Македонија
(Видео) Почна проширувањето и реконструкцијата на булеварот од Пинтија до Драчево
Градот Скопје денеска го почна проширувањето и реконструкцијата на булеварот Борис Трајковски, на потегот од крстосницата во Пинтија до мостот на Маркова река пред Драчево. На овој потег со вкупна должина од 2.325 метри ќе се изврши целосна замена на стариот асфалт со нов, проширување од две на четири коловозни ленти, изградба на пешачки патеки од двете страни на булеварот и велосипедска патека од едната страна. Kрстосницата пред мостот кај Драчево ќе биде заменета со кружен тек со дијаметар од 20 метри.
„ Овој булевар е една од артериите во нашиот град, кон него гравитираат педесетина илјади жители и поради тоа сметам дека со изработката на оваа делница и тоа како ќе го олесниме и осовремениме животот во овој дел од градот. Дополнително, на булеварот Борис Трајковски, на делот што сега го работиме, ќе биде поставена нова канализациска мрежа – и атмосферска и фекална. Изградбата планираме да трае неполни две години, бидејќи овде имаме и експропријација и отстранување на оградите. Градежните работи ќе чинат 212 милиони денари без ДДВ, средства кои се предвидени во Буџетот на Градот Скопје“ рече градоначалникот Петре Шилегов, на почетокот на градежните работи на овој значаен булевар.
Тој додаде дека во текот на оваа градежна сезона ќе се градат или реконструираат 11 градски сообраќајници, во неколку скопски општини.
„ Ова всушност е почеток на летната градежна офанзива на Град Скопје, па ги замолувам граѓаните да имаат трпение додека се вршат реконструкциите. Ќе бидеме брзи како и секоја година, што всушност стана препознатливост на оваа градска администрација и моја, како градоначалник. Да ги почитуваме сообраќајните режими бидејќи новата и квалитетна инфраструктура е гаранција дека Скопје чекор по чекор станува една поинаква приказна, дека Скопје чекор по чекор заличува на европска метропола“ нагласи Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Во текот на декември подигнати 𝟣𝟥 𝟢𝟢𝟢 тони комунален отпад во Скопје
Во текот на месецот декември 2025 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје подигна и транспортираше вкупно 13 000 тони комунален отпад од кантите во индивидуалните домувања и контејнерите поставени на јавни површини на територијата на градот Скопје, известуваат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, екипите на Претпријатието отстранија и 2200 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

Во текот на последниот месец од минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше голем број едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпад, при што се изготвени 225 записници.

Најголем број на записници – вкупно 85 – се врачени во скопската општина Kарпош“, се додава во соопштението на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.

