Македонија
(Видео) Претседателот Пендаровски го додели признанието „Успешни млади“ за 2021 година
Претседателот Стево Пендаровски, на церемонија во Кабинетот на претседателот, денеска го додели признанието „Успешни млади“ за 2021 година.
Признанието се доделува како поттик на научноистражувачката мисла и уметничката работа на младите во нашата држава.
Во категоријата „Најдобар млад научник во општествени науки“ носител на признанието е д-р Виктор Стојкоски, додека за Најдобар млад научник во хуманистичките науки e избран м-р Иван Антоновски.
За најдобар млад научник во природно-математички и технички науки е избран д-р Андреј Ристески, а за Најдобра млада научничка во медицински науки е избрана д-р Гордана Георгиева.
Во категоријата „Млад талент“ носители на признанието се Македон Димитровски, ученик во трето одделение во основното училиште „Лирија“ од Тетово и средношколецот Алексиј Тасиќ.
Признание за постигнат особен успех и за афирмација на инклузијата доби Нина Костовска, додека за најдобра млада уметничка е избрана Наталија Теодосиева.
Во своето обраќање на церемонијата претседателот Пендаровски рече дека како припадници на новата генерација македонски интелектуалци, овие млади луѓе се дел од креативното малцинство кое има потенцијал да направи значајни пробиви во своите области.
„Овие успешни млади луѓе се позитивен пример за нивните врсници, но и за генерациите што допрва доаѓаат. Нивниот пат до успехот не е ни малку лесен, бидејќи бара време и посветеност во континуитет. И затоа од државата мора да биде соодветно награден и вреднуван. Имено, токму тоа е главната цел на признанието ‘Успешни млади’ – да ја поттикне научната, истражувачката и креативната работа на младите“, рече претседателот Пендаровски.
„Но, со ова признание сакаме да постигнеме уште нешто, не помалку вредно – а тоа е да го намалиме иселувањето на младите, образовани луѓе“, рече претседателот Пендаровски, повикувајќи државата да им овозможи на сите млади таленти еднакви можности да напредуваат и да ги препознава и наградува најуспешните меѓу нив.
„Само така ќе можеме да ја вратиме довербата кај младите дека можат да успеат и тука, во нивната татковина со својот талент, со својот вложен труд и постигнати резултати“, рече претседателот Пендаровски.
Признанието „Успешни млади“ се доделува по трет пат за резултати постигнати во изминатата календарска година во областа на општествените, природно-математичките и техничките, хуманистичките и на медицинските науки, на млади со значајни достигнувања во уметничките и во културните практики, како и во категориите млади иноватори, таленти и успешни млади со попреченост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре претпладне претежно облачно, кон крајот на денот и во текот на ноќта со врнежи од дожд
Времето утре претпладне ќе биде претежно облачно, а кон крајот на денот и во текот на ноќта облачноста ќе се зголеми и најпрвин во западните делови, а потоа насекаде ќе има врнежи од дожд, а на повисоките планини слаб снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 8 до 12 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно, а попладне со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Утре кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од слаб снег. Во петок и недела ќе преовладува претежно облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег, а во сабота и понеделник ќе биде променливо облачно.
Македонија
Одбележан Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, денеска го одбележа 27 јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот.
На овој настан, заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, имаше поздравно обраќање при што оддаде почит кон жртвите и денешните наследници на македонските Евреи кои во 1943 година биле присилно депортирани. Тој нагласи дека, како полноправна земја членка на ИХРА, македонската Влада останува цврсто посветена на борбата против антисемитизмот, искривувањето на историските факти и негирањето на Холокаустот. Изрази надеж дека преку доследна едукација на младите генерации за Холокаустот ќе можеме како цивилизација да спречиме антисемитски акти во сите нивни форми.
Во рамки на настанот, обраќања имаа амбасадорката на Државата Израел, Вивиан Аисен, како и претседателот на македонската Еврејска заедница, Пепо Леви. Одбележувањето беше проследено со сведоштво за единствената преживеана Еврејка од Штип, Шела Алтараз. Ученици од Основното училиште „Димитар Влахов“ од Штип, изведоа краток сценски перформанс со наслов „Писмо од Треблинка“. Во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија беше отворена и изложба посветена на жртвите на Холокаустот, прикажана низ детска перспектива.
Нашата држава е полноправна членка на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот (IHRA). Во Скопје се наоѓа Меморијалниот центар на Холокаустот на македонските Евреи, како еден од ретките вакви центри во светот. Евреите од тогашна Македонија, во ноќите на 11 март 1943 година, биле присилно собрани и депортирани во логорот Треблинка, во окупирана Полска, од каде што никогаш не се вратиле во своите домови во Штип, Битола и Скопје. Станува збор за 7.144 жртви. Активностите на државата се насочени кон почитување на историските факти и зачувување на колективното сеќавање на Холокаустот, со јасна и трајна порака: никогаш повеќе.
Македонија
ЦУК: Состојбата по поплавите во Струмица се стабилизра
Состојбата по поплавите во Струмица се стабилизира, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од таму, исто така, наведуваат дека до овој момент во РЦУК Скопје нема пристигнато пријави за штети предизвикани од врнежите од дожд. Состојбата е редовна и континуирано се следи.
Струмички регион
Според информациите од ЕЛС Струмица, состојбата е стабилизирана и се бележи опаѓање на водостојот на реките Струмица и Тркања, иако на одделни места сè уште има појава на заезерување.
Поради излевањето на реката Тркања кај селата Сачево и Муртино поплавени се поголеми површини земјоделско земјиште, пластеници, како и дворови на куќи во с. Муртино. Во текот на денот ангажирани се 5 булдожери, 5 камиони со песок и 1 багер за интервенција на критичните локации.
Пријавено е дека надојдените води од реката Тркања кај месноста Шепово однеле 120 овци и 100 јагниња, сопственост на жител од с. Костурино.
Реката Плаваја во с. Подареш е со зголемен водостој. Екипи на ЕЛС Радовиш и ЈП „Плаваја“ извршиле санација и состојбата е ставена под контрола, без опасност од излевање.
Штипски регион
Поради врнежите од дожд зачестени се одрони и свлечишта на патните правци: Истибања – Делчево, Виница – Берово и Берово – Струмица. ЈП „Македонија пат“ – регион Исток континуирано интервенира и ги одржува патиштата проодни, со апел за внимателно и прилагодено возење.
Во Штип пријавен е срушен потпорен ѕид на улицата „Љубен Иванов“, при што се оштетени две паркирани возила и е блокирана една сообраќајна лента. По завршување на увидот од СВР Штип ќе се пристапи кон расчистување.
Водостоите на водотеците се зголемени, но се во рамките на коритата и засега нема опасност од излевање.

