Македонија
(Видео) Попов: Арсовска за 10 дена менува директор и поставува разузнавач, близок до ВМРО-ДПМНЕ
Скандалозните одлуки на градоначалничката од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, продолжуваат на директна штета на граѓаните на Град Скопје. За само десет дена, Арсовска го менува директорот на ЈП „Градски паркинг“, кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Новиот директор на Јавното претпријатие Бојан Христовски е контраразузнавач, поранешен припадник на Управата за безбедност и контраразузнавање кој нема добиено безбедносен сертификат за да може да се префрли во Агенцијата за национална безбедност, истакна на денешната прес-конференција Мартин Попов, советник од редовите на СДСМ во Советот на Град Скопје.
Неговиот татко, пак, рече тој, бил учесник на протестите и насилниот упад во Собранието на крвавиот четврток, на 27 април.
„По ниту еден професионален критериум Христовски не е соодветно решение за да води јавно претпријатие, освен што е кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Дополнително, Аросовска со промената во период од 10 дена на директор, ги потврдува сомнежите дека поставува некомпетентни кадри на високи раководни позиции во градот. За што Арсовска го има наградено Христовски со директорски ангажман? Арсовска треба да излезе пред граѓаните и да одговори на овие прашања. Сè што Арсовска направи во овие речиси три месеци од мандатот е на штета на граѓаните и на Градот“, потенцира Попов.
Според него, Арсовска го прекина Бас рапид транзит системот, поништи оглас за вработување пожарникари, наместо бесплатен превоз, воведе нов поскап билет во ЈСП, во време на енергетска криза не предвиде ниту денар за антикризни мерки, ги остави скопјани, како што рече, сами да се снаоѓаат со поскапувањето на парното, а јавните претпријатија и установи и администрацијата на Град Скопје ги наполни со кадри од ВМРО-ДПМНЕ
Додаде дека, Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ ниту можат ниту сакаат да работат за интересите на граѓаните.
„Скопје и скопјани не заслужуваат градоначалничка која наместо решенија нуди само оправдувања за проблемите на граѓаните“, кажа Попов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

