Македонија
(Видео) Адвокатите бараат одложувања на судењата на СЈО поради набиена агенда, судот не попушта
Адвокатот Димитар Дангов, кој го брани обвинетиот Сашо Срцев, не дојде на денешното рочиште за предметот „Титаник 2“ бидејќи брани обвинет во предметот за крвавиот четврток, за кој денеска исто така има судење. Без неговото присуство, судењето не може да почне.
Судијата Огнен Ставрев рече дека судењето е закажано пред повеќе од 1 месец и ова однесување на адвокатот е несериозно и затоа ќе го казни Дангов. Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека нема да дозволат да се одложи судењето поради оваа причина. Адвокатот Боро Тасевски рече дека за разни предмети на СЈО имаат по неколку рочишта во еден ден и не можат да стигнат. Судијата даде половина час пауза за Срцев да се договори да го застапува некој од адвокатите на Сашо Мијалков. Адвокатот на Мијалков, Љупчо Шврговски, рече дека приоритет има притворскиот предмет во предметот за крвавиот четврток.
Специјалната обвинителка Фетаи пред судот рече дека СЈО има разбирање за семејните односи на обвинетиот Срцев, но дека адвокатот цел месец знаел оти има рочиште и во двата предмета и дека требало навреме да си обезбеди замена.
На денешното рочиште треба да сведочат четворица сведоци, поранешни членови на ДИК, меѓу кои Виолета Дума, Борис Кондарко и Субхи Јакупи.
Во предметот „Титаник 2“ на СЈО за изборни нерегуларности обвинети се ексдиректорот на УКБ, Сашо Мијалков, Мендух Тачи од ДПА, потоа Бедредин Ибраими, Сашо Срцев, Анета Стефановска и Влатко Сајковски, поранешни членови на Државната изборна комисија. Мијалков е обвинет за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание, а другите за злоупотреба на службената положба и овластувањето.
И за овој случај снимките од прислушуваните разговори може да се користат како докази во судската постапка. Некои од овие снимки беа објавени и од нив може да се чуе разговор меѓу Мијалков и Тачи како договараат како да гласа членот на ДПА во ДИК, Бедредин Ибраими, за некои приговори за локалните избори во 2013 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.
Македонија
Ако не се реши проблемот со превозниците, ќе трпи цела Европа, порача Николоски од Загреб
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски порача дека доколку не се изнајде решение за проблемот со превозниците и електронската евиденција за престој и работа во шенген-зоната, тоа ќе претставува сериозен удар не само за македонската и регионалната економија, туку и за економијата во цела Европа.
Николоски денеска во рамки на работната посета на Загреб оствари средба со Лука Буриловиќ, претседател на Стопанската комора на Хрватска, на која беше потенцирана клучната улога на транспортниот сектор во развојот на регионалната економија и негативните последици што би ги имале ограничувањата во работењето на превозниците од земјите од Западен Балкан.
Според Николоски, ваквата состојба претставува сериозна закана за економската стабилност и развој доколку не се изнајде соодветно решение во рамки на Европската Унија, со што професионалните возачи нема да се третираат како туристи или мигранти, туку како професионалци кои ја извршуваат својата работа.
На средбата беше разговарано и за унапредување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу двете земји. Николоски изрази надеж дека размената ќе продолжи да расте и дека во иднина може да достигне и до една милијарда евра.
Претседателот на Стопанската комора на Хрватска, Буриловиќ, оцени дека економската соработка меѓу двете држави е добра и оти постои голем потенцијал за нејзино унапредување, особено преку директна соработка меѓу компаниите, како и преку развој на инфраструктурата, вклучително и железничката.
Македонија
Ѓорѓиевски објави видео: Скопското Кале целосно исчистено и уредено
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави видео на своите официјални профили на социјалните мрежи, со порака дека скопското Кале е целосно исчистено и уредено.
Преку својата изјава, градоначалникот Ѓорѓиевски истакнува дека грижата за културното наследство и јавните простори останува еден од приоритетите на Град Скопје.
Тој потенцира дека Скопското Кале, како симбол и гордост на градот, заслужува континуирано внимание, одржување и заштита, со цел да се зачува неговата историска вредност и да се обезбеди пријатна и безбедна средина за сите посетители.
Од Град Скопје велат дека и во иднина ќе продолжат со активности насочени кон унапредување, одржување и промоција на културно-историските знаменитости во главниот град.

