Македонија
(Видео) Поплавени куќи, евакуирани луѓе – ЦУК за последиците од невремето во Крива Паланка
Во попладневните часови општина Крива Паланка ја зафати силно невреме со обилни врнежи од дожд, во градот и околните села. Притоа дојде до нагло зголемување на водостојот на Крива река, Домачки Дол и Киселичка река. Од зголеменото ниво на Крива река дојде до излевање на истата од минор коритото и поплавување на брегот на Крива река.
На бројот 112 е пријавена опасност од излевање на вода на пат, во моментот во Домачки Дол се интервенира со една машина. Со една машина се интервенира и во населба Бегови Бавчи.
„Има пријава за постоечка опасност за поплавување на новоизградени куќи и објекти. Има и поплавена куќа во место викано Толинци кај Пролетер во Крива Паланка, а во куќата има луѓе кои треба да се евакуираат. Отсечено е с.Т‘лминци со 20 жители, од надојдената река преку мостот“, велат од ЦУК.
ТППЕ Крива Паланка и ДЗС Крива Паланка во моментов се на испумпување на вода од семејна куќа на место викано Тополки. Пријава дека има надојдена вода во долот од гробиштата на кај патот што оди за село Конопница веќе водата зафаќа куќи. Надојдени се водите на Куков Дол и моментално се работи со машина.
„Екипите на Ј.П. Македонијапат се излезени на терен и работат на расчистување на свлечиштето и нормализирање на сообраќајот. Заседаваше кризниот штаб – Крива Паланка и потоа членовите се упатија на терен. Остварен е контакт со градоначалникот на општина Ранковце кој што извести дека е на терен со надлежните локални служби и ја следат состојбата на лице место и засега нема никакви опасности, нема пријавено поплавено земјиште и поплавени објекти и кажа дека ќе прати градежна машина на критичните места-мостови на Крива Река“, додаваат од ЦУК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Жерновски: Портпаролката на Владата потврди дека Мицкоски управува со судовите
Денеска сакаме да отвориме една многу битна тема. Вчера се случи нешто што досега не е видено во Македонија, тоа е да претставник на владата и тоа портпарол со скандалозно признание фактички потврди она што СДСМ цело време го кажува, а тоа е дека судската власт во нашата држава е директно под контрола на извршната власт, изјави Андреј Жерновски, член на Извршниот одбор на СДСМ.
Според него, Марија Митева вчера на телевизиска дебата кажал дека Мицковски го контролира судството.
„Портпаролката на владата има податоци за мојот процес против МНР, процес којшто сеуште не е завршен. Она имаше податоци за тоа каква е пресудата. Значи јас пресудата не ја дознав од адвокатите, не ја дознав од судот, туку ја дознав од владата на нашата држава којашто ги има податоците не само за предметот, туку каков е и текот на самиот процес. Ова се зборовите. ‘Само немојте како изгубената жалба против претседателката Силјановска’, односно ‘моите информации’, ја цитирам портпаролката, ‘говорат декави е изгубена жалбата’“, рече Жерновски.
Според него, тоа значи дека владата на Мицковски има информации од судот за самиот процес.
„Ова всушност значи дека процесиците во судството, особено против владата, против органите, против министерствата, пресудите се донесени пред да биде воопшто разен самиот предмет. Ова е еден голем скандал“, рече Жерновски.
Тој кажа дека очекува понатамошна истрага за тоа кој судија или кој од владата ги има овие информации. Даваме нон-стоп примери за тоа што се случува со судството.
Жерновски вели дека сега е исто како во времето на Груевски.
„Исто како во времето на оној на којшто морам да му го споменам името и на којшто режим повторно почна да не потсетуваат овие денови. Тоа е режимот на Груевски. Затоа и авионот нонстоп оди до Будимпешта кај Груевски. Не е битно кој е пилотот. Битно е што контролорот на летање на владиниот авион е Никола Груевски. Така да од сега кога ќе слушнете Груевски како вели она на М веќе не мисли ниту на Мерцедес ниту на Мајбах. Денеска она на М е Мицкоски“, рече тој.
Македонија
Стаменкоска – Трајкоска даде отчет за сработеното во првите 100 дена од мандатот
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска – Трајкоска, денес го презентираше отчетот за сработеното во првите 100 дена од нејзиниот мандат. Под слоганот „100 дена, 100 дела“, таа истакна дека општината работи со несмалено темпо, ставајќи го фокусот на резултатите.
