Македонија
(Видео) Се гради мост што ќе ги поврзе Аеродром, Гази Баба и Центар
Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, придружуван од градоначалниците на општините Аеродром, Гази Баба и Центар, денеска изврши увид во градежните работи за проширување на булеварот АСНОМ и за изградба на нов мост на реката Вардар.
На кејот на Вардар, Шилегов ги посочи деталите за новиот мост што ќе ги поврзува овие три скопски општини и ќе го олесни одвивањето на сообраќајот во градот.
„Остваруваме уште едно мое ветување, уште еден капитален проект што ќе го обележи мојот прв мандат како градоначалник на Скопје. Општините Аеродром, Гази Баба и Центар за помалку од две години ќе бидат поврзани со нов мост и модерно булеварско решение што ќе го релаксира сообраќајот во овој дел од Скопје. Денеска вршиме увид во градежните работи, досега работевме на проширувањето на булеварот АСНОМ, а од утре продолжуваме со изградба на нов мост на Вардар кој ќе ги поврзува улицата Васко Карангелевски во Аеродром со улицата Индустриска во населбата Ќерамидница во Гази Баба. Вкупната должина на трасата изнесува 400 метри. Самиот мост ќе биде долг 150 метри, со 6 коловозни ленти, како и велосипедски и пешачки патеки од двете страни. Вредноста на договорот за изведба на оваа фаза изнесува 365,6 милиони денари со вклучен ДДВ, а се предвидува да се заврши во рок од 550 дена“, рече Шилегов.
Тој најави дека по овој мост ќе сообраќаат и нови автобуски линии, кои дополнително ќе го намалат сообраќајниот метеж.
„По изградбата на овој мост и пробивањето на новиот коридор, од Ново Лисиче до Судската палата со автомобил ќе се стигнува за 5 минути, со автобус за 10 минути, со велосипед за 18 минути, а со пешачење за 35 минути. Со тоа, граѓаните на овие три општини може да заштедат и до 20 минути од времето поминато во сообраќај доколку ја изберат оваа рута. Изградбата на овој мост во планската документација на Скопје постои уште од 1965 година, но, за жал, поради отсуство на визија за развој на градот и немање чувство за вистинските приоритети неговата изградба била одложувана за некои подобри времиња. Од тие причини, за мене, недозволиво беше Аеродром како најнаселена општина и Гази Баба како општина со најголема економска активност да бидат поврзани со само еден мост наменет за моторен сообраќај, постојниот мост „Близнак“, нагласи Шилегов.
Град Скопје, дополни тој, продолжува да гради по план изнаоѓајќи сообраќајни решенија кои ќе обезбедат одржлива урбана мобилност за граѓаните, а тоа ќе значи побрз, поефикасен, побезбеден и поеколошки сообраќај во Скопје.
Покрај градоначалникот Шилегов, увид во градежните работи за проширување на булеварот АСНОМ и за изградба на новиот мост на Вардар денеска извршија и градоначалниците на општините Аеродром, Гази Баба и Центар – Златко Марин, Борче Георгиевски и Саша Богдановиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег, од следната недела заладување
Времето утре, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.

