Македонија
(Видео) Петрушевски: Сопственикот на илегалната дрога, рамо до рамо со Венко Филипче, јасно е кој седи позади дрогата
Со денови ги слушаме СДС и Филипче, во прашална форма како лажно ја обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ за некаков шверц на дрога, па го мешаат Томовски, и кој се уште не, но, еве ја вистината на дело.
Откриваме фрапантен податок и фотографија, која покажува директна инволвираност на Венко Филипче со шверцот на илегалната дрога. Венко и газдата на фабриката со илегалната марихуана – еден до друг, истакна на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче на телевизиско интервју, кажа дека нема никаква врска со вистинскиот сопственик на Фирмата „ЦБД Медплант“ и поранешен функционер на СДС, Тони Котев, а како што гледаме на сликата тие двајца добро се познавале и соработувале.
Венко Филипче и Тони Котев, рамо до рамо еден до друг.
Венко Филипче и СДС, наместо секојдневно да прашуваат и да шират невистини и манипулации, треба да одговорат на вистинското прашање, зошто се толку потресени и толку силно водат кампања за овие заплене на околу 30 тони дрога? Дали во СДС се исплашени затоа што Филипче и Заев се вмешани во трговијата со дрога? Затоа ли Филипче добро знае колку камиони требаат за одредена количина на дрога? Затоа ли во 2023 година го променија правилникот за одгледување на канабис? Колку милиони требале да заработат и на овој криминал“.
Според него, каде има чад, има и оган.
„Каде има криминал и корупција, таму се и Филипче и Заев. Ако порано се велеше дека сите патишта водат кон Рим, денес сите патишта за криминал и корупција, водат кон Филипче и Заев“.
Го повика ЈО, да ја истражи поврзаноста на Филипче и Заев, во случајот со 30-те тони запленети дрога.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Димитриевски: Владата на Мицкоски им ги скрати субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра
Од времето на СДСМ кога субвенциите беа 140 милиони евра, Мицкоски ги намали на 100 милиони евра. Ова е огромен удар врз земјоделците, врз нивниот труд, нивните семејства и егзистенција, оценува Александар Димитриевски од СДСМ.
„Пред избори, ВМРО ОКГ на земјоделците им ветуваше 180 милиони евра субвенции.
Наместо да ги зголемат субвенциите, ги излажаа земјоделците. Сега им ги намалија за 80 милиони евра помалку од тие што им ги ветува. Дополнително им ги усложнија условите.
80 милиони евра директно одземени од маката, трудот и егзистенцијата на земјоделците, од луѓето кои произведуваат храна.
Мицкоски ги понижи и ги измами земјоделците“.
Како што додаде, кратење има на сите страни и усложнување на условите, со зголемување на прагот за добивање на субвенции.
„Кај поледелските култури, кај пченицата, кај лозарството и овоштарството, намалени субвенции за тутун, за кокошки.
Ги укинаа сите добри мерки што ги воведе владата на СДСМ. Ја укинаа авансната исплата на субвенциите, земјоделецте останаа без сигурност, без поддршка, без чувство дека трудот им се вреднува.
Оваа влада крати од сите, само за да има за сопствениот луксуз, само да има за криминални тендери.
Нема пари за минимална плата од 600 евра, нема пари за повисоки субвенции за земјоделците, ама власта има пари за криминални тендери, нов авион, за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“.
СДСМ, посочи тој, бара итна ревизија на програмата, враќање на средствата и вистинска поддршка за малите и средни земјоделци.
„Земјоделството не смее да биде жртва на криминалните политики на ВМРО-ОКГ“.
Македонија
„Падна една недопирлива, победи јавниот притисок“ – Левица за оставката на антикорупционерка Цвета Ристовска
Од партијата Левица денеска реагираа на оставката на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), оценувајќи ја како директна победа на јавниот притисок, вистината и истрајноста на нивната партија во разобличување на, како што велат, клиентелистичките структури.
„Оставката на Ристовска не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните врски што ја компромитираа Комисијата. Тоа е признание дека фактите беа неоспорни и дека јавноста не може повеќе да се лаже,“ се наведува во соопштението од партијата.
Од Левица потсетуваат дека тие јавно ги обелодениле фактите поврзани со, како што велат, непријавени интереси и компании на синовите на Ристовска, кои добивале милионски средства од партиски каси, како и наводното системско прикривање во рамки на ДКСК.
„Сите обиди за релативизирање, за правни акробации и за прикривање зад бирократски флоскули паднаа во вода“, додаваат.
Покрај тоа, од партијата бараат да се ревидираат и одблокираат предметите поврзани со: директорот на АНБ, Бојан Христовски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, компанијата „Сити Аутсорсинг“, во врска со директорот на СОЗР Ивица Томовски и добиените 161 јавна набавка.
„Ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ, без исклучок. Секој функционер кој мисли дека може да ја злоупотребува функцијата или да се штити зад партиски чадор, треба да знае дека следниот предмет може да биде токму негов“, се вели во партиското соопштение.
Од Левица упатуваат повик до сите службеници, институционални вработени и граѓани кои располагаат со информации за корупција и клиентелизам да продолжат да ги доставуваат до партијата.
„Левица ќе ги штити изворите и бескомпромисно ќе ја изнесува вистината во јавноста.“, уверуваат.
Соопштението завршува со зборовите: „Денес падна една ‘недопирлива’. Утре ќе паднат и други. Борбата продолжува.“
Македонија
Цвета Ристовска поднесе оставка од Антикорупциската комисија: „Никогаш немав намера да прикријам информација“
Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, поднесе неотповиклива оставка од функцијата, која ја доставила до претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Во писмото, Ристовска наведува дека одлуката ја донела по „неделни јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со нејзината работа“ во Комисијата. Таа вели дека целата своја професионална кариера, вклучително и работењето во ДКСК, ја извршувала „законито, совесно и со најдобра намера“.
„Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста“, наведува Ристовска во оставката.
Таа потенцира дека во секоја ситуација во која постоела можност за судир на интереси, побарала изземање согласно законот, и отфрла дека имала намера да прикрие информации.
„Напротив, ги почитував законските обврски. Убедена сум дека секој што извршува јавна функција, мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет“, додава таа.
Претходно, ДКСК отвори два предмети за Ристовска, за проверка на судир на интереси и непријавување имот.
Ова е нов случај на оставка во Антикорупциската комисија за помалку од една година. Во 2025 година, оставка поднесе и тогашната претседателка Татјана Димитровска, откако против неа беше поднесен обвинителен предлог за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат, поврзани со случајот „Адитив“.

