Македонија
(Видео) Прес-конференција на Заев и Брнабиќ: Односите меѓу двете земји нема да се нарушат поради лажните вести
Лажните вести нема да застанат на патот на добрососедските односи меѓу Македонија и Србија, изјави премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата со српската колешка Ана Брнабиќ. Тој одговара на прашањето како пишувањата на српските медиуми за неговата вмешаност во случајот „Рекет“ може да влијаат на односите меѓу двете земји.
„Нам политичарите, знам јас по себе, должност ни е да работиме на градење на пријателството и секогаш да помогнеме сите да разграничиме што е тоа критичко новинарство, што се лажни вести. Треба да има критичко новинарство, тоа е многу здраво за демократијата, но истовремено лажните вести и невистините се штетни и ја уништуваат демократијата“, рече Заев.
Брнабиќ смета дека лажните вести на сите ни одземаат многу време и енергија и дека секогаш постои дилемата дали да се справите со лажните вести или да работите нешто во интерес на граѓаните. „Сè додека има повеќе конкретни иницијативи, заеднички проекти, директна комуникација, меѓусебни посети, тоа дава многу појасна слика за меѓусебните односи отколку сите други лажни вести. Но, лажните вести се нешто со кое ние политичарите во светот ќе мора да се пресметаме“, рече премиерката.
Запрашани за тоа дали разговарале за тоа што Македонија не ѝ го екстрадира на Србија поранешниот борец на Косовската ослободителна армија, Томор Морина, и двајцата премиери се согласија дека тоа е прашање на судството.
На прес-конференцијата премиерот Заев истакна дека заедно со топлото и срдечно добредојде за српската делегација, ја оцени оваа посета како уште еден придонес во негувањето традиционално добрососедски односи меѓу двете пријателски земји, кои се заеднички посветени на унапредување на регионалната соработка и на интеграцијата во ЕУ на нашиот регион, врз основа на индивидуални заслуги и резултати на секоја земја посебно.
„На средбата меѓу двете делегации и на тет-а-тет средбата со премиерката Брнабиќ, ја истакнав нашата заложба за одржување континуиран политички дијалог на највисоко ниво. Го искажав нашиот жив и силен интерес за одржување трета заедничка седница меѓу двете влади со цел поттикнување на понатамошната севкупна соработка. Тоа ќе помогне да му дадеме поттик и на денешниот значаен настан кога на граничниот премин Табановце – Прешево свечено го отворивме заедничкиот премин по принципот One Stop Shop и кој претставува реализација на една од целите на повеќегодишниот акциски план за создавање регионална економска област на Западен Балкан“, потенцира премиерот Заев и додаде дека овој проект е уште една круна на пријателството и добрососедството помеѓу двете држави.
На прес-конференцијата Заев информира и за трите спогодби што денеска беа потпишани: спогодбата за заедничко признавање доверливи услуги, кои се користат во земјите во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација од наша страна и ИОА и Министерството за трговија, туризам и телекомуникации од страна на Република Србија, што во пракса значи дека електронските документи издадени од институциите во Северна Македонија ќе бидат еднакво признаени и во Србија и обратно и на овој начин – за граѓаните од двете земји ќе се намалат административните процедури и времето потребно за издавање овие документи.
Вториот документ е спогодбата меѓу министерствата за финансии и царинските управи на Северна Македонија и Србија за заемно признавање на издадените одобрувања за овластен економски оператор и третиот е спогодбата за соработка во фитосанитарната област и областа на безбедноста на храната и ветеринарство помеѓу министерствата за земјоделсрво на двете земји.
„Нашите намери за продлабочување на инфраструктурното поврзување продолжуваат и во делот на идентификување заеднички интереси и настапи за добивање поддршка за транспортни, инфраструктурни и енергетски проекти од обостран интерес во согласност со насоките од берлинскиот процес, од кои се очекува економската компонента на односите меѓу двете земји да продолжи да се унапредува преку континуираните B2B (Би-ти-би) средби на секторско ниво, на бизнис-форуми, како и со заедничко вмрежување за настап на трети пазари“, нагласи премиерот Заев и додаде дека заедно со соработката во туризмот со заедничка промоција на туристичката понуда на двете земји на трети пазари од посебен интерес и со големи очекувања се работи на иницијатива за заемно отворање културно-информативни центри во Белград и Скопје како уште еден вреден сегмент што ќе го зајакне традиционалното пријателство меѓу Северна Македонија и Србија.
„Наша трајна и непоколеблива заложба е да ги решаваме сите отворени прашања во регионот преку инклузивен дијалог во интерес на сите граѓани со цел одржување на трајниот мир, развој на демократијата, економијата и животниот стандард на граѓаните“, истакна Заев во завршницата на своето обраќање на заедничката прес-конференција со премиерката Брнабиќ.
Претседателката на владата на Република Србија, Ана Брнабиќ, во своето обраќање се задржа на значењето на спогодбите што денеска ги потпишаа претставниците на двете влади, што ќе ѝ дадат конкретна поддршка на работата на концептот One-stop-shop, заедничко управување на граничните и царински контроли со едно застанување на граничниот премин Табановце – Прешево.
Брнабиќ го оцени настанот на граничниот премин како историски и како инспирација за сите други земји од Западен Балкан за ваков тип соработка, кој ги приближува земјите до моделот на земјите на ЕУ кон кои се стремат сите земји од регионот. Брнабиќ се согласи со премиерот Заев дека надминувањето на вредноста на трговската размена на двете земји од 1 милијарда евра во 2018 година е силен мотив соработката да продолжи насочена кон иднината, а иднината на двете земји е членството во ЕУ. Во таа насока претседателката на владата на Србија, Брнабиќ, изрази надеж дека Северна Македонија набргу ќе ги почне преговорите со ЕУ и дека Србија е подготвена да ја даде максималната поддршка за Република Северна Македонија за остварување на оваа цел. Премиерите на двете земји потоа одговараа на прашања од интерес на новинарите од двете земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.