„Со реализирани 5 километри нов асфалт, со отворено ново кино и интензивна работа на над 20 крупни капитални проекти, покажавме дека динамиката не запира. Некои од овие зафати се веќе завршени и пуштени во употреба, додека други се во напредна или завршна фаза. Голем дел од овие проекти ги реализираме самостојно, а значаен дел со силната поддршка од Владата. Тоа се заеднички инвестиции со една единствена цел: подобар, побезбеден и пофункционален живот за сите“, рече Стаменкоска – Трајкоска.
Како потврда на оваа динамика, градоначалничката посочи дека развојот се мери со видливи чекори и дека се реконструирани клучни сообраќајници, меѓу кои „Ѓорѓи Димитров“, „527“, а при крај се и зафатите на улиците „Жил Верн“ и „Саса“ со нејзините краци.
Паралелно, додаде таа, се гради фекална канализација во Бабин Дол, а во завршна фаза е изградбата на атмосферска мрежа на ул. „Томе Арсовски“. Во моментот трае изградбата на два паркинга, како и на две од предвидените 10 детски катчиња, едното во село Драчево, другото во Дупки.
Градоначалничката Стаменкоска – Трајкоска посочи дека Кисела Вода воведе нови стандарди во комуналната хигиена.
„За првпат, поставени се 15 специјализирани контејнери за селекција на текстилен отпад пред месните заедници, а во фаза на изработка се уште 15 за пред училиштата. Првиот тон текстилен отпад е веќе складиран. Во рамки на бројните еколошките акции, исчистени се 27 диви депонии, а преку договорената соработка со ЈП Национални шуми, најавено е засадување на 3.000 нови садници“, рече таа.
Во делот на општествениот живот, како историски успех Стаменкоска – Трајкоска го издвои отворањето на кино во село Драчево, прво кино во село после времето на Југославија.
За најмладите, рече таа, приоритет останува целосното укинување на листите на чекање во градинките.
„На прагот сме да отвориме две нови градинки во „11 Октомври Згради“ и „Подстаница“, а во полн ек е изградбата на објектот во „Расадник““, информираше градоначалничката.
Истовремено, додаде Стаменкоска – Трајкоска со владина поддршка се вршат доградби во училиштата „Невена Георгиева Дуња“ и „Кирил Пејчиновиќ“, како и изградба на ново училиште во селото Драчево. Се инвеестира и во спортската инфраструктура преку изградба на сали во училиштата „Круме Кепески“ и „Кузман Јосифовски Питу“, како и во целосната реконструкција на култната сала „Расадник“ преку соработката на Министерството за спорт и општината.
„Покрај изградбата на спортски сали, силен акцент ставивме на едукацијата и инклузијата: наставниците по физичко поминаа специјализирани обуки за работа со деца со попреченост. Дополнително, обезбедивме бесплатни часови по шах за младите, а со оглед на тоа што шахот е воведен како изборен предмет, спроведовме и соодветна стручна обука за наставниот кадар. За прв пат ја воведовме манифестацијата Спортист на годината која планираме да прерасне во традиција“, посочи градоначалниката.
Во делот на социјалната заштита и грижата за најранливите, општината ја прошири мрежата за поддршка со отворање на нов Центар за бесплатни логопедско-дефектолошки третмани во Драчево. Истовремено, во завршна фаза е едукативно-терапевтскиот центар во Црниче, кој ќе биде од клучно значење за децата со дислексија, дисграфија и дискалкулија.
„Ова е само почеток на една амбициозна приказна. Нашата крајна цел е целосна реализација на ветената програма. Ова беа само 100 дена. Ова се само 100 дела од бројните кои следат. Продолжуваме понатаму, заедно. Кисела Вода продолжува да биде општина што работи за вас“, порача градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
Во текот на ноќта и утре, врнежи од дожд и снег на планините
Под влијание на циклонска активност, во текот на ноќта и утре ќе има врнежи од дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места , а на планините од снег.
Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови каде се очекува да наврнат над 15 l/m² воден талог. На планините висината на снежната покривка ќе се зголеми од 10 до 15 см.
Потоа во следните денови времето ќе биде претежно стабилно со ниски утрински температури. За време на викендот ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во сабота наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.
Во Скопје, во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд. Потоа ќе биде стабилно со пониска утринска температура.

