Македонија
(Видео) Премиерот доби дрес на Вардар
Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со ракометарите на РК ,,Вардар” кои на 2 јуни ја освоија титулата Европски првак, откако во финалето на завршниот турнир во финалето на Лигата на шампионите во Келн, Германија го совладаа унгарскиот ракометен клуб ,,Веспрем”.
„Ви честитам за титулата европски шампион, за среќата и радоста која ни ја приредивте, на нас, на граѓаните и на државата. Вие сте шампионите на нашите срца! Докажавте дека преку пријателството, професионалноста, искуството и посветеноста, можете да го направите народот толку среќен! Вие сте гордост на целата наша татковина и на сите граѓани и верувам дека сите ние ќе продолжиме да бидеме мотивација за идните генерации кои доаѓаат“, рече премиерот Заев на средбата на која присуствуваа и претставници на управата на Клубот, претставници на Македонската ракометна федерација (РФМ) и Агенцијата за млади и спорт (АМС).
Премиерот Заев рече дека е среќен што клубот „Вардар“ постои, повика на сплотеност и додаде дека државата ќе возврати со влог во спортот и преземање на сите потребни мерки за одржливост на Клубот.
,,На следната седница на Владата ќе предложам доделување на награда од 500.000 евра рече премиерот Заев, додавајќи дека Агенцијата за млади и спорт ќе додели дополнителни 100.000 евра, покрај веќе донесената одлука за доделување на 100.000 евра од Советот на Град Скопје. И веднаш, уште од денеска се посветуваме на мерките кои ќе ги преземеме за стабилност на Клубот, на исто ниво на кое е сега, но и за развој и успешна иднина понатаму. Нема поголеми амбасадори на нашата земја, од спортот и затоа сме посветени за изнаоѓање начини за понатамошна работа, преку законски решенија и со помош на државните институции“, рече премиерот Заев додавајќи дека стратешката цел на Владата е да се гарантира самостојност и развој на спортот, што веќе се презема со „ваучерскиот систем“, каде се обезбедуваат 6 милиони евра, со тенденција финансиската помош да порасне на 10 милиони евра.
Присутните се заблагодарија за приемот и укажаната поддршка, истакнувајќи дека спортот е исклучително важен за секое општество, за развојот на децата и идните генерации и е одличен импулс за соработка со приватните компании и државните институции.
Премиерот Заев од свое лично име, од име на членовите на Владата на ракометарите на „Вардар“ им додели плакета како знак за признание за освоената титула, Европски првак во Лигата на шампионите на Европската ракометна федерација за 2019 година.
„Со сите големи резултати на меѓународните спортски арени РК „Вардар“ е нашиот најголем спортски амбасадор со најдостојно место меѓу најголемите тимови на светскиот спорт“, се вели во признанието потпишано од премиерот Заев.
Од ракометниот клуб „Вардар“ премиерот Заев доби црвено-црн дрес со број еден, на кој е испишано неговото презиме. Ракометарите на „Вардар“, кои во својата историја по вторпат ја освоија титулата во Лигата на шампионите, на средбата со премиерот Заев го донесоа и шампионскиот пехар и топката од решавачкиот натпревар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

