Македонија
(Видео) Потпишан етичкиот кодекс, функционерите се обврзаа на транспарентно и одговорно работење
На седница на Владата денеска беше потпишан кодексот за етичко однесување на носителите на јавни функции. По тој повод, заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, беше назначен за следење и спроведување на новиот кодекс.
Како што беше посочено на седницата, кодексот не ги опфаќа само членовите на Владата, министрите, туку и сите други функционери назначени од Владата. Тоа ќе важи и за директорите на самостојни органи, директори и членови на одбори на јавни претпријатија, раководни лица во акционерски друштва во државна сопственост. Основната намена на кодексот е обезбедување отчетно и транспарентно работење на функционерите на извршната власт, односно градење систем на интегритет и добро владеење.
Премиерот Зоран Заев изјави дека обврзувањето на кодексот значи почитување на уставноста, законитоста, професионалниот интегритет, ефикасноста, лојалноста, одговорноста и транспарентноста на Владата и на сите владини институции.
„Потписот е нашата согласност дека ги прифаќаме сите највисоки етички принципи за заштитата на човековите слободи и права при вршење на нашите функции и должности во рамките на Уставот, законите и меѓународните договори, ратификувани согласно Уставот на Република Северна Македонија“, истакна Заев.
Со донесувањето на новиот кодекс за етичко однесување, рече Заев, исполнета е и препораката на ГРЕКО за практично спроведување на кодексот и насоките преку посебен механизам, воведување мерки за санкции и почнување системско подигање на свеста за добро управување на лицата што вршат највисоки извршни функции.

Николовски, кој беше именуван за одговорен за следење на спроведување на кодексот, денеска на свеченоста се заблагодари за довербата.
Тој говореше за обврските за носителите на јавните функции. Една од нив е доставување на извештаи за службените трошоци на секои шест месеци. Овие извештаи ќе продолжат да се објавуваат на владината алатка за отчетност, која ќе биде надградена за да ги опфати сите функционери именувани од Владата.
Понатаму, функционерите треба да ги објават сите податоци за својата работа и работата на својата институција на веб-страницата. Односно, сите извештаи за работење, планови за работа, ревизорски извештаи, списоци на вработени, завршни сметки, т.е. сè што е од интерес за граѓаните кога станува збор за работењето на институциите финансирани од буџетот. Доколку не го сторат ова, тие ќе одговараат не само согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, туку и пред Владата.
Кодексот предвидува и обврска за функционерите да имаат јавно објавен записник за средбите кои ги имаат со лоби-организации и ќе бидат обврзани да го пријават секој сомнеж дека се во состојба на конфликт на интереси и да побараат препораки.

Заедно со Николовски, спроведувањето на кодексот, дополнително ќе го врши национален координатор за одговорно владеење и транспарентност.
Во случај на непочитување на одредбите од кодексот, претседателот на Владата може изрази несогласување, односно официјална критика за однесувањето на лицето што не го почитувало овој кодекс и укажување да го поправи однесувањето, при што тоа може и јавно да се објави; политичка одговорност, односно барање за поднесување оставка на носителот на извршна функција или предлог за негово разрешување и/или поднесување иницијатива за информирање надлежни институции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

