имот. По стапките на Наумоски и Беџети оди и Фикри Алити, директор на Државниот инспекторат за ловство, кој исто така не го доставил својот имот на увид на јавноста“, рече тој.
Според Петрушевски, овие функционери именувани од Владата извршуваат одговорни функции и располагаат со средства и менаџираат институции што се од витално значење за функционирањето на државата. Но, како што рече, тие наместо за пример како треба да се работи, служат за пример како не треба да се работи.
„И наместо да бидат разрешени од позициите на кои се именувани, овие директори се заштитени од Ковачевски, кој ја префрла топката со ДКСК. Аферата ‘Тајни имоти’ во целост го покажува гнилиот систем и како не треба да се функционира. За овие и за сите други незаконитости одговорност ќе има“, порача Петрушевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Подрачјето на Велес ќе биде зафатено од поројни врнежи, грмежи и засилен ветер
ЦУК информира, според известувањето на УХМР, дека подрачјето на Велес ќе биде зафатено од пообилни поројни врнежи со грмежи и засилен ветер.
Правец на движење на оваа нестабилна маса се предвидув дека е кон исток и североисток, додаваат од ЦУК.
Македонија
Министерството за животна средина отстапи движни ствари на повеќе општини, за потребите на училиштата вклучени во ГЛОБЕ програмата
Владата, на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање, донесе одлука со којашто движни ствари во сопственост на министертството, се даваат на трајно на повеќе општини во државата, за потребите на повеќе основни училишта и тоа во Гевгелија, Неготино, Валандово, Битола, Прилеп, Тетово, Куманово, Пробиштип, Ранковце, Велес, како и на училишта во скопските општини: Центар и Карпош.
Целта е спроведување на ГЛОБЕ програмата во Република Северна Македонија, а Министерството за животна средина и просторно планирање, како што е посочено, е носител на активностите на ГЛОБЕ програмата и со владина одлука е задолжено да обезбеди хемикалии и инструменти за вршење на мерењата и да ги пренесе на користење на вклучените училишта во програмата.
Станува збор за движни ствари што ќе им бидат од полза на училиштата во спроведувањето на проектот, а коишто, по пат на јавна набавка ги обезбедило ресорното министерство.
Македонија
Одлука за учество на Армијата во НАТО операцијата „КФОР“ во Косово
Владата, на предлог на Министерството за одбрана, донесе Одлука за определување на бројот на кандидати кои се запишуваат на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“- Скопје, во студиската учебна 2024/2025 година, чие образование се финансира од Буџетот на Република Северна Македонија.
Со одлуката е определено, во студиската учебна 2024/2025 година да се запишат 44-ца студенти/питомци како редовни студенти, од кои 25-мина студенти/питомци за потребите на Министерството за одбрана – Армијата на Република Северна Македонија; како и тројца студенти/питомци за потребите на Војската на Црна Гора; шестмина студенти/питомци за потребите на вооружените сили на Босна и Херцеговина; петмина студенти за потребите на управување со кризи и петмина студенти за потребите на заштита и спасување.
Согласно Законот за Воената академија, како што е образложено од ресорното министерство, на Академијата можат да студираат и припадници на вооружените сили на странски држави и странски државјани.
Владата, на предлог на Министерството за одбрана, донесе и Одлука за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово.