Македонија
(Видео) Петрушевски: Скандалозен тендер од половина милион евра на Управата за матични книги
На повидок е нов скандал на власта, овој пат во Управата за водење матични книги, која ја води Бујар Дардишта, со набавки тешки милиони евра за софтвер и хардвер за дигитализација, посочи на денешната прес-конференција претеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
„Според податоците објавени во печатените медиуми, Управата за матични книги во март годинава склучила договор за дигитализација на матичните книги во висина од 480.000 евра со фирмата ‘Новатек Инв’. Сомнеж фрлаат две работи, прво фирмата е формирана само месец дена пред да се јави на тендерот, и второ сумата на договорот во целост се поклопува со проценетата цена на договорот, а која не била објавена во повикот“, нагласи Петрушевски.
Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ кажа истакна дека сомнежите стануваат уште посилни, доколку се навлезе подлабоко во процедурата.
„За разлика од голем број други тендери од овој калибар, Управата не пропишала услов за минимален праг на приходи во период од една, две или три години, со цел да се види финансиската стабилност на фирмата. Не се барале ниту референци како број на сработени проекти и реализирани договори. Но за разлика од условите кои се однесуваат на фирмата, Управата пропишала услови кои упатуваат на економскиот оператор, како аналитичар, програмер, администратор. Значи имаме услови за работниците, но не и за фирмата. Се фрла сомнеж дека однапред е планирано фирма без портфолио да го добие овој тендер“, нагласи Петрушевски.
Тој кажа дека „Новатек Инв“ била формирана на 11 декември минатата година, односно само три месеци пред да го добие тендерот.
Нејзиниот основач Љирим Фетаи претходно работел во реномираната „ИТД Дистрибуција“.
„’ИТД Дистрибуција’ е капитално поврзана со ‘Инфософт системс’, која добила од Управата за матични книги исто така тендер, еден ден по склучениот договор помеѓу Управата и ‘Новатек Инв’ и тоа во висина од 434.000 евра, исплатени на таа фирма за набавка на хардвер. Исто како и во случајот со ‘Новатек Инв’ и овде имало само еден понудувач“, рече пратеникот од опозициската партија, најавувајќи дека во текот на утрешниот ден ќе бидат изнесени нови податоци кои фрлаат уште поголем сомнеж за злоупотреба на народни пари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

