Македонија
(Видео) Петрушевски: Пожарите се подметнуваат намерно, а СДС се сити и се обидува да печали политички поени
Пожарите се подметнуваат намерно, а СДС се сити и се обидува да печали политички поени, оцени на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Како што рече, на неколку локации каде се локализирани пожари и во Скопско и низ државата се забележани гуми кои се фрлани со цел да се распламти и разгори пожарот.
„На одредени места пронајдени се и ракавици, а пред два дена во Чучер Сандево и дрва потопени во бензин. Очигледно е дека како еден пожар се гаси, друг некаде веднаш се пали.
Институциите на системот макотрпно работат и ги гасат и локализираат пожарите секој ден. Од друга страна некој во државата сака истата да ја пеплоса.
Според информациите кои ги имаме, а ги објавија и институциите, одредени лица се веќе под истрага, а едно лице е лишено и од слобода“.
Според Петрушевски, додека институциите се борат да ја заштитат секоја педа земја, СДС тера политика и се обидува да ќари некој политички поен.
Чудна е, појаснува тој, поврзаноста на пожарите и брзината на СДС да изреагира.
„Народот многу добро гледа СДС што прави, и за тоа следува казна на изборите“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
До сабота ќе биде претежно облачно и релативно топло со повремени локални врнежи од дожд
Облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните делови (локално над 30 l/m² за 24 часа). Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 8, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, облачно со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
До сабота времето ќе биде претежно облачно и релативно топло со повремени локални врнежи од дожд. Во западните и јужните делови врнежите ќе бидат пообилни (локално над 30 l/m² за 24 часа). Од недела ќе има стабилизирање на времето.
Македонија
Муцунски на НАТО-состанок за Коридор 8: Потребнa e зајакнaта регионална поврзаност
На маргините на министерскиот состанок на НАТО, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на покана на италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани попладнево учествуваше на тематски состанок посветен на проектот „Коридор 8“, кој ја поврзува Република Северна Македонија со регионалната инфраструктура и пристаништата во Албанија, Бугарија, Грција и Романија и е препознаен како клучна точка за интеграција на Западен Балкан со пошироката европска мрежа.
На состанокот беше нагласена потребата од зајакната регионална поврзаност, особено имајќи ги предвид актуелните безбедносни ризици и динамичните геополитички промени. Притоа беше потенцирана заедничката определба за интензивирање на координацијата и комуникацијата меѓу сојузниците во контекст на натамошната модернизација на Коридор 8 – стратешка инфраструктура со растечко геополитичко значење.
Учесниците се согласија дека целосната реализација на Коридор 8 ќе донесе значајни стратешки, економски и безбедносни придобивки. Во светло на најновите геополитички случувања во Европа и пошироко, сојузниците ја потврдија неопходноста од забрзано вложување во Коридор 8 како дел од пошироката европска и евроатлантска безбедносна архитектура.
Македонија
Куновска по оставките во СДСМ:„Сите дома, тој останува“
Поранешната пратеничка и функционерка во СДСМ, Софија Куновска, на „Фејсбук“ објави критички статус откако вчера, на барање на партискиот лидер Венко Филипче, оставка поднесоа сите членови на раководството на СДСМ – освен самиот Филипче.
Во статусот, Куновска поставува низа прашања за тоа дали партијата „драматично тоне“ под негово водство и дали, како што пишува, самостојно ја водел кадровската политика во партијата, вклучувајќи ги кандидатурите за градоначалници и советници, „во консултација со Муртино“.
Таа понатаму прашува дали Филипче ги обликувал сите политики, изборот на тим и фирма за кампања, како и дали, без согласност на партиските органи и без координација со пратеничката група, пишувал резолуции и се нудел за широка коалиција „што јавно, што скриено“, при што, како што наведува, „постојано се туркал во прегратките на Мицкоски“.
„Исход, сите дома, тој останува“, пишува Куновска.
Таа додава дека, доколку тоа „уште еднаш помине кај интелектуалците и членството во СДСМ“, партијата ќе продолжи да се задолжува „додека не се потроши и зградата“, а сите ќе станат средство „во функција на личните интереси на неколку криминални ликови“, чии дела, според статусот, треба да застарат.
Куновска напиша и дека, според неа, Филипче „никогаш немал на памет идеја дека е дојден да победува СДСМ“, додавајќи дека „цената за овие туѓи бели дворови ќе ја плати не само СДСМ, туку и ВМРО–ДПМНЕ и сите граѓани на Македонија“.

